Ангеловски и агентот на Елмас: Сега сфаќате ли каков играч е Елиф?!

Елиф Елмас во последните два натпревари за Наполи беше стартер, а довербата која му ја даде Џенаро Гатузо ја возврати со два фантастични погодоци, еден против Специја во Купот на Италија и еден вчера во победата над Парма.

Македонскиот дијамант силно блесна на стадионот „Диего Марадона“, по што честитки стигнаа од сите страни, а големи пофалби доби од неговиот агент како и селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.

Ангеловски даде изјава за италијанските медиуми и посочи дека разговарал со Елмас по неговото вчерашно шоу.

„Не сум изненаден од перформансите на Елмас. Очигледно е дека формацијата 4-3-3 му одговара и може да прави што сака на теренот. Сега во Наполи ќе разберат за каков играч се работи. Тој ќе биде важен играч на клубот и несомнено има квалитет да ја направи разликата на теренот, дури и во комплицирана лига каква што е Серија А. Вчера му се јавив и му честитав за настапот и неговите игри во изминатиов период. Очекувам во наредните натпревари да ужива уште повеќе слобода и да му се крене самодовербата“, истакна Ангеловски.

И агентот на Елиф, Георге Гарди, е убеден дека нашиот иден лидер на македонската репрезентација е играч за врска од кого може да се очекува двоцифрен број голови доколку продолжи да игра во ваков ритам.

„Многу сум среќен што ги користи приликите. Уште пред неколку месеци тврдев дека тој е играч за врска од кого може да се очекуваат двоцифрен број на погодоци и еве сега докажува дека може да бележи такви цифри. Вчера играше на позиција која му одговара и може да биде поактивен во нападот на Наполи. Се виде дека кога почнува од првата минута, може многу да придонесе за екипата отколку кога влегува од клупа и игра само неколку минути. Мојот клиент се надева дека формацијата 4-3-3 ќе му овозможи да биде поконстантен“, посочи Гарди.

Магичниот погодок вчера против Парма ја натера јавноста сосема заслужено да го споредува Елмас со Меси и Марадона.

 

- Оглас -

Најнови вести