Астон вила станува кошмар за Арсенал

Со голот постигнат по само 74 секунди од стартот на мечот, Астон вила стигна до минимална победа против Арсенал, во дуел од 23. коло на Премиер лигата. Оли Воткинс го искористи киксот на гостинските дефанзивци и успеа да ја затресе мрежата на гостите уште во втората минута, а на крајот тоа се покажа како клучен момент.

Воткинс е во одлична форма и погодува на последните три меча за Астон вила, нешто што не му успеало на ниту еден друг фудбалер на овој тим во последните 10 години. Последен кој погодувал на три средби во низа е Дарен Бент во 2011 година.

Астон вила сезонава ги освои максималните шест бода во дуелите со Арсенал, затоа што тимот од Бирмингем во првиот дел од сезоната победи во Лондон со 3:0. Ако се знае дека Астон вила се радуваше и на мечот одигран во јули минатата година, тогаш може да се каже дека Топчиите полека добиваат комплекс од овој ривал.

Во тимот на Арсенал дебитираше голманот Мет Рајан, кој е првиот Австралијанец што брани за Топчиите по пауза од 42 години. Последен пат тоа бил Џон Космина на меч од УЕФА Купот против Црвена ѕвезда во декември 1978 година. Со тоа што прими гол по само 74 секунди од дебито, Рајан влезе меѓу неславните чувари на мрежата кои имале деби во кое примале гол во првите две минути.

Погодокот вреден три бода на Астон вила може да го видите ТУКА. 

 

- Оглас -

Најнови вести