Баерн имаше авионска драма и тоа на денот кога се случи минхенската катастрофа

Датумот 6 февруари во европскиот фудбал се памти како еден од најтрагичните, затоа што на овој ден во 1958 година на аеродромот во Минхен се случи трагедија кога се сруши авионот со кој патуваа фудбалерите на Манчестер јунајтед. На точно 63 години од несреќата, играчите на Баерн Минхен се најдоа во една незгодна ситуација.

Баерн синоќа гостување во Берлин против Херта. Мечот требаше да се игра во 20:30 часот, но беше презакажан за 30 минути порано, како би можеле гостите да имаат време да се вратат назад, а потоа и да отпатуваат кон Катар, каде треба да играат на Светското клупско првенство.

Сепак, наместо синоќа да отпатуваат од Берлин, авионот со играчите на Баерн остана на пистата без да тргне и тоа поради задоцнување од само 30-тина секунди. Аеродромот во Берлин не дозволува полетување во периодот од полноќ до шест часот наутро, па авионот со кој требаше да летаат играчите на германскиот првак не се подготви за полетување непосредно пред полноќ.

Играчите принудно останаа во Берлин, а рано утрово отпатуваа за Минхен, каде потоа тргнаа на пат кон Катар. Баерн во полуфиналето на Светското клупско првенство ќе игра против Ал Ахли од Каиро, а дуелот ќе се игра в понеделник.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести