Бајиќ: Поддржете ги овие чесни момци кои даваат максимум за македонскиот дрес

Македонија загуби од Швајцарија, па Словачка ја совлада Швајцарија, а за кругот да се затвори, потребно е македонскиот кошаркарски национален тим да ги надигра Словаците вечерва од 19 часот за целосна рамноправност на половина од претквалификациите за СП 2023, кои се играат во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

За разлика од дуелот со Швајцарија, вечерва ќе биде дозволено присуство на публика, на трибините ќе смее да има максимум 2.000 навивачи. Кошаркарите и стручниот штаб бараат поддршка од „шестиот играч“.

„Не ни годи поразот од Швајцарија, но и да победевме, немаше премногу да добиеме, како што не загубивме премногу со поразот. Можеби ни оди на рака победата на Словачка против Швајцарија, имаме уште три меча. Ги анализиравме грешките, немам замерки кон играчите, се бореа, но ни фалеа поени и тоа беше најголем проблем. Би рекол дека 80 проценти од играчите првпат добиваат посериозна улога во репрезентацијата, затоа и нервозата беше присутна. Се надевам дека притисокот ќе го снема вечерва и ќе бидеме посконцентрирани. Важно е да продолжиме со добра одбрана, да примиме под 70 поени и да го кренеме нивото на нападот. Словачка е добра екипа, мора да имаме сериозен пристап и да се обидеме да дадеме што повеќе лесни поени“ – вели селекторот Драган Бајиќ.

Бајиќ ја чека првата победа на официјален меч како селектор на Македонија. Националниот тим е подмладен, од разни причини недостасуваат некои од носителите на играта, но Бајиќ има само пофални зборови за овие момчиња кои ќе се обидат да ја внесат нашата селекција во квалификациите за СП.

„Ја повикувам публиката да дојде во што поголем број, и да ги поддржат овие чесни момчиња кои даваат максимум за овој национален дрес. Свесни сме дека ни фалат доста играчи, со нив би било полесно и подобро би играле, но и овие што сега се тука заслужуваат полна поддршка. Нема да кукаме, одиме напред“ – вели Бајиќ.

- Оглас -

Најнови вести