Барселона не дозволи изненадување, Баерн му нанесе историски пораз на Челзи

Барселона и Баерн Минхен се последните два патници во четвртфиналето од Лигата на шампиони, откако вечерва на своите стадиони победија убедливо во мечевите против Наполи и Челзи. Каталонскиот гигант не дозволи изненадување на „Камп Ноу“ и со 3:1 го победи Наполи за вкупни 4:2 по двата меча со италијанскиот тим.

Уште во првото полувреме Барселона ги реши сите дилеми, кога ги постигна трите гола. Дефанзивецот Ленгле го најави триумфот, а потоа погодуваа и Лионел Меси и Луис Суарес. Погодокот на Меси беше ремек дело, но имаше и посебна симболика. Наполи е рекорден 35-ти клуб против кој Меси погодува во ЛШ. Ниту еден друг фудбалер во светот нема постигнато толку гола против различни ривали.  Наполи даде почесен гол преку Инсиње од пенал.

Баерн Минхен потврди зошто е еден од главните фаворити за титулата во ЛШ, откако по втор пат му одржа лекција по фудбал на Челзи. Откако баварците победија со 3:0 на гости, вечерва на „Алијанц Арена“ победија со 4:1, за вкупни 7:1 по 180 минути игра. Ова е прв пат Челзи да прими седум гола во еден двомеч во нокаут фаза во европските натпреварувања.

Роберт Левандовски повторно имаше свое шоу. Најдобриот напаѓач на Баерн даде два гола и стигна до бројката од 13 погодоци сезонава во елитното натпреварување на УЕФА, а вкупно 53 погодоци сезонава.

Со двете победи на Барселона и Баерн продолжи серијата на триумфи на домаќините. Откако се вратија возбудувањата во ЛШ и Лигата на Европа, досега беа одиграни 12 средби и во сите тие натпревари победуваа екипите кои ја имаа улогата на домаќин!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести