Барселона не смее да го вклучи последното засилување во тимот за мечевите од ЛШ

Најновото засилување на Барселона, Мартин Брајтвајт, нема да може да биде дел од мечевите во Лигата на шампионите, и тоа поради стриктните правила кои важат во натпреварувањата на УЕФА. Брајтвајт пред неколку дена пристигна на „Камп ноу“, како замена за повредените напаѓачи Суарес и Дембеле. Барселона доби посебна дозвола за да направи еден трансфер, а изборот падна на Брајтвајт, кој играше во Леганес.

Брајтвајт веќе дебитираше во дресот на Барселона и одигра одлични 20-тина минути во убедливата победа над Ејбар. Новиот играч успеа да асистира за четвртиот погодок на Лионел Меси, а потоа за малку ќе дадеше гол, но по одбиената топка на неговиот удар, Артур ја затресе мрежата на противникот.

Трансферот на данскиот репрезентативец беше направен по 1 февруари, односно по последниот рок кој УЕФА го има дадено за измена на составите во Лигата на шампиони. Без разлика што не смее да игра, Брајтвајт е во Неапол, а според тренерот Кике Сетјен, на тој начин новиот играч побрзо ќе се вклопи во новата средина.

- Оглас -

Најнови вести