Богатите Саудијци ќе купуваат ѕвезди за Втора лига, никој не се спасил од ситуацијата во којашто е Њукасл (Фото)

Њукасл повторно не победи во Премиер лигата, вечерва освои само бод во ремито 1:1 со Норвич и е во ситуација од која нема враќање, барем според традицијата.

„Црно-белите“ сè уште немаат победа во англиското првенство, имаат биланс од 7 нерешени и 7 порази, а досега само уште три екипи од 1992 година, кога е формирана Премиер лигата немале триумф по 14 кола и сите испаднале.

Во 1994 година Свиндон се пресели во понизок ранг, а немаше победа по првите 14 кола и идентична судбина имаа и Квинс парк ренџерс во 2013 година и Шефилд јунајтед лани.

Во случајот на Њукасл се чини е и најлошата ситуација, бидејќи клубот неодамна доби богати газди од Саудиска Арабија преку Јавниот фонд за инвестиции, ПФИ, и планот беше да се купат неколку мегаѕвезди и од идната сезона да се тргне во поход на титулата во Англија.

Сега позицијата е многу лоша за Њукасл и тимот е на последното место само со 7 бода, без ниту една победа и со традиција која виси како Дамоклов меч и се заканува со преселба во Чемпионшип.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести