Дали Кристијано го надмина Пеле? Бразилецот тврди дека дал 1.283 гола

Откако синоќа се појави информација дека Кристијано Роналдо го надминал Пеле по бројот на голови на официјални мечеви, денеска се појавија контроверзни и различни толкувања околу вечната листа на најдобри стрелци.

Бразилскиот Крал на фудбалот, Пеле, на својот инстаграм-профил има ставено дека е стрелец на 1.283 гола. Тој уште во 2017 година, кога му честиташе на Кристијано Роналдо дека влегол меѓу петте најдобри стрелци во историјата, во честитката му порача дека има уште многу работа додека го стигне бидејќи Пеле тврди дека во кариерата дал 1.283 гола. Пеле си ги брои и головите на пријателски мечеви.

Но, податоците на ФИФА и РСССФ (Фондација за фудбалска статистика) кажуваат нешто друго. Најдобар стрелец во историјата на фудбалот е Јозеф Бичан, кој играл во периодот од 1933 до 1955 година и постигнал 805 гола (47 повеќе од Кристијано), и тоа само на 530 официјални меча. Чешкиот Австриец Бичан ако ги смета головите и на пријателските мечеви, се претпоставува дека би имал бројка од речиси 1.500 голови.

Кристијано е на 758 гола на 1.035 официјални мечеви, според повеќето статистики, Пеле има 757 на 815 официјални меча на клупска и репрезентативна сцена. Бичан почина во 2001 година и според ФИФА и РСССФ, има 805 официјални голови, но според некои податоци има „само“ 759 и Кристијано Роналдо веќе задутре на дербито на Јувентус против Милан може да го стигне.

Неодамна, Лионел Меси од Барселона го надмина Пеле по бројот на голови за еден ист клуб, но од Сантос, за којшто играше Пеле кога го постави стариот рекорд, не го признаа рекордот на Меси.

- Оглас -

Најнови вести