Европската куќа на ракометот ѝ додели на Македонија организација на уште еден континентален шампион во помладите категории, а одлуката личи на обид да се коригира катастрофалната одлука со која актуелниот европски првак Вардар е исфрлен од игра за одбрана на титулата и на нашата репрезентација не ѝ беше дозволено да игра бараж со Франција за СП 2021.
ЕХФ ѝ додели на Македонија организација на ЕП за ракометарки на возраст до 19 години што ќе се игра во 2021 година, а претходно бевме назначени за домаќини и на ЕП за кадети во машка конкуренција.
Двата шампионати ќе се играат следната година. ЕХФ минатата недела донесе чудна одлука нокаут-фазата во Лигата на шампионите да не се игра, а на Фајналфор турнирот во Келн да играат Барселона, Веспрем, Кил и Пари Сен Жермен. Тоа се четирите екипи што беа најдобри во фазата по групи, а прескокот на две фази што одлучи да го спроведе ЕХФ, без осминафинале и четфртфинале, ги оштети сите останати екипи, вклучувајќи го и европскиот првак Вардар.
Истиот ден ЕХФ донесе уште една одлука што е катастрофална за нашиот ракомет и ја прогласи Франција за учесник на Мундијалот следната година, а не ѝ дозволи на Македонија да го одигра предвидениот бараж двомеч со „триколорите“.
Вардар доби смешна отштета од 25 илјади евра, а Македонија ќе има уште една шанса за настап на СП 2021 година, откако од РФМ одлучија да конкурираат за вајлд карта.