Федерер го загуби првиот сет, па потоа се налути

Роџер Федерер покажа зошто е најдобриот тенисер кој некогаш играл на терените на Вимблдон. Швајцарецот, кој има рекордни осум титули на неофицијалното Светско тениско првенство, славеше со 3:1 во дуелот со Џорџ Харис од Јужна Африка.

Големиот фаворит лошо го отвори мечот и го загуби првиот сет со 3:6. Тоа како да беше знак дека Федерер треба да го зголеми темпото на игра, па вториот сет го доби со 6:1, и тоа само за 20 минути игра. Ништо поразлично не беше и во следните два сета, кои завршија со 6:2, 6:2 за Федерер. Едноставно, Харис во три сета заедно успеа да освои помалку гемови отколку што освои во првиот сет.

За Федерер ова е вкупно 96-та победа во кариерата на Вимблдон. За да стигне сезонава до јубилејниот 100-ти триумф, мора да игра најмалку до полуфинале.

За разлика од Федерер, четвртиот носител Доминик Тим е елиминиран на стартот. Тим го доби првиот сет со 7:6 против Сем Квери, но во следните три сета Американецот беше поуспешен со 7:6, 6:3, 6:0.

Од денешните мечеви, најинтересен беше дуелот на двајцата тенисери од Австралија, а на крајот се радуваше Ник Кирјос против Џордан Томпсон.

- Оглас -

Најнови вести