Шампионскиот стратег не е многу сигурен: Баерн има 50 отсто шанси да победи вечерва

Баерн Минхен имаше историска сезона во Лигата на шампионите и стана првиот клуб кој успеа да стигне до трофејот со перфектни 11 победи во 11 натпревари. Германскиот гигант сега ќе биде во улога на бранител на трофејот, а првиот меч го игра против Атлетико Мадрид, на „Алијанц арената“.

Тренерот на Баерн, Ханс-Дитер Флик, се претвори во своевиден херој откако со него на чело во клубот пристигнаа сите трофеи кои можеа да се освојат во минатата сезона. Баерн стана првак на Германија, ги освои Купот и Суперкупот на земјата, триумфираше во Лигата на шампионите, а како последен го освои трофејот во Суперкупот на УЕФА.

„Секако дека нашата желба е да оствариме нови успеси. Сепак, ќе биде неверојатно тешко да се повторат истите резултати како минатата сезона. Посебно ќе биде тешко да го одбраните тронот во Лигата на шампионите, каде што има многу добри противници. Треба да мислиме натпревар по натпревар и да се фокусираме само на секој следен дуел. Ни претстои долг пат“, вели тренерот Флик.

Во летниот преоден рок од Баерн си заминаа Филипе Кутињо, Тијаго Алкантара и Иван Перишиќ, а беа доведени Лерој Сане, Марк Рока и Даглас Коста.

„Овој тим е различен од тој од претходната сезона. Како и секој клуб, и ние имаме свои силни и слаби страни. Задоволни сме како ја започнавме сезоната, а многу важно ќе биде да избегнеме посериозни повреди на играчите. Видете што се случи со Вирџил ван Дајк во Ливерпул“, додава тренерот на Баерн, кој прогнозира дека шампионот и Атлетико Мадрид имаат еднакви шанси за успех вечерва во Минхен.

Пред мечот со Атлетико, најголем проблем за Баерн е тоа што Гнабри се покажа позитивен на корона-вирусот, па утрово целиот тим ги чека последните резултати од најновото тестирање пред дуелот со Атлетико Мадрид.

 

- Оглас -

Најнови вести