Фудбалот, ракометот и кошарката традиционално се најпопуларните три спортови во Македонија. Ако фудбалот на глобално ниво во Европа го има приматот на најпопуларен и најгледан, Македонија по тоа прашање е исклучок. Во Македонија како најпопуларен спорт веќе подолг период е ракометот.
Едноставно, обичниот навивач ја има загубено желбата да гледа фудбал во Македонија. Тоа се потврдува и од последните мечеви кои ги гледаме на домашна сцена во фубалското и ракометното првенство.
Изминатава недела ракометниот клуб Вардар по пауза од три години ја освои титулата во домашното првенство. Црвено-црните го имаа тоа задоволство, шампионскиот пехар да го потврдат со победа над вечниот ривал и сега веќе експрвак Пелистер. Во салата „Јане Сандански“ имаше повеќе од 4.500 навивачи кои се израдуваа на титулата.
Неколку дена по ракометната титула на Вардар следуваше фудбалскиот меч меѓу Вардар и Силекс на арената „Тодор Проески“. Мечот се игра во саботата, во 16 часот. Времето беше прекрасно, во Градскиот парк тој ден беше преполно со луѓе (се славеше 9 мај, Денот на Европа).
Сепак, ниту убавото време, ниту фактот дека Градскиот парк беше полн, а Вардар на овој меч можеше и официјално да ја слави титулата, на трибините на Арената немаше ни 1.000 гледачи. Очајно делуваше најголемиот стадион, посебно ако се знае дека Вардар шест години ја чека титулата во првенството, а на крајот едвај стотина „Комити“ славеа со фудбалерите на Вардар.
Добар дел од мечевите Вардар сезонава ги играше и на тренинг-центарот при ФФМ, „Петар Милошевски“. Црвено-црните пред почетокот на оваа сезона играа и во Конференциската лига на УЕФА. На дуелот против Ла Фиорита во Скопје имаше 3.500 гледачи, додека на мечот Вардар – Лозана имаше околу 6.500 навивачи, што е рекорд за Вардар во изминатиов период.
ОЧАЈНА Е СИТУАЦИЈАТА И ВО ПЕЛИСТЕР, СИЛЕКС, СТРУГА ТЛ, ШКЕНДИЈА…
И не е проблемот само во Вардар. Тоа му се случува и на Пелистер. Додека салата „Боро Чурлевски“ сезонава се полнеше до последното место на десетина мечеви од европска и домашна сцена, фудбалерите на Пелистер најчесто играат пред празни трибини. Единствено кога гостуваше Вардар се „мобилизираа“ фановите да покажат дека има некој да дојде и на стадионот.
Шкендија го реновира стадионот, но и тој клуб е со намален број навивачи на трибините. Да не зборуваме за Силекс и Струга ТЛ, каде што кога се гостува, е како да се оди на пријателски меч.
Од друга стртана, ракометен Охрид е во еуфорија сезонава. Рибарите се на прагот да завршат како втори во првенството, а допрва ги чека финале во ЕФХ и имаат шанса да ја завршат сезоната и со европски трофеј.
ВАРДАРЦИ ИМААТ ШАНСА ДА СЕ КОРИГИРААТ, ТИТУЛАТА ТРЕБА ДА СЕ СЛАВИ ПРОТИВ ШКЕНДИЈА ПРЕД ПРИСТОЕН БРОЈ НАВИВАЧИ
ФК Вардар уште не е официјално првак и можеби од една страна тоа е добро затоа што навивачите добиваат уште една шанса да покажат дека го сакаат фудбалот и во последното коло против Шкендија да дојдат неколку илјади фанови, да направат „фешта“ и на крајот да се израдуваат на пехарот, како што е редот за еден фудбалски првак.
Актуелните сезони во фудбалот и ракометот завршуваат, а според тековната ситуација, нешто мора драстично да се промени за конечно и кај нас фудбалот да биде најгледан спорт како што е тоа речиси во цела Европа.

