Ги мразат во Германија, си газат во Европа – Лајпциг има 11 години и е најмладиот клуб полуфиналист во ЛШ

Младоста е заштитен знак на Лајпциг, екипа која постои само 11 години и вечерва со победа против Атлетико Мадрид стана клуб со најкуса традиција што се пласирал во полуфинале во Лигата на шампионите.

Биковите постојат од 19 мај 2009 година и успеваа да рушат рекорди и во Германија со експресен поход кон Бундеслигата.

Почнаа како шампиони на Оберлига Југ во 2009/10, а потоа за четири сезони минаа уште четири ранга на натпреварување, сè до промоцијата како Бундеслигаши во 2016 година.

Само една година подоцна беа вицешампиони на Германија и се изборија за историски настап во Лигата на шампионите. Благодарение на моќниот спонзор Ред Бул, секоја година напредуваат и веќе стигнаа до полуфиналето во лускузното натпреварување, како најмлад клуб што успеал да се пробие меѓу четирите најдобри екипи во Европа.

Во Германија ги критикуваа поради моќниот спонзор Ред Бул, кој под свој патрон има неколку фудбалски клубови на планетата. На голем дел од стадионите во Бундеслигата навивачите протестираа кога на гости им доаѓаше тимот од Лајпциг, ги нарекуваат вештачки клуб, но тие вечерва стигнаа на два чекори од европската круна.

Следен предизвик за Лајпциг е Пари Сен Жермен во полуфиналниот меч закажан за 18 август со почеток од 21 часот на „Луж“ во Лисабон.

Рекордер од вечерва е и нивниот стратег Јулијан Нагелсман, кој наполни 33 години пред двесеттина дена, а сега стана најмладиот тренер што предводел екипа до полуфинале во Лигата на шампионите.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести