Ѓоковиќ: Мислев да тренирам, ама како кога во тоа време ќе игра Ѕвезда

Новак Ѓоковиќ со победа тргна во одбрана на титулата на Отворенот првенство на САД, но вечерва негова главна преокупација нема да биде тенисот. Популарниот Ноле е голем навивач на Црвена ѕвезда и иако е на американскиот континент, тој будно ќе ги следи случувањата кои вечерва ќе бидат во Белград на стадионот „Рајко Митиќ“.

Најдобриот тенисер во светот открива дека дури морал да го помести терминот на тренинг за да го следи дуелот на Ѕвезда против Јанг бојс.

„Сигурно ќе го следам дуелот на Ѕвезда против Јанг бојс. Првично имав резервирано терен за тренинг во три часот попладне, но потоа сфатив дека тоа е девет часот навечер по српско време, точно кога започнува дуелот во Белград. Затоа ќе го поместиме терминот за тренинг за подоцна… или можеби уште подобро е за порано. Не се знае како и кога ќе заврши фудбалот и дали ќе бидам во состојба да тренирам. Затоа можеби најдобро е да тренирам пред почетокот на фудбалот, а потоа да го следам дуелот на Ѕвезда“, рече Ѓоковиќ.

Ноле вели дека го гледал и првиот меч во Берн, но и дека не ги пропуштил двата дуелит против Копенхаген.

„Не е тајна дека цел живот навивам за Ѕвезда. За секоја пофалба е тоа што го прави тимот во последните три сезони“, додаде Ѓоковиќ, кој потоа ќе мора повторно да се фокусира на тенисот и дуелот од второто коло на Отвореното првенство на САД.

 

- Оглас -

Најнови вести