И Челзи со цел плен си замина од „Енфилд“ (видео)

Ливерпул го загуби и петтиот лигашки меч во низа одигран на домашен терен по поразот во вечерашното дерби од Челзи со минимални 1-0.  Агонијата за актуелниот англиски првак ја продолжи Мејсон Маунт со единствениот погодок на „Енфилд“ во 42-рата минута, по што Ливерпул за првпат во својата историја претрпе пет последователни порази на домашен терен во Премиер лигата.

Нападот на Црвените делуваше очајно, тоа го потврди и статистиката само од еден удар во рамките од голот на Менди, но Јирген Клоп и тоа како ќе има за што да се жали со оглед на тоа дека неговата екипа беше оштетена.

Спорната ситуација во шеснаесетникот на Сините се случи во 48-мата минута, кога ударот на Фирмино заврши во раката на Канте. Ниту судијата Еткинсон, а ниту ВАР не реагираше, по што резултатот остана само на еден гол во корист на гостите од Лондон.

ВАР-системот колку што го оштети Ливерпул, толку и му помогна во првиот дел. Милиметарски офсајд беше досуден при голот на Вернер во 24-тата минута, но тоа не е оправдување за големиот кикс на арбитражата вечерва.

Челзи со овој триумф застана на четвртото место на табелата со 47 бода, додека Ливерпул заостанува со 43 бода зад топ 4 местата на 11 кола до крајот на сезоната во Премиер лигата.

 

- Оглас -

Најнови вести