Ибрахимовиќ: Јувентус има среќа, да дојдев порано Милан ќе го освоеше Скудетото

Во свој стил Златан Ибрахимовиќ ја коментираше чудесната победа на Милан со голем пресврт и шест гола во дуелот со Јувентус, а вели дека Старата дама имала многу среќа сезонава.

„Јуве имаше многу среќа. Да дојдев порано во Милан, Скудетото ќе беше наше“, вели Ибрахимовиќ, кој пристигна во редовите на италијанскиот гигант во декември лани, од Лос Анџелес галакси.

Милан еден час делуваше загубено на теренот во дербито против Јувентус, домаќините губеа со 0:2, но токму инспирирани од ветеранот направија невиден пресврт, во краток рок од малку помалку од 20 минути.

„Ако не правам разлика на терен, нема воопшто повеќе да играм фудбал. Не дојдов во Милан да бидам маскота, туку да им помогнам на соиграчите, на клубот и на навивачите“, вели Златан.

Тој погоди во 62-рата минута од пенал за 1:2, а само четири минути подоцна му подготви ситуација на Франк Кеси за израмнување на 2:2.

„Јас сум и претседател и тренер и играч, а штета што ме плаќаат само како фудбалер“, се пошегува 38-годишниот напаѓач на Милан.

Поттикот што им го даде при првите два гола на соиграчите беше многу важен на дербито, а Португалецот Леао и хрватскиот репрезентативец Анте Ребиќ со по еден погодок го комплетираа пресвртот што се случи од 62-рата до 80-тата минута со покер голови на домаќините.

„Не знам што ќе биде со мене понатаму. Има уште еден месец до крајот на сезоната. Дали навивачите на Милан ме гледаат за последен пат? Можно е“, додаде Ибрахимовиќ.

 

- Оглас -

Најнови вести