Јуначкото срце на Мухова – Повредена сигурниот пораз го преточи во херојска победа

Чешката тенисерка Каролина Мухова приреди невиден подвиг и повредена и на работ на елиминација, успеа да се врати комплетно и да ја елиминира најдоброрангираната светска тенисерка, Ешли Барти, во четвртфиналето на Отвореното првенство на Австралија.

Мухова губеше со 1:6 и 1:2 кога поради болки во стомачните мускули побара медицински тајмаут и од тој момент ситуацијата на „Род Лејвер арената“ комплетно се сврти во нејзина корист.

Успеа веднаш да израмни на 2:2 во гемови и да го врати минусот од еден брејк, а потоа ѝ одзеде и сервис на Барти за израмнување на 1:1 во сетови.

Чешката тенисерка се разигра, Барти делуваше деконцентрирано и се случи чудо и најголемиот успех во кариерата на 24-годишната тенисерка од Оломуц.

Мухова го доби и третиот сет, направи феноменален пресврт за победа од 1:6, 6:3 и 6:2 и за прво полуфинале во кариерата на гренслем-турнирите.

На турнирот досега елиминира две гренслем-шампионки и двете со титули од Ролан Гарос, Барти и Остапенко, а на патот до полуфиналето беше подобра и од поранешниот број 1 на ВТА листата, Каролина Плишкова.

Во полуфиналето ќе игра против врсничката Џенифер Брејди, која исто така со пресврт и со 2:1 во сетови ја елиминира сонародничката Џесика Пегула.

Во второто полуфинале ќе играат Наоми Осака и Серена Вилијамс.

Во машка конкуренција утрово се одигра еден меч од четвртфиналето, а руската пресметка ја доби Данил Медведев, и тоа убедливо со 3:0 против Андреј Рубљев.

Медведев ќе игра во полуфиналето против победникот од дуелот Рафаел Надал и Стефанос Циципас. За место во финалето на првиот гренслем-турнир во сезоната битка ќе бијат и Новак Ѓоковиќ против Аслан Карацев.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести