Ќе биде ли пак тандем со Нејмар, ќе му се приклучи ли на Гвардиола или ќе ги прифати кинеските милиони од Интер?

Иако многумина веруваа дека Лионел Меси до крајот на кариерата ќе остане верен на Барселона, сепак тоа многу веројатно дека нема да се случи. Аргентинецот денеска првпат писмено побара да си замине од „Камп ноу“ и многу веројатно дека тоа е неговата последна и конечна одлука.

Џабе ќе бидат молбите на навивачите на Барселона да не си оди играчот со кој се поврзани последните 33 освоени титули на шест различни фудбалски полиња.

Веќе на големо се зборува кој е дресот што треба да го облече Меси во новата сезона. Во игра се три најреални опции. Меси сигурно нема да остане во Шпанија, а три земји се во опција за негов следен дом. Манчестер сити од Англија, францускиот првак ПСЖ или италијанскиот Интер се во најтесна трка за потписот на Меси.

Според финансиската моќ, сите три клуба кои се спомнуваат, може да си дозволат да го имаат Меси. Доколку Аргентинецот прифати да замине во Пари Сен Жермен, тоа ќе биде повторно соединување со неговиот одличен пријател Нејмар. Бразилецот и Меси беа незадржив тандем и заедно се радуваа на титула и во Лигата на шампионите, која токму таа му недостасува на ПСЖ.

И ако замине во Манчестер сити, Меси ќе најде стар пријател. Тоа е тренерот Пеп Гвардиола. Шпанскиот стратег се прослави токму како предводник на Барселона, кога со каталонскиот гигант во една сезона освои шест титули. Пеп многу добро го знае капацитетот на Меси и како да го извади најдоброто од аргентинскиот виртуоз.

Интер е трет на листата на клубови кои го сакаат Меси. За разлика од Сити и ПСЖ, кои мечтаат за првата европска титула, Нераѕурите имаат трофеи од Лигата на шампионите, но сега нивна цел е да се вратат на старите победнички патеки. Ако отиде во Интер, повторно ќе се врати ривалството на Меси и Кристијано Роналдо. Португалецот е дел од Јувентус, па ќе биде навистина интересно да се гледа како би играле двајцата најдобри фудбалери на денешницата во Серија А еден против друг.

Меси си оди од Барселона, останува да се види неговиот следен предизвик.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести