Европското првенство во фудбал, презакажано за 2021 година, ќе се игра во планираните 12 града, потврди УЕФА. Откако се појавија шпекулации дека уште се чека согласност дека и Билбао и Рим остануваат коорганизатори на ЕП, УЕФА попладнево потврди дека дефинитивно и таму ќе се играат мечеви, но можно е да има поместувања во распоредот.
Евро 2021 треба да се игра од 11 јуни до 11 јули следното лето.
Шампионатот требаше да се игра низ цел континент како дел од прославата на 60-годишнината од првиот шампионат на Стариот Континент, но епидемијата со Коронавирусот доведе до одложување за една година.
Италија и Шпанија се најзагрозени од Коронавирусот според бројот на починати, па од Рим и Билбао се бараа и дополнителни потврди. Останатите градови домаќини се: Копенхаген, Букурешт, Амстердам, Даблин, Будимпешта, Глазгов, Баку, Санкт Петербург, Минхен и Лондон.
Отварањето му припаѓа на Рим, а завршницата е закажана за во Лондон, каде што ќе се игра финалето.
Шанси за настап има и Македонија, ако дома го победи Косово веројатно во септември, а потоа во октомври или ноември во финалето со Грузија или Белорусија на гостински терен.