Ќе остане ли Велковски во Риека? Мишковиќ се закани: Кој нема да прифати помала плата, може да си оди

Риека веќе го објави планот за драстично намалување на платите, а сега сопственикот на клубот Дамир Мишковиќ најави дека на сите играчи што нема да се согласат, ќе им биде раскинат договорот.

Во групи од по 10-мина играчи сопственикот на 70 отсто на акциите во клубот, Мишковиќ, најави разговори со сите и потоа ќе биде јасно дали ќе има разделба со дел од фудбалерите.

„Мора секој во заедницата на Риека да даде свој придонес. Во спротивно, нема да постоиме. Веќе разговаравме со луѓето од младинскиот погон и со стручниот штаб кај сениорите. Сега е ред да поразговараме со фудбалерите. Во следните неколку дена во група од по 10 играчи ќе имаме разговори со сите. Кој нема да го прифати принципот да добива една третина од платата редовно, една по 6-9 месеци од почетокот на натпреварите и од една третина да се откаже, ќе му биде раскинат договорот“, изјави за националната хрватска телевизија Мишковиќ.

Мерките нема да важат за сите што имаат плата до 2 илјади евра, а меѓу нив не е нашиот репрезентативец Дарко Велковски. Стоперот на Риека има годишна плата од околу 360 илјади евра и ќе мора да се откаже од голем дел од парите до крајот на оваа година, ако го прифати планот на Мишковиќ.

Во слична ситуација е и Аријан Адеми во Динамо Загреб, а планот и на популарните модри е ист како и тој на Риека. Лидерот на табелата во НХЛ веќе го смени тренерот Ненад Бјелица, кој не ги прифати мерките на раководството на клубот, а и поголемиот дел од фудбалерите се спротивставија на кратењето на платите.

- Оглас -

Најнови вести