Дали е ова најава за 12-та титула за Вардар? Од ФФМ најавија фудбалско решение за дилемата дали ќе има првак за 2019/20

Фудбалската федерација на Македонија сè уште нема донесено одлука дали Вардар ќе биде прогласен за шампион на Македонија во сезоната што е прекината поради пандемијата со корона-вирусот.

Сигурно е само дека Пелистер и Беласица ќе бидат нови прволигаши од следната сезона, а никој нема да испадне во овој циклус, па во 2020/21 ПМФЛ ќе има 12 клубови.

„Фудбалската федерација на Македонија до овој момент нема донесено одлука за тоа дали ќе има првак во сезоната 2019/20. За ова допрва ќе одлучува надлежно тело во Федерацијата. Рокот е 30 јуни, до кој ФФМ може да ја испрати до УЕФА и листата со учесници во еврокуповите“, изјави генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски во интервју за МТВ 1.

Вардар до прекинот во март поради пандемијата со ковид-19 беше убедливо прв на табелата во ПМФЛ со 46 бода, 10 повеќе од Силекс и 11 од актуелниот првак Шкендија, а генсекот Поповски најави дека ќе има фудбалско решение.

„Можеби нема сите да бидат среќни, но сакаме да има фудбалско решение“, изјави првиот оперативец во ФФМ.

Грото од фудбалската јавност испрати честитики до Вардар за, според нив, заслужено освоената титула, но решението на комисијата за натпреварување сè уште не е донесено.
Црвено-црните стравуваат дека е можно да останат без 12-тата титула во клупската историја, иако фудбалско решение, како што најави Поповски, би значело единствена исправна одлука и доделување на пехарот на Вардар, кој беше убедливо најдобар во прекинатата сезона 2019/20.

- Оглас -

Најнови вести