Клоп го направи тоа што Ливерпул го чекаше 30 години, ама не е најдобриот германски тренер

Ханс-Дитер Флик ја доби наградата за најдобар германски тренер во изминатата сезона. Флик до ова признание стигна благодарение на одличната сезона што ја имаше со Баерн Минхен. Иако на почетокот на сезоната, Флик воопшто не беше во плановите на Баерн, тој беше принудно назначен за предводник на првиот тим, откако Роберт Ковач доби отказ поради слабите резултати.

Првично Флик требаше само неколку меча да биде тренер, но по добрите резултати, доби шанса да го води тимот до крајот на сезоната. Со него на чело, Баерн ја освои тројната круна. Баерн ги освои титулите во Бундеслигата, Купот на Германија и Лигата на шампиони. Ова беше сосема доволно за Флик да биде најдобар, пред Јирген Клоп.

Клоп со Ливерпул стигна до првата титула во Премиер лигата по пауза од 30 години, но тоа беше премалку да го надмине билансот на успеси на Флик. На крајот, Флик освои 223 гласа, а Клоп доби 164 гласови. Трет во гласањето на спортските новинари во Германија беше Кристијан Штрајх од Фрајбург со 40 гласови.

Флик стана само шестиот тренер во европскиот фудбал кој стигнал до тројна круна, влегувајќи во друштво на прославените тренери Сер Алекс Фергусон, Пеп Гвардиола, Жозе Мурињо, Јуп Хајнкес и Луис Енрике.

Освен Флик, награда доби и ѕвездата на Баерн Минхен, Роберт Левандовски кој беше прогласен за најдобар фудбалер во Германија за изминатава сезона.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести