Кога Меси диригира, Барса брилјира – Црвените не се задоволија со реми

Барселона се пласира во нокаут фазата од Лигата на шампионите со победата од 3-1 против Борусија Дортмунд. Лионел Меси во улога на диригент по кој пат успешно раководеше со магичното стапче, а Каталонците играа по неговите ноти. Во неговиот јубилеен 700-ти настап во дресот на Барселона, Аргентинецот запиша гол и две асистенции, поточно учествуваше во сите три гола.

Суарес се радуваше на погодок во 29-тата минута по проигрувањето на капитенот, а потоа за да не остане должен му врати на Меси со иста мера, па Барса по половина час дојде до двојна предност. Во второто полувреме една шанса искористи и Гриезман, повторно по асистенција на Меси. Милионерите до почесниот погодок стигнаа преку Санчо во 77-та минута за конечни 3-1.

На едно коло до крајот на групната фаза, Барселона има 11 бода и го завзема првото место во групата Ф, додека Интер славеше на гости кај Славија Прага со 4-1 и се изедначи со Дортмунд на табелата со по седум бода.

Ливерпул и Наполи ремизираа при конечни 1-1, резултат со кој не се задоволија двете страни, но повеќе му одговара на европскиот првак. Наполи изненади преку Мертенс во 21-та минутаа Ловрен донесе израмнување на половина час до крајот за конечни 1-1 на „Енфилд“.

Ливерпул сега има 10 бода, еден повеќе од Наполи, додека Салцбург беше неприкосновен на гостувањето кај Генк со 4-1 и со 7 бода ги задржа надежите за пласман во следната фаза.

Ајакс профитираше од ремито меѓу Валенсија и Челзи, па со победата од 2-0 на гости кај Лил го презеде првото место во групата Х со 10 бода, два повеќе од Лилјаците и Сините на едно коло до крајот.

Форзберг со два гола во судиското надополување го спаси Лајпциг од пораз против Бенфика, па тој дуел заврши со реми при конечни 2-2.

- Оглас -

Најнови вести