Кога татко на фудбалер на Челзи бил киднапиран, целата ситуација ја решил Роман Абрамович

Некогашниот нигериски репрезентативец и долгогодишен член на Челзи, Џон Оби Микел, откри како поранешниот газда на лондонскиот тим, Роман Абрамович, му помогнал кога му било најтешко.

Оби Микел раскажа како неговиот татко двапати бил цел на киднапери и вели дека точно знае низ што поминува сега фудбалерот на Ливерпул, Луис Дијас, чиј татко беше киднапиран, а вечерва беше ослободен по 13 дена поминати во заложништво. Оби Микел вели дека првиот пат кога бил киднапиран неговиот татко, фудбалерот решил да ја плати сумата која ја барале киднаперите. Во втората ситуација, Оби Микел добил голема помош од рускиот тајкун Абрамович.

„Точно знам низ што поминува Луис Дијас. Знам дека ова е тешко време за него, знам низ што поминува неговото семејство и тоа е тажно. Мене кога ми се случи тоа, имав голема поддршка од Челзи. Абрамович во еден момент ми рече дали сакам тој да помогне да го ослободат мојот татко. Се зачудив и прашав како ќе го направи тоа. Ми рече да не се грижам и да му кажам ако сум за таа опција“, открива Оби Микел, кој додава дека четири дена по тој разговор, неговиот татко бил ослободен.

Нигерискиот фудбалер беше дел од Челзи во период од 2006 до 2017 година и одигра над 370 натпревари за лондонскиот тим. Абрмович беше газда на Челзи до 2022 година, кога беше принуден да го продаде клубот кој го направи и европски првак.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести