Магичен камбек на Орландо против Клиперс, нов подвиг на Вестбрук (видео)

Орландо магично оствари пресврт на тешкото гостување кај ЛА клиперс и славеше со 103:96 само за 16-та победа сезонава, со која го спречија налетот на Ленарди со дружината по шест последователни победи.

Клиперси влегоа одлично во средбата со серија од 12-0 и се чинеше дека ова ќе биде уште еден лесен меч за тимот на Тајрон Лу. Сепак, по остварената предност од 16 поени во првото полувреме, Орландо се разигра и за брзо ја анулираше негативата постигнувајќи 66 поени во двете последни четвртини, наспроти 45-те поени на домаќините, кои останаа без шанса во последните секунди да се вратат во игра.

Ленард како најефикасен со 28 поени на средбата не беше доволен за Клиперс, додека Океке со 18 поени и Рос со 15 поени го предводеа Орландо до големото изненадување.

По историскиот трипл-дабл против Индијана, Расел Вестбрук направи нов подвиг во поразот на Вашингтон од Шарлот при конечни 104:114 на домашен терен. Имено, ѕвездата на Визардс е првиот играч во историјата на оваа франшиза кој забележа троен учинок на еден меч со најмалку 20 поени, 15 асистенции и 15 скока.

Вестбрук застана на 22 поени и по 15 скока и асистенции, меѓутоа тоа не му помогна на Вашингтон да го одржи победничкиот ритам.

Денвер сигурно го доби дуелот со Филаделфија при конечни 104:95, додека Феникс беше подобар од Атланта со 117:110.

- Оглас -

Најнови вести