Македонија уште еднаш покажа дека знае да сопре фудбалска суперсила и да одигра нерешено против Англија

Македонија одигра 1:1 против Англија во меч од последното коло во квалификациите за пласман на Европското првенство кое следната година ќе биде во Германија. Англија ќе игра на континенталниот собир, и тоа како прва во групата (20 бодови), а Македонија завршува на четвртото место со осум освоени бода од осум средби. Од нашата група, на ЕП ќе игра и Италија, која заврши со 14 бода, додека Украина, која извиси на третото место, исто така има 14 бода. Зад Македонија единствено е Малта без бодови.

Дуелот на арената „Тодор Проески“ започна со доминација на Англија, но освен теренската иницијатива, гостите единствената сериозна шанса ја имаа во 14-тата минута, кога Рајс ја погоди стативата.

Откако нашите фудбалери го издржаа почетниот притисок, покажаа дека може да му парираат на актуелниот европски вицепрвак, а кулминацијата се случи во 41-вата минута. Три минути претходно, беше фаулиран Бојан Миовски во шеснаесетникот на Англија, а по сигнализација од ВАР-системот, беше досуден пенал за Македонија.

Енис Барди шутира, голманот Пикфорд одбрани, но одбиената топка повторно дојде до Барди и ја затресе мрежата на гостите за голема радост на околу 30.000 домашни навивачи на арената „Тодор Проески“.

На полувреме Македонија водеше со 1:0, а вториот дел започна со целосна доминација на гостите. Најпрво Џек Грилиш постигна гол кој беше поништен поради офсајд, а потоа Хари Кејн само 20-тина секунди откако влезе во игра, успеа да погоди со глава по еден корнер изведен од Фоден. Кејн шутираше, топката во рамо го удри Јани Атанасов и заврши во мрежата. Овој автогол може да го видите ТУКА.

Во продолжение на мечот, Англија напаѓаше, но одбраната на Македонија издржа.

- Оглас -

Најнови вести