Милан во 90+2 го доби дербито против Лацио и повторно е лидер (видео)

Милан славеше со 3-2 во дербито против Лацио од 14-тото коло во Серија А, кое се одигра на „Сан Сиро“. Тео Ернандес е херојот на Росонерите со погодок во втората минута од судиското надополнување, со кој Милан ги освои потребните бодови да биде зимски првак во Калчото.

Составот на Пиоли стигна до удобна предност од 2-0 само по 15 минути игра. Прво Ребиќ со глава заби во 10-тата минута, а пет минути подоцна домаќините зголемија на 2-0 преку Чалханоглу од пенал.

Неизвесноста се врати откако и Лацио доби пенал во 28-мата минута, кој не го реализира Имобиле, меѓутоа Алберто беше на вистинското место и го совлада Донарума по одбиената топка.

Гостите притискаа што побрзо да израмнат и да се обидат да остварат целосен пресврт. Имобиле не згреши по вторпат, ја искористи асистенцијата од Милинковиќ-Савиќ и во 59-тата минута израмни на 2-2.

До крајот на дербито и двете екипи имаа шанси за трет погодок, особено Милан во последните пет минути, кога Ребиќ не искористи две големи ситуации. Се играше втората минута од судиското надополнување, кога Тео Ернандес беше највисок во скокот по корнерот и погоди за конечни 3-2.

Милан повторно е лидер со 34 бода, еден повеќе од Интер, додека Лацио останува на осмото место со 21 бод.

- Оглас -

Најнови вести