Мончи по враќањето во Севилја: Вториот дел од „Кум“ е подобар од првиот

По неуспешната авантура во Рома, Рамон Родригес Вердехо, или попознат како Мончи, се врати во таборот на Севилја, каде што повторно ќе ја извршува функцијата спортски директор. Мончи во својот прв мандат во Андалузија од 2000 до 2017 година ѝ помогна на Севилја да стигне до пет трофеи во Лигата на Европа, а неговите способности на трансфер-пазарот му заработија на клубот 200 милиони евра.

Сега е оптимист дека нема да се повтори неуспехот со „римската волчица“, па со интересна метафора најави уште подобра работа во Севилја.

„Одлучив да се посветам на проект на којшто најмногу му верувам. Тој проект се вика Севилја, чувствувам должност повторно да вложам голем труд во клубот кој најмногу го сакам. Спортскиот директор на Лидс јунајтед, Виктор Орта, еднаш ми кажа дека вториот дел од филмската трилогија „Кум“ е подобар од првиот дел“, истакна Мончи на прес-конференцијата.

По изненадувачката елиминација од Славија Прага во Лигата на Европа, Севилја му врачи отказ на тренерот Пабло Мачин, а Мончи вели дека треба да му се даде шанса на неговиот заменик Хоакин Капарос.

„Не треба веднаш да го отпишеме. Капарос е тренер со големо искуство, а Севилја ќе смета на него во следната година“, додаде Мончи.

По 28 првенствени меча во Ла Лига, Севилја е на шестото место со 43 бода и заостанува три бода во однос на четвртопласираниот Хетафе во борбата за местото кое води во Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести