Му го „украдоа“ голот на Елмас, но Дијамантот блесна доволно за Гатузо да го забележи

Џенаро Гатузо се израдува на првата победа како тренер на Наполи, а еден од најзаслужните за тоа е македонскиот репрезентативец Елиф Елмас. Новиот тренер на Наполи најави дека за Елмас тешко дека ќе има место во тимот, но мораше да му даде шанса во 70-тата минута, кога гостите бркаа триумф.

Дијамантот влезе и веднаш блесна. Елмас се најде на вистинското место во 94-тата минута, кога Наполи го изведе последниот корнер. Топката дојде на втората статива, каде што беа Елмас и домашниот играч Обијанг. Елмас подметна глава за да постигне гол, а играчот на Сасуоло во обид да го спречи Елмас да бие во голот, ја удри топката и сам си даде автогол.

Првично погодокот беше запишан на Елмас, а потоа Италијанците се коригираа и официјално стои дека тоа било автогол. Без разлика што Елмас не се води како стрелец на победничкиот гол, тој е најзаслужен за радоста бидејќи ако не беше на вистинското место, домашниот фудбалер сосема поинаку ќе реагираше.

Само за 20-тина минути поминати на теренот, Елмас му докажа на Гатузо дека е играч кој е квалитетен и секако може да му помогне на Наполи.

- Оглас -

Најнови вести