МЗТ со рекордна победа го понижи Работнички за водство од 1-0 во финалето

МЗТ Скопје Аеродром поведе во финалето на плејофот во македонското кошаркарско првенство со 1-0, откако на свој терен го прегази градскиот ривал Работнички со 80-44. Гостите ја добија првата четвртина, но снемаа сили, и МЗТ го искористи тоа за да го совлада актуелниот првак со најубедлив триумф во меѓусебните дуели.

Во целото второ полувреме Работнички даде само 12 поени (последната четвртина заврши 23-3) и тоа доволно говори што им се случи во вторите 20 минути, откако во првите беа рамноправни и се надеваа на гостински брејк.

Дамјан Стојановски со 17 поени беше прв стрелец кај МЗТ, додека Андреј Магдевски уфрли 13. Во поразениот тим, Марјан Јанески со 13 и Бобан Стаиќ со 10 беа двоцифрени. МЗТ имаше 14 скока повеќе и двојно помалку загубени топки. Работнички даде осум тројки, но пет во првиот квартал, додека после шутот им затаи.

Овој меч засекогаш во сеќавање ќе му остане на еден од најверните навивачи на МЗТ, кој на полувремето ја побара за жена својата долгогодишна девојка.

Вториот меч се игра во вторник вечер, а домаќин е Работнички.

 

- Оглас -

Најнови вести