На судијата од Романија не му е првпат да направи скандал, но синоќа стана светски негативец

Романскиот судија Себастијан Колтеску синоќа се стекна со светска „слава“, но во негативна смисла, откако поради неговото однесување како четврти судија беше прекинат натпреварот ПСЖ – Истанбул Башакшехир од Лигата на шампионите во фудбал. Средбата се прекина откако Колтеску на првиот судија Овидиу Хатеган му рекол „Исклучи го црниот“, мислејќи на помошниот тренер Пјер Вебо.

Навредените фудбалери, во прв ред Демба Ба, почнаа да се бунат за речникот на Колтеску. Одлучено беше средбата да се прекине и ќе се доигра денеска, од 18.55 часот, но со други судии, овојпат од Холандија, а Романците одат дома.

„Негру на романски значи црно, не сум расист“, кажа 43-годишниот Колтеску.

Колтеску, кој е роден во Крајова, ретко суди европски мечеви како главен судија, а во романската прва лига е стандарден од 2008 наваму, но неодамна беше во центарот на вниманието поради некои контроверзни одлуки на мечот Газ Метан – ФЦСБ (Стеауа). Пред пет години, тој ѝ поништи три гола на Стеауа на меч против Астра, а еднаш во 2013 година има покажано шест црвени картони на еден меч.

Романски фудбалски работници кои добро го познаваат, остро го напаѓаат, велат дека кариерата му е полна со темни дамки, нема меч на кој тој директно не влијае врз резултатот, а има и такви кои сметаат дека корупцијата кај романските судии е искоренета, но едноставно тие се лоши и неквалитетни делители на правда.

Реакции имаше и од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, а турски хакери му го нападнаа профилот на „Инстаграм“ и покрај слика од црните фудбалери на Башакшехир, му напишаа „Не за расизмот“ и поставија турско знаме.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести