Најубавата приказна од ОИ: Јамајканецот се позлати благодарение на волонтерката Тијана (видео)

Олимпијадата во Токио заврши пред неколку дена, за следниот планетарен спортски собир ќе се чека уште три години, а додека дојде моментот за олимпискиот оган да се разгори во Париз, ќе се споделуваат најубавите моменти и приказни од земјата на изгрејсонцето.

Токму јамајканскиот атлетичар Хансл Парчмент преку социјалните мрежи ја раскажа својата приказна за тоа како успеа да го освои златниот медал, благодарение на волонтерката Тијана Стојковиќ.

Имено, Парчмент за полуфиналната трка на 110 метри со пречки се качил во погрешен автобус и за малку ќе ја пропуштел трката, а на вистинското место се нашла Тијана која му позајмила пари за превоз по што Парчмент успеал да стигне на време и да избори пласман во финалето, во кое потоа триумфираше и се закити со златниот медал.

Во знак на благодарност, Парчмент по триумфот тргна во потрага по Тијана за да ѝ подари маичка, но и да ѝ ги врати парите.

„Морам да ви раскажам една приказна. За полуфиналната трка случајно се качив во погрешен автобус. Слушав музика со слушалки на мене и не обрнав внимание. Во еден момент приметив дека автобусот не се движи кон местото каде што требаше да слезам. Се јавив кај тимот, ми рекоа да се вратам во олимпиското село и да се качам во друг автобус за да ме донесе до арената, но знаев дека доколку го сторам тоа ќе задоцнам, односно ќе немам време за загревање и подготовка за трката. Се обидов на друг начин да најдам превоз, но луѓето тука многу ги почитуваат строгите мерки и ме одбија. Тогаш видов една волонтерка и морав да ја замолам да ми помогне, па ми позајми пари за такси и така стигнав на време за трката“, раскажа Парчмент, кој веќе го имаше освоено златниот медал и додека се снимаше беше тргнат во потрага по Тијана.

„Ќе ја побарам за да ѝ го покажам златниот медал кој го освоив благодарение на нејзината добрина. Моментално сум зад неа, а таа нема претстава што ќе се случи“, раскажува Парчмент.

Атлетичарот потоа ја изненади, ја претстави хероината Тијана на јавноста, па ѝ подари маичка од Јамајка и ѝ ги врати позајмените пари, покрај бројните заблагодарувања за нејзиниот гест.

- Оглас -

Најнови вести