Нашите северни соседи се баксузи, за два гола не се најдоа на СП

Ракометната репрезентација на Македонија имаше среќа во текот на вчерашниот ден да добие покана за настап на Мундијалот во Египет, добивме право како прва резерва на ИХФ на местото на Чешка, а потоа и Швајцарците добија место на СП на местото на Американците. Селекцијата на САД две децении го чекаше ова, но корона-вирусот им направи проблем, а големи малери се и Србите.

Нашите северни соседи беа дури шести на листата на резерви, реално немаа шанса да добијат покана, но жалат што поради само два гола на Европскиот шампионат, не се учесници на првенството на кое за првпат ќе има дури 32 селекции наместо досегашните 24. На претходното ЕП, Србија беше 20-та, но ако ја победеа Црна Гора, од која загубија со 21-22, ќе имаа многу подобар пласман и ќе беа дури втори на листата на чекање, веднаш зад Македонија, пред Швајцарија.

Египет и во 1999 година беше домаќин на ракометно СП, тогаш титулата ја освои Шведска, но Швеѓаните овојпат се многу ослабени и не се во првиот ред кандидати за трофејот. Тие се првиот противник на Македонија утревечер, а позитивна вест за нашата селекција е и што ќе нема публика бидејќи треба да играме и со домаќинот Египет.

- Оглас -

Најнови вести