Незаборавен меч – Шпанија ја победи Хрватска со 5:3 и постави европски рекорд (Видео)

Шпанија ја победи Хрватска со 5:3 во фантастичен меч на Европското првенство, а клучни беа головите на Алваро Мората и на Микел Ојарзабал во првото продолжение во Копенхаген.

Во регуларниот дел, мечот од осминафиналето на „Паркен“ заврши нерешено, 3:3, а и тука имаше многу драма. Шпанците си дадоа чуден автогол во 20-тата минута, кога Педри од 45 метри се обиде да му ја врати топката на голманот Симон, а овој ја промаши за 0:1.

Потоа со три гола по ред Црвената фурија беше на прагот на четвртфинале, што го одложија Оршиќ и Пашалиќ со голови во самиот финиш за незаборавен меч и 3:3 по регуларниот дел.

Во првото продолжение стигна и одлуката, а со две асистенции Дани Олмо им сервираше чисти ситуации на Мората и на Ојарзабал за голови во 100-тата и 103-тата минута.

Шпанија потоа не дозволи нова сензација, а од денеска Црвената фурија е и европски рекордер со два меча по ред на кои постигнуваа по пет гола.

Во последното коло во фазата по групи ја победија Словачка со 5:0, а и вечерва ѝ дадоа петка на Хрватска, нешто што досега од 1960 година и првиот шампионат не ѝ успеало на ниту една друга репрезентација.

Шпанија ќе игра во четвртфиналето на ЕП против победникот од дуелот меѓу Франција и Швајцарија, што ќе се игра во Букурешт вечерва од 21 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести