12.8 C
Skopje
четврток, 13 ноември 2025
Дома Blog Страница 10022

Полскиот трилер во Хоржов за Португалија

Со головите на Андре и Бернардо Силва и со автоголот на Гилк Португалија славеше мошне важна победа од 3:2 против Полска во Хоржов.

Гостите имаа негатива по прецизниот удар на извонредниот Кшиштоф Пјонтек, но експресно направија пресврт со два гола во првото полувреме.

Најпрво Андре Силва израмни, а потоа Камил Гилк си постигна автогол за предност на гостите од 2:1. Во продолжението уште еден Силва, Бернардо, погоди за 3:1, а со еврогол Блажичковски намали на 2:3.

Португалците не дозволија изненадување и со шест бода се први во третата група од А сегментот. Имаат шест бодови пред Полска и Италија со по еден бод.

Во дербито на колото во Ц сегментот, Србија ја победи Црна Гора во Подгорица со 2:0. Двоен стрелец беше Александар Митровиќ.

Во истиот сегмент Израел ја победи Шкотска со 2:1, а Романија на гости беше подобра од Литванија и забележа победа од 2:1.

Во нашиот Ц сегмент, но во третата група Косово ја надигра и победи Малта со 3:1, додека очекувано и Азербејџан славеше против Фарски острови, со 3:0 на гостински терен.

Без Меси покер на Аргентина против Ирак

И без главната ѕвезда Лионел Меси, Аргентина лесно го победи Ирак со 4:0 во пријателски меч што се играше во Ријад.

Лаутаро Мартинес, кој настапува за Интер погоди во 18. минута, потоа прецизен беше и Роберто Переира од англиски Ватфорд, а повторно ред беше за погодок за фудбалер кој игра во Серија А.

За 3:0 погоди Герман Пецела од Фиорентина, а за покер се погрижи Франко Серви, напаѓачот на Бенфика.

Мечот се играше на неутрален терен во Саудиска Арабија.

Турција и БиХ си фатија ред со ново реми

Турција и Босна и Херцеговина одиграа меч без голови во Ризе. Дуелот беше пријателски и заврши мирољубови. Домаќините имаа иницијатива и повеќе шанси, но мрежите на голманите мируваа.

Ова е втор меѓусебен дуел на овие селекции што завршува без победник, откако претходно на четири дуели по двапати славеа двете репрезентации.

Со нерешениот резултат БиХ ја продолжи импресивната серија без пораз, сега на седум меча по ред.

Стив Кер ќе му биде десна рака на Попович

Кошаркарската селекција на САД го комплетираше тимот на тренери кои ќе бидат одговорни за репрезентативните обврски во следните три години. На чело со тренерот на Сан Антонио, Грег Попович, стручниот штаб го комплетираат Стив Кер, предводникот на Голден стејт, долгогодишниот член и предводник на Индијана пејсерс, Нејт Мекмилан, како и тренерот на колеџ тимот од Универзитетот на Виланова, Џеј Рајт.

Оваа четворка на тренери ќе ја предводат репрезентацијата на Мундобаскетот кој ќе се одржи во Кина следната година, како и на летните Олимписки игри кои ќе се одржат во Токио 2020 година.

„Морав да ја искористам оваа шанса, која може да ми се пружи само еднаш во животот. Ќе ми биде голема чест да работам покрај Попович, мојот поранешен тренер и ментор. Исто така се радувам и на соработката со Мекмилан и Рајт, тие двајца се многу добри и иновативни тренери. Се надевам дека ќе имаме добра соработка и со нашите идеи ќе допринесеме да ги освоиме посакуваните златни медали на следните првенства“, истакна Кер.

Меси е миленик на навивачите – Убедливо најдобар според „Франс фудбал“

Лионел Меси е убедливо најдобар фудбалер на светот и тој треба да ја добие златната топка на „Франс фудбал“ според анкетата што ја спроведе медиумот, кој ја доделува наградата.

Меси доби околу 340 илјади гласови, или 48 проценти, дури 120 илјади повеќе од второпласираниот Мохамед Салах. Репрезентативецот на Египет има 220 илјади гласови, а трет е Кристијано Роналдо со само 8 проценти, или 56 илјади гласа. Мбапе и Модриќ се на делба на четвртото место во изборот на навивачите кои беа дел од анкетата на „Франс фудбал“.

Овој медиум ја објави листата од 30 кандидати, а добитникот ќе го одреди стручно жири.

MЗТ за една минута загуби добиен натпревар

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром загуби на гостувањето кај Сикст Приморска со 84:91, по петминутно продолжение. „Штрковите“ треба да жалат бидејќи прокоцкаа предност од 8 поени разлика на 79 секунди до крајот. После три кола во втората АБА лига, само Приморска и Сплит се со максимален учинок од 3-0.

МЗТ добро го отвори натпреварот, по водството на Приморска од 6-4, гостите направија серија од 8-0, а во два наврати (16-8 и 18-10), македонскиот тим водеше и со осум поени разлика, пред квартал да заврши со четири поени плус.

„Штрковите“ добро „летаа“ до 19 минута кога имаа 38-30 и напад, кој не го искористи Иванов, па Приморска со серија од 6-0 ја врати неизвесноста, но работата за МЗТ ја подисправи Медфорд со тројка и водство од 41-36 на голем одмор.

Третата четвртина, тимот на тренерот Кочов ја одигра очајно и во напад и одбрана. Медфорд и Стојановски беа единствените што даваа кошеви, а тоа не беше доволно, бидејќи домашните се разиграа и го решетаа кошот од повеќе страни.

Во последната четвртина се влезе со 61-55 за Приморска. Сето она што МЗТ го загуби ви третиот, си го врати во последниот период. На 79 секунди до крајот, македонскиот тим водеше со осум поени разлика, но Приморска со две тројки и двојка на Хоџиќ целосно се врати во игра за 33 секунди до крајот. Медфорд имаше прецизен шут за тројка, но времето беше истечено и средбата отиде во продолжение.

Екстра периодот донесе доминација на домашните, македонскиот тим не водеше ниту еднаш, и на крај загуби.

Вудард со 20 и Медфорд со 19 поени беа најефикасни кај МЗТ, но двајцата Американци имаа и 11 загубени топки заедно. Приморска собра неверојатни 19 офанзивни скока.

Парата врти….Кокорин и Мамаев ќе избегнат затвор, ако платат 23 милиони евра

Рускиот фудбал го тресе голем скандал, а во центарот на вниманието се актуелниот репрезентативец Андреј Кокорин од Зенит и порашнешниот член на националната селекција Павел Мамаев.

Двајцата се обвинети за физички напад на претставник на руското министерство за Индустрија и Трговија и вербален напад на Олга Ушакова вработена во рускиот „Канал 1“.

Им се заканува затвор во траење од пет години, а можат да избегнат преселба зад решетки, ако платат сума од 23 милиони евра.

Кокорин според рускиот закон ќе плати од 10,5 до 14 милиони евра, а Мамаев ќе мине со глоба од 7,5 до 9 милиони евра за да избегне долга затворска казна.

Интересно е што Кокорин лани играше за Зенит против Вардар во Европа Лигата и во Скопје беше стрелец на два гола во победата од 5:0.

Зоран Чоко Бошковски: Македонија живееше за фудбал, време е за нова еуфорија

Зоран Чоко Бошковски ќе биде едно од познатите лица, кои задутре пред мечот со Лихтенштајн во Лигата на Нации ќе продефилираат на националната арена во Скопје, при одбележувањето на убавиот јубилеј. Ќе одбележиме 25 години од првиот меч на македонската фудбалска репрезентација. На 13. октомври 1993 година ја декласиравме Словенија со 4:1 во Крањ, а нашиот Чоко беше стрелец на првиот гол за Македонија.

„Владееше некаква еуфорија, некаква убава атмосфера и во репрезентацијата и околу неа. Не може да се опише со зборови, тоа треба да се доживее. Бевме сигурни дека ќе ја победиме Словенија, излеговме на терен и го декласиравме противникот. Имаше многу Македонци на трибините, по моја проценка 4-5 илајди. Навиваа погласно и повеќе од домаќините, што ни даде дополнителен мотив. Акцијата по која Дарко Панчев ми асистираше за голот не се заборава. Низ глава во момент ми мина мислата `Еј јас сум стрелец на историскиот гол за Македонија`. Имавме неверојатно добра генерација на играчи со Дарко, Најдоски, Јаневски, Канатларовски, Бабунски… и да не заборавам некого. Штета што неколкумина од нив веќе беа во залез на кариерата, верувам дека можевме да постигнеме многу повеќе“, се потсети за СПОРТ МАНИЈА Бошковски, на историските моменти од Крањ.

Словенците беа преслушани на терен, а потоа на ред беа големите дуели со тогашниот европски првак Данска, со Белгија, Шпанија, Кипар…

„Данците го играа првиот меч како актуелни европски прваци со нас во Скопје. Кога ќе погледнев кон трибините мислев дека ќе се урнат. Мислам дека стадионот никогаш не бил пополн. Атмосферата беше бразилска и на такви мечеви, со таква поддршка едноставно не можеш да не дадеш се од себе. Бевме рамноправни со Данците и не им дозволивме да победат, иако веројатно мислеа дека тоа лесно ќе го сторат. Потоа следеа дуелите со Белгија, со Шпанија… Тоа беа натпревари за незаборав. Се сеќавам дека бевме во карантин во хотел во центарот на Скопје. Кога ќе излезевме на прошетка ни приоаѓаа луѓе и не бодреа `Ајде момци Македонци само храбро`. Се живееше за фудбал, едвај чекавме да играме за репрезентацијата“, додава Чоко.

Љубителите на фудбалот кај нас се уште чекаат голем резултат на А селекцијата и прв настап на ЕП, или СП.

Бошковски како помошник на селекторот Бобан Бабунски во младата селекција, во периодот од 2009 до 2014 година ги имаше на „радарот“ поголемиот дел од сегашните репрезентативци. Има нешто и од неговото искуство и знаење во развојот на кариерите на Стефан Ристовски, Кире Ристевски, Стефан Спировски, Ферхан Хасани, Илија Несторовски, Александар Трајковски… и помладите Николов, Зајков, Муслиу, Бејтулаи, Велковски…

„Поголемиот дел од сегашните репрезентативци одлично ги познавам, бидејќи беа дел од младата репрезентација. Се радувам што се во позиција да атакуваат сериозно на пласман на Европското првенство во 2020 година. Лигата на Нации е голема шанса за нас, бидејќи преку редовните квалификации тешко се пробива патот до големо натпреварување. Штета што нема повеќе публика, бидејќи овие момци заслужуваат поддршка. Сум соработувал со нив и знам дека имаат голем потенцијал и одлични фудбалски квалитети. Очекувам да не израдуваат со пласман на ЕП и ја повикувам публиката да дојде во што поголем број и да ги бодри“, заврши стрелецот на првиот гол за македонската репрезентација.

Надал е човек со големо срце – По поплавата во Мајорка излезе на улица да чисти (видео)

Страшно невреме вчера го зафати шпанскиот град Мајорка, во поплавите животот го загубија околу десет лица. Невремето направи и огромна штета, насекаде низ улиците е тотален хаос, а Шпанија прогласи тридневна жалост.

Голем број на луѓе веднаш излегоа на улиците да помогнат на оние кои им е потребна помош, а меѓу нив беше и моментално најдобриот тенисер во светот, Рафаел Надал. Светскиот рекет број 1 нудеше помош на било кој начин. Прво ги повика сограѓаните да се скријат од невремето во неговиот центар за тренинг, а потоа и самиот со метла и лопата во рацете помагаше во чистење на улиците.

Покрај тоа, Надал купи опрема, односно гумени чизми, наметки и ракавици за сите оние кои учествуваа во акцијата. Навистина голет гест од првиот тенисер во светот кој покажува дека е човек со големо срце.

https://www.youtube.com/watch?v=sWlZTFO7Atk

Интер му нуди нов договор на Брозовиќ

Фудбалерот за врска на Интер, Марсело Брозовиќ, во најскоро време треба да стави потпис на нов договор со клубот. Италијанските медиуми велат дека според новиот договор Брозовиќ ќе се обврзе до 2021 година, а ќе добие и зголемување на платата од 2.4 милиони на три милиони евра.

Исто така и неговата клаузула ќе порасне за 10 милиони евра, а ќе изнесува вкупно 70 милиони евра. Клаузулата важи само на клубови надовр од Италија, која нема да биде важечка во последната година од неговиот договор.

Дваесет и петгодишниот хрватски репрезентативец ја игра третата сезона во дресот на Интер, откако во 2016 година направи преселба вредна шест милиони евра од редовите на Динамо Загреб.