-1.2 C
Skopje
петок, 9 јануари 2026
Дома Blog Страница 10333

Формула 1 првакот од 2016 сега продава сладоледи

Нико Розберг во 2016 година беше светски првак во Формула 1 и неочекувано реши да се повлече, па започна бизнис со отворање продавница за сладолед, и тоа на медитеранскиот остров Ибица.

Розберг, чиј татко Кеке, исто така, беше светски првак во Формула 1 во минатото, има 33 години, а десет години беше во Ф1, прво во Вилијамс, а потоа во Мерцедес. Преклани на само 31-годишна возраст, реши да престане да се трка. Зад себе има 23 победи на 206 трки.

„Тркањето во Формула 1 бара енормен интензитет и огромна сила. Откако го исполнив мојот сон да станам светски првак, решив да се повлечам кога сум на врвот. Мојот живот сега е поразличен, порелаксиран и послободен. Вака ми е подобро, ми се допаѓа сегашниот начин на живот. Не сме сите исти. Еве на пример, Валентино Роси не може да да престане“, вели Розберг.

Сега Нико и жена му Вивиан, со која има две ќерки, живеат во Монте Карло, но многу често се на Ибица, каде што летувале како деца, па таму решија да отворат ресторан, специјализиран за продажба на сладолед. Додека возел во Ф1, на Розберг му било забрането да јаде сладолед, затоа сега ужива и го надоместува пропуштеното.

Од следната сезона, Розберг повторно ќе биде во Формула 1, но не како пилот, туку како коментатор на британската телевизија „Скај“.

Бразил дели „петарди“, Аргентина не може да даде гол

Петкратниот светски првак Бразил лесно и убедливо го победи Салвадор со 5-0 во пријателски меч. „Кариоките“, предводени од капитенот Нејмар, уште во четвртата минута со голот од пенал на најголемата ѕвезда го најавија убедливиот триумф.

До крајот на првото полувреме погодија и Ричардсон во 16-тата и Кутињо во 30-тата минута. Во второто полувреме Ричардсон погоди по втор пат, а во 90-тата минута конечниот резултат го постави Маркињос. Дуелот се одигра на неутрален терен во САД.

За разлика од Бразил, Аргентина не можеше да постигне ниту еден гол, па на крајот одигра 0-0 во дуелот со Колумбија. „Гаучосите“ се без Лионел Меси, кој најави дека е на привремена пауза од репрезентативните обврски. Иако Меси не беше на теренот, сепак во дресот на Аргентина играа ѕвезди како што се Икарди и Дибала, но не успеаја да постигнат гол.

Во останатите пријателски мечеви кои се играа ниќеска, САД со 1-0 го победи Мексико, Венецуела славеше против Панама со 2-0, а Еквадор со истиот резултат ја победи Гватемала.

Фуриозно – Шпанија ја декласира Хрватска со 6-0

Дербито на колото во Лигата на нациите беше рутина за Шпанија, селекцијата која неочекувано лесно ја декласира Хрватска со 6-0. Актуелните светски вицешампиони потонаа во Елче и доживеаја еден од најтешките порази во нивната историја.
Саул Њигес со гол во 24-тата минута најави победа на „црвената фурија“, а потоа откако се проби мразот следеше фуриозна игра на Шпанците.
Темпо диктираше извонредниот играч на Реал Мадрид, Марко Асенсио, кој постигна два гола за две минути, а потоа имаше и три асистенции за неверојатен ефект на стадионот во Елче.
Голови за Шпанија постигнаа и Родриго, Рамос и Иско, па Хрватска доживеа бродолом и драстично си ги намали шансите за успех во Лигата на нациите.
Во најсилниот Сегмент А од Лигата на нациите, вечерва убедливо славеше и Белгија, на гостински терен против Исланд со 3-0.
Босна и Херцеговина ја забележа втората победа во вториот меч во новоформираното натпреварување, но во Сегментот Б, а во Зеница „падна“ Австрија.
Един Џеко со голот во 78-мата минута ѝ донесе победа на домашната селекција за прво место во третата група од овој сегмент.
Во Лигата Ц, Финска со 1-0 ја победи Естонија, победа славеше и Унгарија со 2-1 против Грција, а во нашиот Сегмент Д Молдавија и Белорусија одиграа без голови, додека Луксембург лесно со 3-0 го победи Сан Марино.

Де Лаурентис го сели Наполи во Бари за Лигата на шампионите

Наполи натпреварите од првата фаза по групи во Лигата на шампионите ќе ги игра во Бари наместо на својот стадион во Неапол.
Ваква варијанта најави лутиот претседател на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, откако градските власти во Неапол одбија да ги заменат столчињата на стадионот „Сан Паоло“.
Двата града се оддалечени околу 200 километри, а Де Лаурентис веќе ја контактирал и УЕФА за да ја најави промената.
Наполи е во група со Пари Сен Жермен, Ливерпул и Црвена ѕвезда, а токму последниот тим од овој состав има супер спомени од Бари.
Црвена ѕвезда во сезоната 1991/92 ја освои шампионската титула во тогашниот Куп на европски шампиони токму на „Сан Никола“ во Бари.
Клубот со голема традиција, Бари неодамна беше купен токму од Де Лаурентис, па сега изборот на контроверзниот прв човек на Наполи е таму да се играат мечевите од групата Ц во ЛШ.

Промоција во Рајо Валјекано – Добредојде за Столе Димитриевски

Македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски денеска и официјално беше претставен како ново засилување на голманската позиција во шпанскиот прволигаш Рајо Валјекано.
Од Тарагона, чуварот на мрежата на нашата репрезентација се пресели во Мадрид и го очекува дебито и во Рајо, во една од најсилните лиги на светот, шпанската Ла Лига.
Со Димитриевски, како што е и вообичаено, беа промовирани и останатите летни засилувања на клубот од Мадрид.

Сигурен лет на младите српски „орли“ во нашата група

Со головите на Јовиќ и на Лутовац, Србите направија пресврт и ги победија врсниците од Русија во директната битка за првото место во нашата група. Популарните „орли“ го задржаа импресивниот учинок од сите победи и по 8 кола, имаат 24 бодови.
Русите поведоа со голот на Чернов по малку повеќе од еден час игра, а пресвртот го најави играчот на Ајнтрахт Франкфурт, Јовиќ, со гол од пенал во 74-тата минута. За комплетен пресврт и победа се погрижи Лутовац со прецизен удар во 88-мата минута.
На Србија сега ѝ треба само еден бод во последните две кола против Австрија и Ерменија на домашен терен за да игра на ЕП 2019 во Италија и Сан Марино.
Тоа е речиси сигурна варијанта, а „орлите“ ќе го продолжат континуитетот од настапи на континенталните натпреварувања.
На минатото ЕП во Полска, Србите беа со нас во група, како и сега во квалификациите, а мечот во Бидгошч заврши нерешено, 2-2. Ривалот во седмата група во овие квалификации го задржа континуитетот и речиси сигурно пак ќе игра на големото натпреварување, а Македонија, за жал, не успеа и само со 4 бода на две кола до крајот е претпоследна во групата.

Марсело затаи данок од 400 илјади евра, ќе плати 750 илјади глоба

Марсело е еден од низата играчи на Реал Мадрид што затајувал данок, и тоа во висина од 400 илјади евра, а како глоба ќе плати речиси двојно повеќе. Бекот на Реал Мадрид и на  бразилската репрезентација се спогоди со државата Шпанија да плати 750 илјади евра за да не заврши зад решетки.
Пред него и Кристијано Роналдо и Лионел Меси, но и уште неколку познати фудбалери од Ла Лига имаа проблем и со законот, односно со затајување на данок.
Ваквиот прекршок строго се казнува, дури вообичаено е да се оди и во затвор, но играчите успеаваа да се договорат со шпанските судови.

Младите се неискусни – Второто полувреме ни ги „лапа“ бодовите

Македонските фудбалски таленти немаат добар циклус во квалификациите за Европското првенство во Италија и Сан Марино следната година, а на неверојатен начин ги губиме бодовите со голови во последните моменти.
Ако се сметаат головите што ги примавме во второто полувреме, загубени се најмалку десет бодови на осум натпревари.
И денеска не беше поинаку, а сигурната победа против Ерменија и предноста од 3-1 во самиот финиш ја прокоцкавме со два примени погодоци во последните моменти.
Амановиќ си постигна автогол во 90-тата минута, Аветисјан ни даде гол во третата минута од судиското продолжение и победата исчезна.
Претходно, во овој циклус губевме бодови со голови примени во вториот дел против Гибралтар, со голот во 94-тата минута загубивме дома од Русија со 3-4, Австрија нè победи со 2-0 со два гола во продолжението од мечот, Србија славеше со 2-1 минатата седмица со погодок во 80-тата минута и денеска Ерменците ни одземаа два бода со голови во последните моменти.
Неискуството е очигледно кај нашите млади фудбалери, но јасно е и дека треба да се поработи на психофизичката подготовка за да се избегнува повторувањето на лекциите, односно натпреварите во кои загубивме десеттина бодови со примени голови во вториот дел.

Седлоски е подготвен за дебито на клупата на Широки

Поранешниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски, е подготвен да дебитира на клупата на Широки Брег во дербито против Зрински. Седлоски неодамна беше доведен во клубот, потпишувајќи двегодишен договор. Тој вели дека целосниот фокус е за мечот против Зрински.

„Знам дека Зрински три години по ред е шампион, што покажува дека имаат квалитет. Сепак ние сме фокусирани само на нашата игра. Треба да ја вратиме агресивноста, секој играч мора да го даде максимумот за колективот. Лигата е многу израмнета, нема лесни натпревари и секој секого може да победи. Секој дуел е тежок на свој начин. Нема да потцениме никого и ќе одиме меч по меч. Моментно мислиме на Зрински“, рече Седлоски на прес-конференцијата пред дебито на клупата на Широки Брег.

По осум одиграни средби досега, Широки Брег е на четвртото место на табелата со 13 освоени бодови, додека Зрински е една позиција погоре и досега освои 15 бодови.

Македонија прими два гола во 90-тата минута и не ја победи Ерменија

Македонската репрезентација за играчи до 21 година направи од готово вересија. На дуелот против Ерменија имаше предност од 3-1, но прими два гола во 90-тата минута и на крајот мечот заврши 3-3.

По ова реми, македонските надежи останаа на петтото место во Групата 7 само со една победа од 8 меча и само четири освоени бода, без никакви шанси да се надева за пласман на Европското првенство 2019 година.

Јани Атанасов во 26-тата минута донесе предност на Македонија, што беше и единствен гол во првите 45 минути. Вториот дел беше вистинско гол-шоу. Најпрво Аветисјан погоди од пенал во 56-тата минута и израмни на 1-1. Во 73-тата минута беше досуден пенал и за Македонија, кој го реализираше Здравковски за водство од 2-1.

Во 88-мата минута во игра влезе Дарко Чурлинов, што се покажа како добар потег. Точно 20 секунди откако влезе во игра, Чурлинов даде гол за 3-1. Кога сите мислеа дека предноста од два гола на две минути до крајот ќе биде доволна за победа, Ерменците приредија изненадување.

Во 90-тата минута Амановиќ си даде автогол, а во третата минута од судиското надополнување Аветисјан со својот втор погодок на мечот израмни на 3-3.