-2.2 C
Skopje
сабота, 10 јануари 2026
Дома Blog Страница 10334

Ноле е најдобар, на ниво е на Џордан и Али

Поранешниот освојувач на седум Гренд слем турнири, Мац Виландер, не штедеше пофални зборови за Новак Ѓоковиќ. Некогашниот шведски тенисер вели дека популарниот Ноле веројатно е подобар и од Рафаел Надал и од Роже Федерер, иако има помалку Гренд слем титули од нив двајца.

„Ѓоковиќ игра на највисоко можно ниво. Дали е подобар од Надал и Федерер? Најверојатно. Неверојатно е како успева толку комплицирани работи да ги направи да бидат едноставни. Не постои слабост во неговата игра. Тој е како жив ѕид. Невозможно е да се помине. Тој е најдобриот спортист кој играл тенис. Го ставам во ранг на Мајкл Џордан и Мохамед Али. Тука може да го додадам и Јусејн Болт“, вели Виландер за Ѓоковиќ.

Популарниот Ноле минатата недела триумфираше на Отвореното првенство на САД и стигна до 14-тата Гренд слем титула во кариерата.

Жорж Веа играше за Либерија и на 51 година

Жорж Веа, поранешниот голгетер на Милан, а сегашен претседател на Либерија, повторно се активираше на фудбалскиот терен. Иако има 51 година, Веа повторно го облече репрезентативниот дрес и играше 79 минути во пријателскиот меч против Нигерија. На крајот Нигерија победи со 2-1, но навистина е чудо како Веа издржа речиси цел меч на теренот.

Веа го носеше дресот со бројот 14, кој беше негов заштитен знак во текот на кариерата. Кога го напушташе теренот, доби овации од публиката. Во блескавата играчка кариера, Веа успеа да стане првиот африкански фудбалер кој од ФИФА ја добил наградата за најдобар фудбалер во светот во една година.

Дека мечот против Нигерија и не беше од рекреативен карактер, покажува и фактот дека во редовите на гостите беа и играчи како што се Вилфред Ндиди (игра во Лестер) и Петер Етебo (игра во Стоук).

Веа како фудбалер беше одличен, а од јануари оваа година се покажува и во улога како предводник на Либерија, бидејќи беше изгласан за претседател.

Киево може да биде казнет со 15 бодови

Екипата на Киево ја имаше честа да биде првиот домаќин на Кристијано Роналдо во меч од Серија А. На таа средба, гостите од Торино заостануваа со 2-1, но на крајот успеаја да победат и не дозволија никакво изненадување.

Во следните два меча, „летачките магариња“ освоија само еден бод и се на последното место на табелата во Серија А. Сега ситуацијата може да биде уште полоша за клубот од Верона. Весникот „Газета дело спорт“ открива дека денеска започнува судењето на Киево поради „неправилните договарања со Чезена“. Чезена е тим кој поради банкрот, летово згасна, а потоа беше реактивиран и започна со натпреварување во Серија Д, односно најнискиот ранг на натпреварување во Италија.

Киево и Чезена „ се договарале“ за трансфери на играчи, односно продавање едни на други за многу поголема вредност од реалната, за да може да се покаже профит во работењето.

Обвинителот бара Киево да биде казнет со 15 бодови во тековната сезона, што би значело дека екипата ќе отиде во минус 14 бодови, според актуелната состојба на табелата. Тоа речиси сигурно ќе значи и испаѓање на „летачките магариња“ од Серија А на крајот од сезоната.

Стартува Лигата на шампионите на ЕХФ: Пешевски против селекторот Раул, Барселона на гости кај Талески и Рајн Некар

Ракометната Лига на шампиони го чека својот нов владетел, најдобрите екипи од Европа од денес започнуваат нова авантура, а на денешната програма закажани се четири интересни дуели.

Меѓу поинтересните средби ќе биде мечот Мотор Запорожје – ПСЖ, каде што ќе се сретнат нашиот репрезентативец Жарко Пешевски и селекторот на сениорската машка репрезентација, Раул Гонзалес. Раул ќе има можност да го види нашиот пивот на дело на големите натпреварувања, бидејќи во претстојниот период Пешевски ќе биде прв избор за пивотската позиција во репрезентацијата, со оглед на фактот дека Стоилов е повреден.

Се очекува тешка битка и во Германија, каде што Филип Талески со неговиот Рајн Некар Левен ќе ја пречека Барселона. Во останатите средби играат Динамо Букурешт – Елверум, како и Рихимeн кокс – Адемар.

Што се однесува за македонскиот претставник Вардар, тој во сабота ќе го започне походот во европскиот шампионат, ќе гостува кај бранителот на титулата и противникот од минатогодишното полуфинале, тимот на Монпелје, екипата која важи за фаворит во оваа сезона.

Натпревари во Лигата на шампиони на ЕХФ на 12-ти септемри:

Рихимeн кокс – Адемар 17.15 часот

Мотор Запорожје – ПСЖ 18 часот

Динамо Букурешт – Елверум 18.30 часот

Рајн Некар Левен – Барселона 19 часот

Македонија само со тројца што играа лани во Приштина

Составот со кој македонската репрезентација ќе се обиде да триумфира на гостувањето кај Косово во првиот меч од претквалификациите за Евробаскетот 2021 година има дури девет кошаркари кои не знаат како е да се игра на ова незгодно гостување. Косово и Македонија лани на 2-ри август играа во истата сала, домашните победија, но македонскиот состав сега е многу поразличен.

Селекторот Јорданчо Давитков реши со себе да ги земе Андреј Магдевски, Дарко Соколов, Бобан Стајиќ, Димитар Караџовски, Александар Костоски, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Стојан Ѓуроски, Бојан Трајковски, Ричард Хендрикс, Бојан Крстевски и Љубомир Младеновски.

Од составот којшто лани на Илинден гостуваше во Приштина, сега се само четворица (В. Стојановски, Ѓуроски, Младеновски и Костоски), со тоа што Младеновски во 2017 не влезе во игра.

Ако се споредат сегашниот и тогашниот тим, може да се заклучи дека Македонија во 2018 е поквалитетна, малку помлада и има натурализиран играч кој е покорисен за тимот. Тука е и Бојан Трајковски, кој настапуваше за Сигал Приштина и добро ја познава салата каде што играше како домашен играч.

Божинов: Враца е како Њујорк

Бугарскиот фудбалер Валери Божинов беше претставен како големо засилување за Ботев од Враца, а тој во негов стил, даде изјава која предизвика внимание во медиумите кај нашиот источен сосед.

Поранешниот фудбалер на Јувентус и на Манчестер сити вели дека Враца е како Њујорк во споредба со кинескиот град каде што играл, а ја критикуваше и Риека.

„За мене најважно е да играм, да се чувстувам како фудбалер. Во Риека не се чувствував фудбалер бидејќи не играв постојано. Имам 32 години, желбата ми беше да играм повеќе. Им благодарам на луѓето и на градоначалникот на Враца, тие се најзаслужни што сум тука. Ништо не е срамно, не мислам дека ова ми е чекор назад. Тука сум да му помогнам на тимот до зима да собере што е можно повеќе бодови “, рече Божинов.

Потоа Божинов продолжи во свој стил, фалејќи го градот кој има 60.000 жители.

„Во Кина бев во град со еден и пол милиони жители, но во Враца ми е како во Њујорк. Во Бугарија има убави градови и не можам да плукам во татковината. Јас не сум роден како цар, па да не можам да живеам во Враца. Овој град е убав и мирен“, додаде Божинов, кој во минатото тврдеше дека во родната земја би играл само за Левски.

И со 20 денари можат да се добијат 3.000 евра!

Во Битола, со 20 уплатени денари на тикет со 12 парови и сите се погодени. За таа точност, играчот е побогат за 184.792 денари.

Во Врапчиште биле уплатени 100 денари за добивка од 240.483 денари, благодарение на 10 погодени натпревари.

Во Струмица еден играч се радува, но и може да жали. Одиграл ливче со уплата од 160 денари на кое имало 18 парови, а тој барал да погоди барем 16 за да има добивка. На крајот, сите 18 двојки се погодени и за тоа добил 191.472 денари. Доколку истото ливче го одиграл без никакви услови, добивката ќе била многу поголема.

Со овие добитни ливчиња само се потврдува дека играчите се дополнително мотивирани за високи добивки откако SPORT LIFE го зголеми лимитот за исплата на еден милион денари.

Шкендија од Гевгелија ја започнува одбраната на Купот

Освојувачот на двојната круна во Македонија од минатата сезона, тимот на Шкендија денес ќе гостува кај Кожуф во Гевгелија, од каде што го започнува походот кон одбрана на пехарот.

По репрезентативната пауза, тетовци се враќаат на терените, а прва нивна задача е да ги оправдаат очекувањата против второлигашката екипа. Фаворитите во секој сегмент, избраниците на Ќатип Османи, не би требало да имаат проблеми во обидот да остварат позитивен резулатат на оваа средба и да им се приклучат на останатите екипи кои се пласираа во осминафиналната фаза од Купот. Тетовци по елиминацијата од Розенборг во плејофот во Лигата на Европа, забележаа првенствена победа против Шкупи, а со овој меч и евентуален триумф, ќе започнат победничка серија која ќе им биде од големо значење во остатокот од сезоната.

Тимот на Кожуф, иако се наоѓа пред голем предизвик, на свое тло ќе сака да направи големо изненадување, да го елиминира бранителот на трофејот уште во раната фаза на натпреварувањето. По три кола во втората Лига – Исток, гевгеличани имаат еден триумф и две реми, позитивен скор кој ќе сакаат да го продолжат, иако мисијата се чини невозможна.

Натпреварот започнува во 15.30 часот, а како еден од најиграните типови за денес во нашшите обложувалници ви нудиме квота од 1.04 за „двојка“ на Шкендија, коефициентот за победа на Кожуф е 20, додека за реми е 10. За љубителите на типовите кои носат голови, квотата за 3+ е 1.23, додека за 4+ е 1.62.

Џејмс посочи шест конкуренти за титулата, а што е со неговите Лејкерси?

Леброн Џејмс летово пристигна во градот на ангелите, каде што ќе се обиде да ја врати старата слава на франшизата на „езерџиите“, но, интересно, неговиот нов тим не го става меѓу топ шесте екипи кои ќе се борат за шампионскиот пехар.

„Годинава има многу конкуренти за титулата, но само една екипа се фаворити, а тоа се Голден стејт вориорс. Тие се тимот кој претставува најголем предизвик за останатите конкуренти, а меѓу нив спаѓаат Хјустон рокетс, Бостон селтикс, Филаделфија севентисиксерс, Торонто репторс и Оклахома сити тандерс. Шест конкуренти, но сите знаеме каде ќе заврши трофејот“, посочи Џејмс, истакнувајќи ги „воините“ како главни кандидати за шампионскиот пехар, односно за одбрана на титулата.

Џејмс го изостави својот нов тим од листата конкуренти, иако со самото негово доаѓање во ЛА, „езерџиите“ секако се сметаат меѓу конкурентите за самиот врв во НБА. Покрај Џејмс, во тимот пристигнаа неколку искусни играчи, Џавал Мекги, Ленс Стивенсон, Ражон Рондо, но потребна е најмалку уште една ѕвезда за Лејкрес да може да се надигруваат со шампионот и останатите.

Официјално: Хедира во Јувентус до 2021 година

Фудбалерот за врска на Јувентус, Сами Хедира, стави потпис на нов, тригодишен договор со којшто се обврза за клубот до 2021 година. Германскиот репрезентативец пристигна како слободен фудбалер од редовите на Реал Мадрид во 2015 година, оттогаш настапи на 113 натпревари за „старата дама“ постигнувајќи 20 погодоци, три пати го освои Скудетото, како и три пати Купот на Италија.

„Уште од првиот ден кога пристигнав тука, сите се потрудија да се чувствувам како да сум дома. Горд сум што сум дел од ова црно-бело семејство, се надевам дека во иднина ќе придонесам за нови успеси“, се огласи Хедира преку социјалните мрежи.