Дома Blog Страница 10603

МКФ и Oпштина Гевгелија ја официјализираа соработката

Претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски, со градоначалникот на Гевгелија, Сашко Поцков, ја официјализираа соработката помеѓу двете страни, која ќе резултира со одигрување на натпреварот од претквалификациите за Евробаскетот 2021 на сениорите против Косово, закажан за втори декември, со почеток во 20.15 минути.

Градот Гевгелија, конкретно спортската сала „26 Април“ ќе биде домаќин на нашата сениорска репрезентација, која ќе се обиде да запише трета победа во низа во оваа фаза од претквалификациите за ЕП 2021.

МКФ му се заблагодари на градоначалникот Поцков, како и на градот Гевгелија за подадената рака како и за условите за одигрување на натпреварот – од комплексот хотели до користење на спортската сала. Од МКФ ја ценат иницијативата на градоначалникот, како и залагањето за да се оствари оваа соработка и со нетрпение го очекуваат втори декември.

Барса против Интер во розеви дресови

На гостувањето во Градот на Модата, екипата на Барселона реши да направи презентација на својата трета гарнитура дресови. Станува збор за опрема во розева боја.

Барса засега има максимални 9 бода од три меча, а дали и розевите дресови ќе се покажат како среќни, останува да се види вечерва од 21 часот. Гарнитурата дресови во розева боја беше претставена во септември, а инспирацијата доаѓа од една од најпознатите улици во Барселона, Дијагонал. На дресот има и црвена боја, како и изглед на дел од градот погледнат од височина.

Во составот на Барса има двајца поранешни играчи на Интер, тоа се Кутињо и Рафиња, но најголемата дилема е дали ќе настапи Лионел Меси, кој ќе биде во составот и не се знае колку е подготвен за настап по повредата на лакотот здобиена пред две недели.

Вардар против Нексе ќе се подготвува за Барса

Вардар од 20.45 часот во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува хрватскиот вицепрвак Нексе во меч од регионалната СЕХА-лига и средбата треба да биде генерална проба пред дуелот со Барселона од Лигата на шампионите.

Нексе е најпријатно изненадување сезонава во СЕХА, тимот од Нашице има шест победи и само еден пораз, па во моментов го дели првото место на табелата со 18 бода, исто колку и ППД Загреб. Вардар е на третото место со 15 бода.

Нексе неодамна се засили и со Халил Јагањац, кој дојде од Металург, но Вардар е домаќин и ќе ја има улогата фаворит, иако нема да настапи пивотменот Рожерио Мораеш, кој има проблеми со коленото и ќе биде поштеден за да може да игра против Барселона.

„Нексе е силна екипа која игра добар ракомет. Имаа доволно време за да се одморат и да се подготват за нас. Доаѓаат во полн состав во Скопје. Со самото тоа, тие доаѓаат по бодови. Ние одиме на максимум и ова е дуел кој ќе ни биде подготовка за дуелот против Барселона. Нема сомнежи дека ќе покажеме најдобра игра што можеме. Секогаш се бориме до крај и затоа мораме да одиграме квалитетно од почетокот и да се обидеме уште во првото полувреме да дојдеме до предност и тука да го решиме победникот“, изјави Дејан Милосављев, голманот на Вардар.

Фудбалер на Зенит намерно добил црвен картон за да оди на Бока – Ривер

Леандро Паредес, кој игра за руски Зенит, а како и многу Аргентинци, ќе сака да го гледа финалето од Копа Либертадорес (Лига на шампиони во Јужна Америка) помеѓу аргентинските ривали Бока јуниорс и Ривер плате, па се шпекулира дека намерно направил непромислен потег за да може да замине во Буенос Аирес и да го гледа мечот.

Паредес, кој има 24 години, кариерата ја почна во Бока јуниорс и срцето му е во тој клуб, а во Европа играше и за Рома. На мечот со Ахмати Грозни, Паредес во 83-тата минута без потреба со две нозе удри противнички играч на средината на теренот и го испровоцира судијата да му даде црвен картон. Сега Паредес нема право на настап на наредниот меч и ќе има време да замине до родната земја да го гледа финалето помеѓу Бока и Ривер.

Откако постои Копа Либертадорес, а тоа е од 1960 година наваму, првпат се случува најголемите аргентински тимови да играат еден против друг во финале и затоа приликата е посебна и Паредес не сака да ја пропушти, наместо да тренира понапорно и да игра подобро во дресот на рускиот клуб.

Сам си го скина дресот, Конфедерацијата го казни со два меча

Валид Азаро заработи два меча суспензија од Конфедерацијата на африканскиот фудбал (CAF) за невообичаен гест. Мароканецот игра за египетскиот гигант Ал Ахли, а беше фатен на камера како сам си го кине дресот на дуелот со Есперанса од Тунис.

Мечот заврши со победа на Ал Ахли од 3-1, но поради казната, ќе игра без Мароканецот во реваншот од финалето на aфриканската Лига на шампиони.

Раководството на Ал Ахли преку Eгипетскиот фудбалски сојуз се жалеше на висината на суспензијата за Азаро, но до петок, за кога е закажан реваншот во Тунис, нема време за помилување, па Валид сигурно нема да игра.

Шукер навива за Црвена ѕвезда во ЛШ

Црвена ѕвезда вечерва на својот стадион во Белград ќе се обиде да направи изненадување против големиот фаворит Ливерпул, во меч од четвртото коло од Лигата на шампионите. Српскиот првак пред две недели на „Енфилд роуд“ загуби убедливо со 4-0, но вечерва очекува да одигра многу подобро.

Ѕвезда е единствениот тим од поранешните југословенски републики кој е во групната фаза од ЛШ. Токму затоа и легендарниот хрватски фудбалер, а сега претседател на тамошната фудбалска федерација, Давор Шукер, открива дека навива за „црвено-белите“ во ЛШ.

„Секако дека ја следам Лигата на шампиони и навивам за Црвена ѕвезда, бидејќи тоа е единствен клуб од регионов кој е дел од елитата. Нема сомнеж дека направија голем успех, бидејќи малку клубови од овој регион биле дел од ЛШ. Тука се Динамо, Партизан и Марибор, а сега и Ѕвезда. Тоа е голем клуб и заслужува да биде дел од ЛШ, а резултатите кои ги остварува не треба да се земат како зло. Не е срамота да се загуби од ПСЖ и Ливерпул и да се примат 10 гола. И Динамо примаше по 15 голови, а ни Партизан не се прослави. Навивачите треба да бидат среќни бидејќи самиот пласман во ЛШ е голема чест и привилегија“, вели Шукер во изјава за „Блиц“.

Како играч, Шукер беше ривал на Ѕвезда. Прво играше во дресот на Осијек, а потоа и во дерби-дуелите како играч на Динамо од Загреб во првенството на некогашна СФР Југославија.

 

 

 

 

Атлетико 22 години дома не загубил од Германци

Атлетико Мадрид ќе сака да го поправи впечатокот од првиот меч одигран против Борусија, кога загуби со 4-0 во Дортмунд. „Јорганџиите“ вечерва играат на свој терен и веруваат дека ќе продолжат една убава традиција кога се работи за гостувања на клубови до Германија.

Историјата покажува дека Атлетико ретко губи на свој терен од екипи кои играат во Бундеслигата. Цели 22 години, мадриѓаните немаат пораз пред своите гледачи од германски тим. Интересно е што тој пораз од 1996 година е токму од Борусија Дортмунд. „Милионерите“ тогаш победија со 1-0, а во составот на Атлетико беше сегашниот стратег на Шпанците, Диего Симеоне. Сигурно Симеоне сега ќе постави тактика за да не биде повторно поразен од истиот клуб.

По тој пораз во 1996 година, германски екипи кај Атлетико гостувале осум пати, а билансот е шест победи за Шпанците и две ремија. Победа вечерва на стадионот „Ванда Метрополитано“ ќе значи и многу блиску пласман на Атлетико во нокаут-фазата од елитната лига.

 

 

 

 

Тотенхем не калкулира на „Вембли“

Тотенхем не знае да калкулира кога игра на националниот стадион и на „Вембли“ и вечерва ќе јуриша на победа против ПСВ Ајндховен.

За Спарс нема друг лек освен да победат ако сакаат да ги задржат шансите за осминафинале во Лигата на шамоионите. И досега не калкулираа, па на вкупно 8 дуели на „Вембли“ во Лигата на шампионите имаат по 4 победи и порази.

Без реми, исход кој не им одговара ниту вечерва од 21 часот. Нерешено не е добитна комбинација ниту за гостите од Холандија, бидејќи во таков случај и со победа на Интер против  Барселона, и англискиот и холандскиот клуб би се простиле од натпреварите во ЛШ.

Интересно е што дуелот пред две седмици во Ајндховен заврши со реми, 2-2, исход што на „Вембли“ не го посакуваат ниту во Тотенхем, ниту во таборот на ПСВ.

 

Динамо сонува презимување во Европа по 48 години, капитенот Адеми ќе го предводи кон целта

Аријан Адеми има шанса да биде првиот капитен на Динамо Загреб што ќе ги предводи популарните „модри“ кон успешно европско презимување по цели 48 години.

Со победа во четврток против Спартак Трнава, Динамо ќе си обезбеди пласман во следниот круг натпревари во Лигата на Европа. Динамо пред две седмици славеше во Трнава со 2-1 и има максимален учинок од 9 бодови по три кола. И не успеал да ја мине зимата во европските купови од 1970 година, кога се играше во поинаков формат.

„Ако победиме, тоа ќе биде круна на мојата фудбалска кариера. Едвај чекаме да дојде четврток, а за мене чекањето е најтешко. Сите прашуваат како не сме успеале од 1970 година да презимиме во Европа, но сега тоа не е важно. Само да се фокусираме кон следниот меч и да го победиме Спартак уште еднаш. Тоа сега е најважно“, вели Адеми.

Зад Динамо, на второто место со 4 бода е Фенербахче, за кого игра Елиф Елмас, па можно е двајцата наши репрезентативци во тандем да се пласираат со своите екипи во следната фаза во ЛЕ.

 

На „светците“ може да им се стемни во Неапол

Наполи – ПСЖ (21 часот)

Пред почетокот на Лигата на шампионите, францускиот првак Пари Сен Жермен најавуваше атак на трофејот. Сепак, само по три одиграни меча, ситуацијата не им е како што посакуваат. „Светците“ имаат само победа над аутсајдерот Црвена ѕвезда, додека од Ливерпул загубија на гости, а дома едвај со гол во судиското надополнување извадија реми против Наполи.

Сега гостуваат во Неапол, каде што не смеат да си дозволат нов кикс. Со евентуален пораз, ПСЖ ќе остане само со мали шанси за едно од првите две места. Двете екипи негуваат напаѓачки фудбал, но Наполи може и да калкулира и да чека противникот да се отвори, па од контра напад да го загрози голот на ПСЖ.

Наполи кога игра против екипи од Франција, во 11 средби има шест победи, три ремија и само два порази. ПСЖ против италијански екипи е со биланс од две победи, осум ремија и девет порази. Нејмар и Мбапе треба да бидат најопасни за голот на Наполи и токму првите ѕвезди на ПСЖ треба да проработат ако сакаат гостите да се радуваат на триумф, но и тимот да покаже дека има шампионски карактер и да победи кога е најтешко.

Предлог тип: 2&3+ (3.20)

 

Шалке – Галатасарај (21 часот)

Дуел на две екипи кои имаат реални шанси да се надеваат дека може да презимат во елитното натпреварување. Двете екипи се без суспендирани играчи, но имаат повредени. Кај гостите ќе ги нема Фернандо, Дердијок и Акбаба. Пред две недели, во Истанбул дуелот заврши без голови, а интересно е што Шалке и во претходните две средби со турскиот тим нема победа.

Со евентуален триумф, тимот од Гелзенкирхен ќе избега четири бода пред Галатасарај и со една нога ќе биде веќе во нокаут-фазата од ЛШ. Двете екипи премногу тактизираат и најважно им е да не примат гол. Шалке во трите меча досега е со гол-разлика 2:1, а Галатасарај има гол-разлика 3:1, што само асоцира на тоа дека не би требало да има многу голови.

Предлог тип: 1Х&0-2 (1.98)

 

Интер – Барселона (21 часот)

Со или без Лионел Меси на теренот, Барселона е фаворит во дербито на денот. Со евентуална победа, каталонскиот гигант ќе биде сигурно прв и на крајот од групната фаза. Долга е историјата на Барса во дуелите со клубови од Италија. Во 53 мечеви имаат 26 победи, 16 ремија и 11 порази. Интер е со негативен биланс против Шпанците и има 13 победи, 10 ремија и 16 порази.

Во досегашните седум меѓусебни средби, „нераѕурите“ само еднаш ја победиле Барселона, и тоа во 2010 година, кога и станаа европски прваци. Интер беше инфериорен пред две недели на „Камп ноу“, но секако дека на свој терен, пред 80.000 гледачи, други се мотивот и желбата да се победи фаворитот. Сепак, факт е дека Барселона ако одигра како што знае, е подобар противник.

Предлог тип: Х2&2-4 (2.00)

 

Атлетико Мадрид – Борусија Дортмунд (21 часот)

Вистински дебакл доживеа Атлетико на гостувањето во Дортмунд во претходното коло. Оддамна не се памети кога „јорганџиите“ делувале толку немоќно, а Борусија ги казни дури со четири гола. „Милионерите“ не само што се опасни во нападот, туку имаат и гранитна одбрана. Засега, само тие и Јувентус немаа примено ниеден гол во групната фаза.

Сепак, Атлетико е сосема друг тим кога е на свој терен. Фактот дека секогаш имало погодоци на дуелите на овие екипи наведува дека најдобро е да се одигра на голови.

Предлог тип: 2-3 гола (1.97)

 

Монако – Бриж (18:55 часот)

Монако пред две сезони играше во полуфинале од Лигата на шампиони, а сега тимот е во невидена криза. Дури на 13 средби во сите натпреварувања Монако не знае за победа. Во Лигата на шампиони се речиси без шанси, а очајни се и во домашното првенство. Фактот дека клубот од малото Кнежевство може да се бори за опстанок во Франција покажува дека Лигата на шампионите може да им биде само товар плус.

Сепак, ако некако може да се прекине очајната низа без победа, е токму мечот против Бриж. Навивачите на Монако очекуваат дека токму вечерва, по чекање повеќе од три месеци, конечно ќе видат триумф на нивните миленици.

Предлог тип: 1 (2.28)