Дома Blog Страница 33

Охрид го „сруши“ шампионот и ќе игра историско финале во Купот на Македонија

Ракометарите на Охрид уште еднаш оваа сезона испишаа историја за својот клуб и за градот крај езерото, откако за првпат во својата историјата ќе играат во финалето од Купот на Македонија. Охриѓани во полуфиналето го совладаа актуелниот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер со убедливи 26-19.

Пласманот во големото финалето за екипата на Охрид беше најавено уште во првото полувреме, после кое „сините“ имаа водство од убедливи 13-7.

Предноста за охриѓани растеше и во вториот дел, па брзо се искачи и на двоцифрена предност. Охрид дојде до убедливи 20-10, потоа и 22-12. Следуваше серија од 4-0 за Еурофарм Пелистер за намалено водство на Охрид на 22-16, но на крајот се покажа дека тоа е само последниот обид на битолчани резултатски да се вратат во мечот.

Охрид ќе имаат можност да се борат за првиот трофеј воопшто во клупската историја.

Еурофарм Пелистер има пет трофеи од Купот на Македонија, а последните пет сезони играше во финалето и секогаш губеше, четирипати од Вардар и еднаш од Алкалоид, екипи кои ќе играат во второто полуфинале за место во битката за трофејот во Струмица.

Вардарци на девет од последните 10 меча немаат дадено повеќе од еден гол, „наплатата“ треба да биде против Шкупи

Шкендија убедливо со 4:1 славеше во Кавадарци над Тиквеш и вечерва тетовци ќе преспијат како лидери на табелата во Прва фудбалска лига на Македонија со 67 бодови. Сепак, промена на врвот на табелата се очекува да има веќе утре, кога Вардар кој има 65 бодови, игра против „фенерџијата“ Шкупи.

Шкупи како домаќин ќе игра на тренинг центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ, каде Вардар сезонава веќе одигра неколку натпревари. Речиси и да нема дилеми дека Црвено-црните ќе победат лесно и најверојатно убедливо, затоа што Шкупи досега прими 94 голови во 27 меча (речиси четири примени гола во просек по меч).

Дуелот на Вардар против Шкупи можеби доаѓа во најдобар можен момент, а тоа е да се врати разнишаната голгетерска самодоверба кај играчите кои го носат дресот на најтрофејниот фудбалски колектив во Македонија. Ако се погледнат резултатите на последните 10 натпревари што ги одигра Вардар, алармантен е податокот дека Црвено-црните на девет средби немаат постигнато повеќе од еден погодок. Секако дека тоа е премалку за еден тим кој се бори и е главен фаворит за освојување на титулата во првенството.

Во последните два месеци, Вардар единствено во дуелот против Македонија Ѓорче Петров успеа да постигне повеќе од еден гол. Тогаш Црвено-црните беа убедливи и славеа со 5:1. Голгетерската криза Вардар ја плати и со елиминација од Купот и тоа во Скопје кога беше елиминиран од второлигашот Охрид. По регуларниот дел беше 1:1, па охриѓани беа подобри на пенали.

Вардар следниот меч го игра против аутсајдерот Шкупи, кога офанзивниот ред треба да покаже дека не заборавиле да постигнуваат голови, а потоа во финишот на сезоната да продолжат во ист ритам, ако сакаат да ја освојат титулата која со нетрпение ја чекаат вардаровите навивачи.

ПОСЛЕДНИТЕ 10 МЕЧА НА ВАРДАР

Легендата на Реал Мадрид: „Атлетико против Барселона… зарем не можеше и двата да загубат?“

Легендата на Реал Мадрид и германската репрезентација, Тони Крос, ги анализираше случувањата во Лигата на шампионите. Тој смета дека од четирите полуфиналисти – ПСЖ, Баерн Минхен, Арсенал и Атлетико Мадрид – најмали шанси за освојување на трофејот има тимот на Диего Симеоне.

„Барселона против Атлетико Мадрид… Не можеа ли и двата тима да загубат? Во десетте години што ги поминав во Реал Мадрид не сакав ниту еден од нив да победи, но ако морам да изберам, подобро е тоа да биде Атлетик затоа што следната година нема да имаат исти шанси за титула. Не мразам ниту еден од тие тимови, но поради мојата поврзаност со Реал Мадрид повеќе би сакал тие да не освојат“, изјави Крос.

„Ова е само мое лично мислење, но мислам дека Атлетико Мадрид нема да ја освои Лигата на шампионите. Има тимови во натпреварувањето кои играат подобро од нив“, додаде тој.

„Мислам дека Барселона беше подобар тим од Атлетико, но кога играш толку долго со играч помалку, тоа е многу тешко. Атлетико секогаш знае како добро да го одбрани резултатот и со предноста од првиот натпревар, плус исклучувањето, имаа голема предност за пласман во полуфиналето“, продолжи Крос.

„Кога се браниш на тој начин и оставаш толку многу простор во одбраната, вакви работи можат да ти се случат, вклучително и исклучување. Одбраната на Барселона е многу ранлива. Минатата година тоа се случи со Интер, а оваа година со Атлетико. Како што реков, ако не го променат начинот на игра, нема да ја освојат Лигата на шампионите“, заклучи Крос.

Новото засилување на Реал сè уште не размислува за Кралевите: „Сакам да играм со Меси на Мундијалот“

Ѕвездата на Комо, Нико Пас, сè почесто се поврзува со враќање во Реал Мадрид. Сепак, тој признава дека не размислува за тоа, туку е фокусиран само на Лигата на шампионите и на Светското првенство 2026.

Серија А влегува во завршната фаза од сезоната, а неговиот тим е многу блиску до остварување на сонот – пласман во Лигата на шампионите. Комо заостанува два бода зад четвртото место, на кое се наоѓа Јувентус, а има бод повеќе од Рома. Тимот на Сеск Фабрегас стигна и до полуфиналето на Купот на Италија и го очекува реваншот со Интер, откако првиот меч на домашен терен заврши 0:0.

Освен тоа, Пас, кој е роден во Шпанија, но избра да игра за Аргентина, сонува да биде соиграч со Меси на Светското првенство.

„Имаме одлична сезона. Искрено, не очекувавме да играме толку добро. Неверојатната работа што ја направивме дава резултати. Би било фантастично да ги оствариме двете цели – пласман во Лигата на шампионите и финале во Купот. Мора да дадеме максимум и ќе го направиме тоа“, изјави 21-годишниот Нико Пас.

Талентираниот играч има одлична сезона и многумина сметаат дека летово ќе се врати во Реал Мадрид, кој во 2024 година го продаде на Комо за шест милиони евра. Во договорот постои клаузула според која Кралевите можат да го вратат на „Сантијаго Бернабеу“ за девет милиони евра, иако „Трансфермаркт“ го проценува на околу 65 милиони.

„Тренерот Сеск Фабрегас е најважниот фактор за мојот развој. Тој има огромна доверба во нас, живее за фудбалот, работи напорно и ми дозволува да играм како што сакам. Тоа е клучно.

Сè уште е рано да размислувам за иднината. Сто проценти сум фокусиран на Комо. Сакам да го дадам максимумот за да ги оствариме целите. Потоа доаѓа Светското првенство. Од мал сум сонувал да играм таму. Би било неверојатно – работам секој ден за да стигнам до тоа ниво“, додаде Пас.

Шкендија со четири гола до три бода во Кавадарци за прво место на табелата

Шкендија најмалку до утре ќе биде лидер во Првата лига, откако убедливо славеше на гостувањето кај Тиквеш со 1-4. Тетовци сега имаат 67 бода, два повеќе од Вардар, но скопските „црвено-црни“ утре играат против отпишаниот Шкупи и очекувано е дека ќе победат и ќе се вратат на првата позиција.

Актуелниот шампион на Македонија многу полесно од очекуваното дојде до победата во Кавадарци, откако уште по првите 45 минути имаше убедливи 0-3.

Резултатот го отвори Мелиќи во 15-тата минута, а Бесарт ибраими со неговиот 227-ми гол во прволигашката конкуренција зголеми на 0-2 во 36-тата минута. До крајот на полувремето во листата со стрелци се запиша и Љатифи.

Второто полувреме започна одлично за Тиквеш, бидејќи младиот Стојчев во 49-тата минута погоди за 1-3, но радоста на кавадарчани траеше кратко, со оглед дека Вареловски во 54-тата минута си постигна автогол и ја врати предноста од три гола за Шкендија.

На крајот се покажа дека тоа ќе биде и конечниот резултат на мечот во Кавадарци.

Арне Слот: „И да сакавме, немаше да можеме да напишеме вакво сценарио“

Менаџерот на Ливерпул изјави дека враќањето на Александер Исак во составот е добра вест бидејќи ќе го ублажи отсуството на најдобриот стрелец на тимот, Уго Екитике.

Дваесет и тригодишниот Екитике нема да игра во наредните месеци откако во вторникот, на натпреварот против ПСЖ во Лигата на шампионите, ја скина Ахиловата тетива.

Исак, за кого Ливерпул минатото лето му плати рекордни 125 милиони фунти на Њукасл, се врати на терените само пред една недела, по долгото закрепнување од скршеница на ногата. Швеѓанецот ќе треба да го понесе главниот товар во нападот, а првиот следен предизвик за Црвените е дербито од Мерсисајд против Евертон.

„Кога ги донесовме Исак и Екитике во текот на летото, постапивме паметно избирајќи двајца играчи кои можат да играат како класични напаѓачи. И да сакавме, немаше да можеме да напишеме вакво сценарио. Во моментот кога Исак се врати по четиримесечна пауза, Екитике доживеа тешка повреда. Тој сè уште не е опериран. Мислам на него бидејќи ќе пропушти многу посебни моменти додека закрепнува. Тој не е ни првиот ни последниот што се повредил и имаме многу примери на играчи кои се враќаат уште посилни. Се надевам дека за 10-15 години ќе можеме да кажеме дека оваа повреда го направила посилен“, изјави Слот.

Тој додаде дека покрај Исак, опции за врвот на нападот се и Федерико Кјеза и Коди Гакпо, кои ќе добијат шанса бидејќи Исак сè уште не е подготвен да игра цели 90 минути.

Шест кола пред крајот на сезоната во Премиер лигата, Ливерпул се наоѓа на петтото место со 52 бода, пет повеќе од осмопласираниот Евертон.

Чеферин од Скопје порача: Не е добро тоа што на Мундијалот ќе има 48 репрезентации

До почетокот на Светското првенство во САД, Канада и Мексико остануваат помалку од два месецa и полека се загрева атмосферата за најголемиот фудбалски настан кој се организира еднаш во четири години. Овој Мундијал ќе биде прв на кој наместо досегашните 32 учесниka, ќе има дури 48 селекции на завршницата.

Многу поделени мислења имаше околу тоа дали треба да се зголеми бројот на учесниците на планетарниот собир, а претседателот на Европската фудбалска федерација, УЕФА, Александер Чеферин, уште еднаш потврди дека тој не е многу среќен со зголемувањето на бројката од 32 на 48 репрезентации.

Чеферин вчера беше во Скопје на покана на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, а меѓу другите муабети, првиот човек на европскиот фудбал го кажа своето мислење околу зголемувањето на бројот на учесници на Мундијалот.

„Мислам дека не е добро да има 48 репрезентации на Светско првенство затоа што квалитетот паѓа и првенството нема да биде интересно. Ќе има резултати од 5:0, 6:0, 7:0“, рече Чеферин во Скопје.

Македонија вторпат по ред стигна до баражите за пласман на СП, но вторпат не успеа да се најде на завршницата. Oд земјите од поранешната Југославија, на Мундијалот ќе играат Хрватска и Босна и Херцеговина.

Барселона нема избор – мора да победи, три екипи во битка за топ-6 (Фото)

Комплетната разврска во регуларниот дел од кошаркарската Евролига ќе биде позната вечерва. Десет екипи со свои математики и комбинации влегуваат во последните пет, а едно е јасно – Барселона мора да победи.

Каталонците имаат предност од една победа во однос на Дубаи во битката за 10-тото место и пласманот во плејин-разигрувањето, но и послаб меѓусебен дуел, па на мечот против Баерн Минхен имаат само една опција – победа.

Квотите во Sport Life се на страната на Барселона, па триумфот на Kаталонците има квота од 1.27, додека изненадување на Баерн и веројатна елиминација на фаворитот има квота од 4.40.

Интересно ќе биде и за влез во топ-6, односно за директен пласман во четвртфиналето. Жалгирис во пресрет на вечерните натпревари има предност од една победа во однос на Панатинаикос и Монако, а место меѓу привилегираните ќе има само за една од овие три екипи.

Дел од богатата понуда на Sport Life се и кошаркарите со најпопуларната игра меѓу играчите – „плус-минус“ на поени, скокови и асистенции. Комплетната понуда може да ја најдете на следниов ЛИНК.

Еди Хау: Ако е за доброто на Њукасл, подготвен сум да си заминам

Менаџерот на Њукасл, Еди Хау, се соочува со сè поголеми критики, а шпекулациите околу неговата иднина стануваат сè почести. Причините се непостојаната форма, лошата позиција на табелата и фактот дека тимот има само една победа на последните шест натпревари во сите натпреварувања. Сепак, Хау верува дека „чавките“ можат да врзат серија на добри резултати и успешно да ја завршат сезоната, а надежта му е таа серија да започне на утрешниот дуел против Борнмут.

„Имаме потреба повторно да го почувствуваме тоа чувство што го носат победите. Помина премногу време. Очајно сакаме да победиме и да играме добро. Оваа недела имавме мешавина од емоции. Запишавме разочарувачки резултат против Кристал палас и имаше малку гнев. Немаше многу насмеани лица на тренинг, но чувствувам дека постои цврста решителност да се поправи ситуацијата.

Беше чудна година во однос на пласманот во Премиер лигата. Ни треба серија победи, каква што ни недостигаше во текот на целата сезона. Најголем проблем беше недостигот на конзистентност. Се наоѓаме во тежок период, но сè уште можеме да завршиме со успешна сезона, и тоа мора да ни биде целта“, изјави Еди Хау.

Тој вели и дека е подготвен да замине ако тоа би донело ефект за клубот.

„Јас само сакам да му служам на клубот и да го правам она што е најдобро за него. Тоа отсекогаш ми била целта. Ако тоа значи да си заминам за доброто на клубот, тогаш немам проблем со тоа. Но, ако верувам дека јас сум вистинскиот човек да го води клубот напред, а верувам дека сум, тогаш ќе продолжам и ќе се борам до крај. Ќе се борам посилно од кога било, но важно е двете работи да бидат усогласени“, истакна менаџерот на Њукасл.

Силекс убедливо ја победи Брера во Кратово

Силекс на импресивен начин ги освои бодовите против АП Брера, славејќи со убедливи 4-0 на отворањето на 28-мото коло од Првата фудбалска лига. Тимот од Кратово ја продолжи победничката серија и сè појасно ја истакнува својата амбиција за висок пласман.

Натпреварот започна со контрола на Силекс, а иницијативата беше крунисана веќе во 19-тата минута. По корнер, Бутуровиќ најдобро реагираше во мешаницата пред голот и со удар со глава го отвори резултатот. Претходно Мишов се закани со удар со глава, што беше најава за првиот погодок.

До паузата, домаќините создадоа уште неколку можности, но без нов погодок. Сепак, веднаш по враќањето од соблекувалните, Силекс ја потврди надмоќта. Дарко Додев во 48-та минута погоди за 2-0 и му ја олесни задачата на својот тим.

АП Брера се обиде да се врати во игра, но не успеа да создаде сериозна закана. Наместо тоа, Силекс продолжи да напаѓа и во 59-тата минута и преку Ади Алиќ стигна до трет гол. Напаѓачот сигурно реализира во ситуација „еден на еден“ со голманот.

Конечниот резултат го постави Мигел Пиреш во 69-тата минута, со што беше заокружена убедливата победа на Силекс, кој уште еднаш покажа дека е во одлична форма во завршницата од сезоната.