Дома Blog Страница 38

Ѓорче Петров и Спартак во битка за трофејот од женскиот ракометен Куп на Македонија

Ѓорче Петров и Спартак ќе играат за трофејот од женскиот ракометен Куп на Македонија во недела со почеток од 17 часот во салата „Парк“ во Струмица. Бранителот на двојната круна, Ѓорче Петров, очекувано дојде до финалето, откако во полуфиналето славеше со убедливи 37-15 над битолски Пелистер.

Ако пласманот на Ѓорче Петров во финалето е очекуван, тогаш вистинска сензација претставува победата на Спартак над Чаир од 24-23. Екипата од скопска Кисела Вода дојде како дебитант на завршниот турнир во Струмица и успеа да го елиминира фаворитот, кој последните две години играше во мечот за трофејот.

Спартак првпат во својата историја ќе има можност да игра за трофеј, а дуелот против моментално најдобрата женска ракометна екипа во Македонија, Ѓорче Петров, ќе биде вистински предизвик за екипата која зимава се засили со неколку ракометарки од редовите на распаднатиот суперлигаш Металург Автокоманда.

Мијатовиќ го критикува Реал: „Две сезони без трофеј е сериозен неуспех“

Легендарниот напаѓач и поранешен спортски директор на Реал Мадрид, Предраг Мијатовиќ, ја анализираше ситуацијата во „кралскиот“ клуб по елиминацијата од Баерн Минхен и сезоната без трофеи.

Тој истакна дека е многу сериозно тоа што втора сезона по ред Реал нема да освои ниту еден трофеј.

„Две ‘празни’ сезони и тоа е многу сериозно за Реал Мадрид. Затоа е тоа најголемиот клуб во светот. Да не освоиш ништо е неуспех. Во денешниот фудбал не може секогаш да се победува, а ние, мадридистите, сме лошо навикнати. Да се освојат шест титули во Лигата на шампионите во последните години никој никогаш нема да го повтори. Сега треба повторно да се изгради тим за да се победува“, изјави тој.

Мијатовиќ не го гледа главниот проблем кај напаѓачите како Килијан Мбапе и Винисиус.

„Мбапе дојде да постигнува голови и тоа го прави. Винисиус имаше добри сезони и се појавува на важни натпревари, иако последниот пат немаше среќа. Ќе мора да го промени своето однесување, а тоа сум го кажал многу пати. Ме обвинија дека имам нешто против него, но има работи што не ми се допаѓаат. Тоа не ја намалува важноста на тимот“, рече и продолжи:

„На пример, Зидан беше најдобар во еден период, но лидер на Франција беше Дешан. Сега му недостигаат Јеро, Рамос, Раул… Некој што на теренот може да направи две-три работи и да го ‘подреди оркестарот’. Лидер, тренер на теренот. Реал Мадрид има одлични играчи, но не гледам фигура што ќе каже: ‘Што, по ѓаволите, правите!’“

Работнички загуби и се уште стравува за опстанокот, Ангели направија „магичен“ пресврт

Второто коло од плејофот и плејаутот на кошаркарската Супер лига разрешија три дилени, но отворија неколку прашања кои ќе треба да бидат одговорени во последните три кола.

Пелистер со триумфот од 95-85 на гостувањето кај Кожув и официјално им се приклучи на ТФТ и МЗТ Скопје во полуфиналето од разигрувањето за титулата, а четвртото слободно место ќе се води голема битка меѓу гевгеличани, но и Маџари и Тиквеш.

Токму дебитантот Маџари направи изненадување и славеше во Кавадарци со 97-100 и во моментов е во пол-позиција за четвртото место.

Во борбата за опстанок, по ова коло јасно е дека Куманово и Чаир и следната сезона ќе бидат дел од Супер лигата. Нивниот меѓусебен дуел заврши со гостински триумф на Куманово од 83-91, па откако и другите резултати им се „поклопија“, и двете екипи си го обезбедија опстанокот.

Гостивар по продолжение од пет минути славеше над Работнички со 75-70 и остана во игра за опстанокот, иако шансите за такво нешто се минимални. Поразот во Гостивар значи дека екипата од „Градски парк“ се уште ќе стравува за опстанокот, бидејќи теоретски се уште може да испадне.

Најголемото изненадување го направи екипата на Ангели, која на домашен терен го победи Феникс со 85-84. „Фенерџијата“ во еден момент имаше негатива од 23 поени, а на две ипол минути пред крајот губеше со 10 поени разлика, но на крајот успеа да направи пресврт и да ја забележи првата победа на паркет оваа сезона, откако единствената до сега беше онаа службената против МЗТ Скопје во четвртото коло.

Феникс со неочекуваниот пораз се доближи до испаѓање од македонската кошаркарска елита, бидејќи има заостанување од две победи позади Работнички.

Нов шок за Тотенхем: Во 95-тата минута останаа без победа против Брајтон (Видео)

Тотенхем и по 111 дена останува без првенствена победа, а вечерва беше многу блиску до такво нешто. Спарси во 2026 година се уште немаат првенствена победа, откако во 95-тата минута останаа без триумф против Брајтон на домашен терен.

Тотенхем двапати водеше, со 1-0 и со 2-1, но Брајтон успеваше да израмни, а на крајот и да освои бод, откако мечот заврши 2-2.. Многумина веќе се израдуваа на победата кога Чави Симонс постигна вистински еврогол во 77-мата минута, но Ритер во 95-тата ги шокираше сите на стадионот во Северен Лондон.

Тотенхем и по 33-тото коло останува во опасната зона со 31 бод, а пред нив се Вест хем и Нотингем кои имаат и меч помалку од Спарси.

Традицијата продолжува: Лацио и четврта сезона по ред победи во Неапол (Видео)

Се чини дека битката за Скудетото е завршена, откако Наполи на домашен терен загуби од Лацио со 0-2, па Интер сега има +12 на пет кола пред крајот на Серија А.

Победата на Лацио значи дека традицијата продолжува, бидејќи екипата од Рим и четврта сезона по ред победи на гостувањето во Неапол.

Лацио постигна по еден гол во двете полувремиња, а голманот Милинковиќ-Савиќ во 31-вата минута успеа да одбрани пенал.

Елиф Елмас во игра беше уфрлен на полувремето на местото од Кевин де Бројне.

Алегри не сака да биде селектор на Италија: „Останувам во Милан!“

Тренерот на Милан, Масимилијано Алегри, кој важи за еден од фаворитите за нов селектор на Италија, во саботата ја отфрли таа можност, истакнувајќи дека се гледа долгорочно во „росонерите“, кои се трети во Серија А.

„Мојата кариера зборува сама за себе, честото менување клубови не е дел од мојата ДНК. Сакам да работам во клуб кој функционира како компанија и треба така да се управува“, изјави Алегри на прес-конференцијата пред утрешниот натпревар со Верона.

„Сакам да работам и да гледам напредок. Не можеме да ја освоиме Лигата на шампионите за две години, но мора да ја имаме таа амбиција, бидејќи ако не размислуваш за иднината, остануваш во минатото“, додаде стратегот, кој го водеше Милан и од 2010 до 2014 година, а потоа во два наврати беше тренер и на Јувентус.

„Со Милан многу разговараме, дадов насоки за трансфер-пазарот и раководството ќе се погрижи за тоа“, истакна тој, најавувајќи дека ќе го води првиот тренинг на Милан за новата сезона на 12 јули.

Откако Италија третпат по ред не успеа да се пласира на Светското првенство по поразот од Босна и Херцеговина по изведување пенали, селекторот Џенаро Гатузо поднесе оставка, како и претседателот на федерацијата Габриеле Гравина.

Така, ќе треба да се почекаат уште неколку недели за да се дознае името на новиот селектор на репрезентацијата, додека новиот претседател на федерацијата ќе биде избран на 22 јуни.

Луис Енрике: „Има еден дел од сезоната кој сите го сакаат – кога се освојуваат трофеите“

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, во саботата изјави дека неговиот тим „се чувствува добро“ и дека играчите се „подготвени“ на крајот од сезоната повторно да освојуваат трофеи.

„Има моменти што сите играчи ги сакаат – тоа е делот од сезоната кога треба да се освојуваат трофеи. Се чувствуваме добро и фудбалерите се подготвени за завршницата“, изјави шпанскиот тренер три дена по пласманот во полуфиналето од Лигата на шампионите, каде противник ќе им биде Баерн Минхен.

„Не правиме ништо поразлично, се обидуваме да најдеме баланс со повредите, формата на играчите и нивната минутажа“, додаде тој.

Дезире Дуе, кој заработи полесна повреда на коленото во реваншот против Ливерпул, ќе биде во составот, додека Нуно Мендеш нема да настапи поради проблем со бутниот мускул и продолжува со тренинзи во сала.

„Дали сме посилни од минатата сезона? Не знам. Дали сме посилни или не е помалку важно – на ова ниво конкуренцијата е неверојатна“, одговори Енрике, додавајќи дека нема фаворит во пресметката со Баерн Минхен.

„Не е важно кој е фаворит, туку кој ќе го покаже своето ниво на теренот. Играме трет последователен полуфинален дуел и сме горди на тоа“, истакна тренерот.

Дефанзивец на Реал Мадрид заврши во болница: За 15 дена изгубил шест килограми

Дефанзивецот на Реал Мадрид, Раул Асенсио, заврши во болница поради сериозни стомачни проблеми.

Од „кралскиот клуб“ ги потврдија овие информации и појаснија за што станува збор.

„На нашиот фудбалер му е дијагностициран бактериски ентероколитис. Станува збор за воспаление на дигестивниот тракт предизвикано од бактерии како салмонела, ешерихија коли или кампилобактер“, соопштија од клубот.

Оваа состојба може да биде многу исцрпувачка за професионален спортист, бидејќи често вклучува тешка дехидрација, треска и болки во стомакот.

Иако клубот не наведе точен датум за враќање, опоравувањето од бактериски ентероколитис обично трае од една до три недели, во зависност од тежината на инфекцијата и времето потребно играчот да ја врати физичката сила и килограмите изгубени за време на болеста.

Дополнително, познатиот фудбалски инсајдер Фабрицио Романо објави дека Асенсио за две недели изгубил дури шест килограми.

Во Минхен веќе се подготвува славјето, првата жена тренер дебитираше со пораз

Баерн Минхен е на чекор од титулата во Бундеслигата, односно може да ги спречи само чудо да не го одбранат трофејот. Борусија Дортмунд загуби на гостувањето кај Хофенхајм со 2-1, па „баварците“ имаат предност од 12 поени, но и меч против Штутгарт во недела.

До крајот остануваат уште само четири кола, па „милионерите“ имаат само теоретски шанси да го стигнат Баерн, но и во случај да се израмнат по бројот на бодови, сепак, во Германија одлучува гол-разликата, а таа е на страната на „баварците“.

Баерн Минхен има позитивна гол-разлика од 78 гола, а Борусија од 30 или разлика од неверојатни 48 гола.

Тоа би значело само едно – утре на „Алијанц арената“ ќе се слави нова шампионска титула.

Првата жена тренер во топ-5 лигите, Мари-Луис Ета, дебитираше со пораз на клупата на Унион Берлин. Екипата од главниот град на Германија загуби на домашен терен со 1-2 од Волфсбург.

Резултати:

Баер Леверкузен – Аугсбург 1-2
Хофенхајм – Борусија Дортмунд 2-1
Унион Берлин – Волфсбург 1-2
Вердер Бремен – Хамбургер 2-1

Брегалница го задржа второлигашкиот врв, убедливи победи за Скопје, Охрид и Шкендија

Водечките четири екипи во Втората лига забележаа нови победи, па разврската на врвот ќе се решава во последните пет првенствени кола. Штипска Брегалница останува лидер на табелата со 58 бода, откако попладнево славеше со минимални 0-1 во најинтересниот натпревар од 25-тото коло над Детонит Плачковица во Радовиш.

Скопје, Охрид и Шкендија од Арачиново остануваат на делба од второто до четвртото место со по 56 бода, а сите три екипи денес забележаа и повеќе од убедливи победи. Екипата од „Автокоманда“ беше најубедлива и со 7-0 славеше над Саса. Охрид на домашен терен ја победи Преспа со 6-1, а Шкендија со 5-0 беше подобра од прилепска Победа.

Резултати:

Детонит Плачковица – Брегалница (Ш) 0-1
Скопје – Каменица Саса 7-0
Охрид Лихнидос – Преспа 6-1
Шкендија (А) – Победа 5-0
Осогово – Тетекс 2-1
Беласица – Кожуф 0-0
Слога (В) – Вардар (Н) 3-3
Големо Коњари – Новаци (играат утре)