-3.2 C
Skopje
вторник, 13 јануари 2026
Дома Blog Страница 37

Не играше Мбапе, но за Реал со хет-трик блесна Гонзало Гарсија (Видео)

Реал Мадрид го декласира Бетис на „Бернабеу“ со 5-1 во 18-тото коло од шпанската Ла Лига.

Иако тимот на Чаби Алонсо настапи без повредениот Килијан Мбапе, сите сомнежи за напаѓачкиот потенцијал ги отстрани 21-годишниот Гонзало Гарсија, кој го потпиша својот совршен хет-трик. Младиот напаѓач погодуваше со левата и десната нога, како и со глава, оставајќи го Бетис без одговор.

Првиот гол Гарсија го постигна по само 20 минути игра, по одличен центаршут на Родриго, кога со удар со глава дојде до својот прв првенствен гол за Реал. Во 50-тата минута, тој погоди со фантастичен удар откако ја смири топката со гради и ја испрати зад голманот на Бетис.

Потоа, Раул Асенсио го зголеми водството, беше највисок во скокот по корнер, а со нова асистенција на Родриго. Бетис се обиде да се врати во мечот преку голот на Кучо Ернандес, но Гонзало Гарсија со атрактивен гол на асистенција на Гулер ја заокружи доминацијата на Реал.

Гарсија заслужено доби овaции од трибините при излегувањето од игра, а неговото место го зазеде Фран Гарсија, кој во третата минута од продолжението го постави конечниот резултат, 5-1.

Со оваа победа, Реал Мадрид е второпласиран на табелата со 45 бодови, додека Бетис е шести со 28 поени.

Ливерпул ја виде победата, но Харисон Рид му ја одзеде во 97-та минута (Видео)

Ливерпул не успеа да се врати со цел плен од гостувањето кај Фулам, играјќи 2-2 во Лондон. Тимот на Арне Слот беше блиску до победа, направи пресврт во судиското продолжение, но Харисон Рид го спречи поразот на домаќините.

Фулам поведе во 17-тата минута преку Хари Вилсон, но Ливерпул успеа да израмни преку Флоријан Вирц, кој полека се наметнува како еден од клучните играчи во тимот. Германецот постигна погодок во 57-та минута.

Во судиското продолжение, Коди Гакпо во 94-та минута донесе водство за Ливерпул, но радоста не траеше долго. Само три минути подоцна, во 97-та минута, Харисон Рид постигна спектакуларен гол за конечни 2-2, обезбедувајќи поделба на бодовите.

Триумф на Њукасл, реми за Тотенхем (Видео)

Њукасл го победи Кристал Палас со 2-0 на домашен терен и покажа дека сѐ уште размислува за излез на европска сцена. Бруно Гимараеш во 71-та минута го отвори резултатот во корист на домаќинот, а Малик Тијао седум минути подоцна го потврди триумфот.

Тотенхем одигра 1-1 против Сандерленд. Бен Дејвис во 30-тата минута обезбеди предност за Тотенхем, но Брајан Броби успеа да израмни десет минути пред крајот на натпреварот.

Брентфорд славеше на гости против Евертон со 2-4. Игор Тијаго постигна хет-трик за гостите, а погоди и Натан Колинс. За Евертон стрелаа Бето и Тирно Бери.

Јапонецот Никаидо ја сопре доминацијата на Превц

Јапонскиот репрезентативец Рен Никаидо ја оствари својата прва победа во Светскиот куп, славејќи на ски-скокалницата во Инсбрук, третата станица од Новогодишната турнеја „Четири скокалници“. Тој за само половина поен го надмина Словенецот Домен Превц, прекинувајќи ја неговата победничка серија.

По првата серија, Никаидо беше на делбата на прво место со новата домашна ѕвезда, Штефан Ембахер. Јапонецот слета на 131 метар, а Австријецот на 130 метри, при што двајцата освоија по 139,8 поени. Третото место го зазеде победникот на квалификациите, Австријецот Јан Херл, кој за скок од 130 метри доби 1,1 поен помалку од водечката двојка, додека Превц слета на 129,5 метри и заостануваше 2,5 поени.

Тоа го најави возбудливото финале, во кое Превц, кој беше лидер во Светскиот куп и на Новогодишната турнеја, со скок од 128 метри ја презеде предноста и го фрли предизвикот на останатите натпреварувачи на „Бергисел“.

Јан Херл со скок од 126 метри заостана 6,4 поени зад Превц. Потоа, Рен Никаидо ја изедначи далечината на Превц и за само половина поен го надмина Словенецот. 19-годишниот Штефан Ембахер со 127,5 метри заврши зад нив, заостанувајќи само 0,7 поени зад Никаидо.

Иако Превц веќе не може да освои Гранслем – титула за победник на сите четири натпревари од турнејата, неговиот настап во Инсбрук го приближи до трофејот „Златен орел“ за вкупен победник.

Пред последното натпреварување, кое ќе се одржи на 6-ти јануари во Бишофсхофен, Превц има 895,8 поени, дури 41,4 повеќе од второпласираниот Јан Херл. Трет е Штефан Ембахер со заостанување од 41,7 поени.

Фиорентина ја врати надежта за опстанок

Фиорентина славеше минимална, но важна победа на домашен терен против Кремонезе, со 1-0, во 18-тото коло од италијанската Серија А.

Тимот на Паоло Ваноли влезе во новата година како да има нови амбиции, и тоа го покажа со првиот триумф во 2026 година, можеби најавувајќи подобри денови за Виолетовите.

Првиот дел минуваше во блага иницијатива на Фиорентина, која имаше тешкотии да го пробие отпорот на новиот тим во лигата, и покрај обидите на Паризи, Мандрагора и Гудмундсон.

Во вториот дел, Кремонезе возврати преку Вард и Санабрија, а на спротивната страна шанса пропушти Пиколи, па изгледаше дека мечот ќе заврши без голови.

Сепак, во игра влезе Моисе Кин, кој во само седум минути донесе голема радост за својот тим. Во втората минута од судиското продолжение, ударот на Фортини беше одбранет од Аудеро, но топката се одби до Кин, кој без проблем ја смести во мрежата за конечни 1-0.

Фиорентина ја забележа својата втора победа во Серија А и моментно ја дели последната позиција со Верона и Пиза, кои исто така имаат по 12 бодови, додека Кремонезе е 12-ти со 21 бод.

Нант го шокираше Марсеј на „Велодром“

Фудбалерите на Олимпик Марсеј доживеаја неочекуван пораз од Нант со 0-2 на „Велодром“, во натпревар од 17-тото коло во француската Лига 1.

Нант уште од првите минути покажа поголема сигурност од домаќинот. Веќе по осум минути игра, „Велодром“ воздивна со олеснување откако автоголот на Си-Џеј Иган-Рајли беше поништен.

Клучниот момент се случи во 26-тата минута, кога Андреас Фермерен направи целосно непотребен прекршок врз голманот на Нант, Антони Лопеш. Во обид за пресинг, младиот Белгиец стартуваше со отворен ѓон и заработи директен црвен картон поради крајно непромислен потег.

Казната стигна брзо. Во 31-та минута, Фабиен Сентонз погоди и го замолкна „Велодром“ за водство од 0-1.

Но, тука не завршија проблемите за тимот на Де Зерби. Билал Надир, кој влезе во првото полувреме наместо Игор Паишао со цел да донесе рамнотежа, беше исклучен во 56-тата минута откако доби два жолти картони за само три минути.

За целосен кошмар се погрижи Бенжаман Павар, кој во 86-тата минута направи пенал. Одговорноста ја презеде Реми Кабела, кој против својот поранешен клуб го постави конечниот резултат.

Со вакви настапи, Олимпик Марсеј реално нема што да бара во трката за шампионската титула. Ленс веќе се оддалечи на осум бода разлика, а кризата во Марсеј станува сè поочигледна.

Полски атлетичар го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа

Светската атлетска заедница е во жалост по трагичната смрт на полскиот олимписки натпреварувач Роберт Волски, поранешен скокач во височина, кој почина на 43-годишна возраст по тешка сообраќајна несреќа.

Волски го загуби животот во петокот, на 2 јануари, неколку дена откако беше тешко повреден во сообраќајка што се случи на 26 декември.

Веднаш по несреќата бил итно пренесен во болница со хеликоптер, каде лекарските тимови со денови се бореле за неговиот живот, но, за жал, исходот бил трагичен.

Полската атлетска федерација ја потврди тажната вест со емотивно соопштение:
„Со длабока тага и неизмерна болка ја примивме веста за смртта на Роберт Волски, олимписки учесник во Атина и долгогодишен репрезентативец на Полска во скок во височина. Нека почива во мир.“

Димитријевиќ не играше за Зенит, се чека само официјализација на преминот во Баерн

Екипите на Зенит и Баерн Минхен денеска имаа(т) обврски во домашните лиги, па трансферот на Ненад Димитријевиќ во баварскиот тим може да биде објавен подоцна вечерва или можеби утре.

Нено не беше со екипата на Зенит на гостувањето во Перм кај Парма во ВТБ лигата и јасно е дека веќе нема да игра за рускиот тим во кој дојде пред почетокот на сезонава.

Негова следна дестинација е Баерн кој игра и во Евролигата, тренер на тимот е Светислав Пешиќ под кого почнаа да бележат подобри резултати.

Едно од најлутите ривалства во Англија заврши без победник

Лидс и Манчестер јунајтед ремизираа 1-1 во пресметка на два историски традиционално лути ривали од Премиер лигата.

Сезонава на двата тима не им цутат розите, особено Лидс е во непријатна ситуација, па иако постоеше голема желба за триумф, сепак и бодот може да им биде утеха.

Откако еден час беше мирно, во рок од три минути прво Лидс поведе, па Јунајтед израмни. Но, од голови толку беше. За Лидс ова беше трето, а за Црвените ѓаволи второ реми по ред.

Барса после 637 дена пауза го победи Реал Мадрид

Барселона го доби кошаркарското Ел Класико против Реал Мадрид, Каталонците победија со 105-100 во лигашки меч, на кој прекинаа црна серија во дуелите со лутиот ривал.

Барса погоди 14 тројки од 25 обиди што беше решавачко за нивната прва победа против Реал по пауза од 637 дена. Претходниот триумф над Реал им беше во април 2024, а од тогаш девет пати по ред (во сите натпреварувања) славеа Кралевите.

За Реал заврши рекордната серија од 37 лигашки победи на домашен терен, цели 644 дена не знаеја за пораз дома во дуел од шпанската лига.