Дома Blog Страница 44

ИНТЕРВЈУ со претседателот на УЕФА, Чеферин зборува за сите најактуелни настани во светот на фудбалот

Имајќи предвид дека денес живееме во значително покомплексен и безбедносно почувствителен свет отколку во 2016 година кога станавте претседател на УЕФА, дали е потешко да се организира и да се слави фудбалот денес и како глобалните околности влијаат врз начинот на кој се води европскиот фудбал?

„Откако сум јас претседател на УЕФА, постојано се соочуваме со одредени проблеми. Не знам дали вината е во моето доаѓање или тоа е едноставно сплет на околности. Ја имавме пандемијата на Ковид-19, кога сè запре – немаше спорт, немаше натпревари. Потоа започнавме со многу ризици, па се појави фамозната Суперлига, па војната помеѓу Украина и Русија, а сега и војната на Блискиот Исток.

УЕФА немала толку проблеми во својата историја колку што има во мојот мандат, но фудбалот поседува сила и на некој начин ги обединува луѓето на теренот. Таму нема разлика во верата, нацијата, бојата на кожата или било што друго. Затоа, сметам дека задачата на фудбалот е да помогне во овој „луд свет“ во кој живееме – бидејќи за мене ова е можеби најопасниот период од триесеттите години на минатиот век – и да се обиде да ги зближи луѓето. Тоа ни е една од ретките позитивни работи што се случуваат. Спортот, а особено фудбалот е многу повеќе од само спорт“, вели Чеферин.

Со години бевте скептични околу проширувањето на бројот на учесници на Светските првенства, но тоа сепак се случи, дури ФИФА размислува за уште поголем број селекции и на машките и на женските турнири. Повеќе натпревари, повеќе приходи – на прв поглед звучи едноставно. Но, дали тоа навистина е добро за фудбалот? И во таа насока, каков е вашиот однос со ФИФА? Дали УЕФА и ФИФА се ривали, барем повремено?

„Прво, сметам дека не е добро што на Светското првенство ќе учествуваат 48 репрезентации, бидејќи квалитетот опаѓа и првенството нема да биде толку интересно. Ќе има резултати од 5:0, 6:0 или 7:0, но на крајот на краиштата, тоа е Светско првенство. Не се спротивставував премногу на тоа. За мене е клучно Европското првенство да биде посилно од Светското, што е и факт, но ова сигурно не е добар потег. Тоа е популизам, еден вид политички маневар. Сега се 48, во ред, нека биде така. Тоа ќе донесе проблеми, но веќе е на самата граница.

Помеѓу УЕФА и ФИФА отсекогаш постоеле тензии, многу пред моето доаѓање. Многу луѓе не знаат дека УЕФА не е членка на ФИФА. Таа е целосно независна организација и затоа е поинаку структурирана во споредба со останатите спортови. Од друга страна, УЕФА има четири пати поголем буџет од ФИФА, која е светска организација, што постојано предизвикуваше одредени тензии. Сепак, денес односите се коректни. Мислам дека се договоривме каде се „црвените линии“. Тие нека нè остават нас, ние ги оставаме нив да работат на свој начин. Затоа се согласив за форматот од 48 земји – ако ФИФА тоа го сака, нека го има. Но, ние не отстапуваме од нашиот пат, кој е малку поинаков. Односите се сè покоректни. Имаше малку тензии повторно, но тоа е веројатно очекувано во ваква ситуација“, објаснува првиот човек на УЕФА.

Ќе остане ли УЕФА на заложбата цените на билетите за Еуро 2028 да бидат значително пониски во однос на билетите за Светското првенство 2026?

„Сигурни сме во себе бидејќи добро знаеме дека фудбалот во Европа е повеќе од спорт. Тоа е дел од нашата култура и историја и ние не можеме и не сакаме да дозволиме на нашите натпревари да доаѓаат само богати луѓе. Имаме јадро на навивачи за кои цените на билетите мора да бидат прифатливи. ФИФА има друг принцип, но тоа на некој начин не е мој проблем. Ние апсолутно ќе истраеме на тие ниски цени за Европското првенство. Честопати кога разговарам со комесарот на НБА или со други, гледам дека таму владее поинаков менталитет. Во Америка, ако кажете дека билетот е 5.000 долари, оној што нема пари – не доаѓа. Кај нас, ако ги подигнеме цените, секој ќе каже: „Фудбалот е мој, не можеш да ми го одземеш“. Би имале луѓе на улиците и сметам дека би биле во право. Сè уште работиме добро, сè е одлично, зошто би ги кревале цените? Не е сè во парите“, поентира Словенецот.

Кога беше создадена Лигата на нации, имаше многу полемики и скептицизам околу нејзината потреба и формат. Денес, по неколку изданија, што научивме од тоа натпреварување и како ја гледате неговата иднина?

„Што и да направите во фудбалот, секогаш ќе има многу скептици. За Лигата на нации многу луѓе коментираа дека нема смисла и дека ќе биде здодевна, а сега е огромен успех. Ги променивме клупските натпреварувања, ја воведовме Конференциската лига. Сите велеа: „Зошто ја играте таа лига, тоа е небитно, за мали клубови“. Сега истите тие критичари нè прашуваат: „Зошто финалето го играте на толку мали стадиони?“. Тоа е одлично натпреварување. Сметам дека ако нешто функционира добро, не значи дека не треба да го менувате за да биде уште подобро. Никогаш не смееме да заборавиме дека фудбалот е за сите и дека се развива само ако инвестициите се насочат во сите земји, вклучувајќи ги и малите. Погледнете ги најголемите клубови – тие не создаваат играчи, туку ги купуваат. Гледаме типична разлика меѓу кошарката и фудбалот. Кошарката ја оставија да стане затворена лига, па репрезентациите стагнираат, додека фудбалот расте. Ние секој пат одиме по 25% нагоре, што е многу важно бидејќи 97% од сите приходи на УЕФА се враќаат назад во фудбалот. Наведете ми една невладина организација која троши само 3% на своите потреби? Ниедна. Обично трошат меѓу 15 и 20%. Фудбалот е одлично организиран, не само поради мене, туку тоа е систем поставен уште од претходно, но сметам дека тоа е најважната работа“.

Дали сметате дека фудбалот со воведувањето на ВАР-системот влегува во своевидна замка, каде што секој момент од играта се анализира премногу строго? Дали мерењето на „секој милиметар“ и деталното видео-следење на секој контакт на некој начин ја задушуваат природната динамика и емоција на играта? И, од ваш личен аспект, дали очекувате или поддржувате нови измени во правилата со цел да се најде подобар баланс?

„На прашањето за ВАР нема само еден одговор. Сметам дека во многу работи помогна, но во многу други целосно се согласувам со вас. Ако имате „долг нос“, тоа не значи дека сте во офсајд – тука нема фудбалска логика. Правилото за игра со рака е такво што веќе никој не знае што е прекршок. Тоа треба да им се препушти на судиите сами да одлучуваат. Сепак, ВАР е одличен за офсајд. Моментално работиме со ИФАБ да го промениме правилото, така што целото торзо ќе мора да биде во офсајд, за да не се суди офсајд за еден сантиметар. Тоа би имало повеќе фудбалска логика. Исто така, ВАР е корисен за одредување дали прекршокот е внатре или надвор од казнениот простор. Сметам дека во европските натпреварувања добро го користиме бидејќи сè се одвива брзо, додека во некои лиги гледам дека трае по десет минути, што малку ја одзема енергијата. Сепак, никој не може да каже дека не е фер ако јасно се гледа офсајдот. Денешните фудбалери се многу брзи. Ниту еден судија не може да ја следи брзината на играчи како Јамал, Мбапе или Винисиус, и тука технологијата многу помага. Но, честопати им велам на нашите соработници: интервенцијата на ВАР треба да биде само ако станува збор за јасна и очигледна грешка (clear and obvious mistake), а не за секоја ситница“.

Македонија и Словенија се во иста група во Б-дивизијата од Лига на нации. Како, од личен аспект, го оценувате квалитетот и потенцијалот на двете селекции?

„И едната и другата се сериозни екипи, а и целата група – Шкотите и Швајцарците, ние и вие. Тоа е група во која секој може секого да победи, мислам. Ќе биде тежок, навистина тежок натпревар. За Словенија…му реков денес на вашиот селектор малку да се смири против Словенија, а да игра посериозно против Швајцарија и Шкотска“.

Во време кога фудбалот е под зголемена лупа на јавноста и институциите, прашањето за интегритетот станува едно од клучните за довербата во фудбалот. Сомнежите за местење натпревари и нерегуларности не се предизвик само за една земја, туку за целиот систем што треба да гарантира фер и транспарентна конкуренција. И во македонскиот фудбал, каде што за неколку натпревари веќе има и официјални истраги, оваа тема добива дополнителна тежина. Како УЕФА гледа на ваквите појави и кои се конкретните механизми и чекори што се преземаат за нивно спречување и санкционирање?

„Местењето на натпревари е дефинитивно ракот на фудбалот и тоа е катастрофа. Голем проблем гледам во тоа што локалните полиции во некои земји не го сметаат ова за приоритет. Некаде соработката е подобра, некаде полоша. Ние немаме затвори, не можеме да прислушуваме телефони ,ниту да добиваме доверливи податоци. Од друга страна, на теренот е исклучително тешко да се докаже дека некој намерно наместил натпревар. Ако голман направи грешка, дали е тоа местење? Тешко е да се каже. Сепак, тоа ни е приоритет. Имаме договор со Интерпол и се трудиме да работиме на тоа, но тешко се откриваат тие работи. Сепак, откривме многу големи случаи и санкциониравме многу клубови. Преку системот „Sportradar“ ги следиме сите сомнежи – ако има облози од сто илјади евра на трета македонска лига, тоа веднаш е сомнително и сè се запира. Но, повторно, на некого треба конкретно да му се докаже зошто и како го направил тоа за да биде санкциониран. Имаме сериозен тим за ова, но таа мафија е многу силна и постојано работи. Денес можете да се обложите на сè – на жолт картон, на изглед на играч, на сè живо. Тоа е комплексен проблем со кој сериозно се занимаваме“.

Речиси пет години по неуспешниот обид за создавање на т.н. Европска Супер лига – проект инициран од најбогатите клубови, се чини дека приказната доби своја завршница, откако и Реал Мадрид, како еден од главните двигатели, се повлече од таа идеја. Иако сега тоа се претставува како договор за принципи, многумина го толкуваат како значајна победа за УЕФА и за вас лично, наспроти ставовите на Флорентино Перез. Дали и вие го доживувате овој исход на таков начин, како своевидна победа?

„Мило ми е што сега сите сме на иста страна. Не сакам ни да ги отворам тие прашања за минатото. Важно е што сите видовме дека имаме ист интерес – фудбалот да биде за сите и да биде отворено натпреварување. Задоволен сум што тоа е завршена приказна, но нема никого да обвинувам. Мораш да бидеш паметен и да разбереш дека мојата улога не е да биде важно кој победил, туку да го чувам фудбалот, УЕФА и сите сојузи. Сега имам одлични разговори со нив, сите се на наша страна. На крајот видовме дека многу нешта беа „изгубени во преводот“. Што било, било, а остатокот ќе го кажам кога ќе го завршам мандатот“.

Зошто сметате дека Финансискиот фер плеј е подобра опција од воведување на „Селари кап“ за контролирано трошење на клубовите?

„Една од најважните работи е клубовите да бидат одржливи (sustainable). Ако јас вложам многу пари во клуб и потоа заминам, сè ќе се сруши. Затоа мораме да внимаваме на изворите на приходи и на стабилноста на клубовите. Нас не ни значи ништо ако некој богаташ купи клуб како играчка, инвестира три години и потоа одеднаш изгуби интерес. Тоа води кон пропаст на буџети од милиони евра. Подобро е клубот да работи на пониско ниво, отколку да оди во стечај, што често се случуваше претходно“.

Словенија е пример како мала земја може да игра „голема игра“ – без многу бучава, но со константни резултати. Од Лука Дончиќ и Тадеј Погачар, до Домен и Ника Превц – се создава впечаток дека таму успехот не е исклучок, туку навика. Дали успехот на словенечкиот спорт е резултат на јасно поставен систем или повеќе на култура и менталитет што го гради спортистот од најрана возраст? И што од тоа најмногу недостасува кај другите мали земји кои се обидуваат да го следат истиот пат? Македонија и Словенија географски и по број на жители се речиси исти.

„Во Словенија државата речиси ништо не инвестира во спортот, тоа е повеќе прашање на менталитет и култура. Ние едноставно го сакаме спортот. Лука Дончиќ вчера, за време на натпреварот Реал – Баерн, ми напиша десет пораки – сакаше да ја коментира секоја акција, судењето, играта. Ние живееме за спортот, а сметам дека и вие Македонците живеете за него. Имавте огромни успеси во кошарката и имате одлични ракометни клубови. Но, со сета почит кон другите спортови, за мене најголем успех е пласманот на Европско првенство во фудбал. Кога ќе го споредите фудбалот со другите спортови, тоа е „ден и ноќ“. Вие сте блиску, тука сме. Луѓето од Западот ни велат дека ние од овој регион сме родени со топка, бидејќи сме добри во сè – фудбал, кошарка, ватерполо, ракомет, одбојка. Кај нас во Словенија се и скијачките спортови бидејќи сме поблиску до Алпите“, вели Чеферин.

По една година на чело на ФФМ, Масар Омерагиќ започна и заврши неколку важни процеси,  воведување на ВАР, нов Статут и поинаков пристап кон инвестициите, во услови кога средствата од инфраструктурните фондови на УЕФА од поранешното раководство на федерацијата се веќе потрошени до 2028 година. Како УЕФА ги оценува  реформите кои се спроведуваат во македонскиот фудбал и колку е важно во вакви услови правилното управување со ресурсите?

„Масар одлично си ја врши работата. Ние навистина ги контролираме сите сојузи, а македонскиот сојуз, откако е Масар таму, е еден од примерите за посветено работење и веќе се гледаат разликите. Секој пат кога ќе дојдам, сè е поинаку. Можеби сум малку субјективен бидејќи ми е пријател, но објективно, како претседател на УЕФА, сум презадоволен. Никогаш не би го кажал тоа јавно ако не го мислам, бидејќи тоа може да ми се врати. Му честитам на него и на целиот тим. Мило ми е што ги доближи сите поранешни фудбалери до Сојузот, бидејќи во многу други земји постои љубомора кон нив, а тој ги обедини и климата е одлична“.

Како ја толкувате изреката „не постои бесплатен ручек“ во контекст на современиот фудбал и дали сметате дека токму тие „понуди“се најголемиот предизвик за интегритетот на луѓето од врвот на спортот? Како успевате да поставите јасни граници во средина каде што притисоците и „неформалните понуди“ се дел од секојдневието, и дали сметате дека токму таа лична цврстина е клучна за да се остане некорумпирлив во врвниот спорт?

„Сметам дека најважно е секое утро да можеш да се погледнеш во огледало и да не ти е срам од сопственото лице. Никогаш не би ја продал моќта за пари, бидејќи во моментот кога ќе се продадеш, веќе немаш никаква моќ. Навистина се трудам, и покрај грешките кои секој ги прави, да го направам најдоброто за фудбалот и така ќе биде додека сум тука. Животот е убав и носи разни нешта. Никогаш не размислувам премногу во иднината – ќе видиме што ќе биде. Не се оптоварувам со тоа, бидејќи ако планираш нешто за пет години однапред, сигурно нема да се случи така. Затоа, полека“, финишираше Чеферин.

Линекер во свој стил: „Кристијано не ме сака затоа што Меси е најдобриот во светот“

Иако веќе се блиску до крајот на своите славни кариери, ривалството меѓу Лионел Меси и Кристијано Роналдо и понатаму предизвикува дебати. Двајцата сè уште се активни – едниот во Интер Мајами, другиот во Ал-Наср – и продолжуваат да бркаат голови и трофеи, секој со свој пат кон доминација во истата ера.

Во оваа вечна дебата има луѓе кои никогаш не се двоумеле. Гери Линекер е еден од нив. Англичанецот, денес коментатор, секогаш го избирал Аргентинецот кога ќе му се постави прашањето: кој е подобар?

Сепак, изгледа дека тој избор има последици. Линекер откри во поткастот „Останатото е фудбал“ дека португалскиот напаѓач престанал да го следи на социјалните мрежи.

„Кристијано Роналдо не ме сака баш многу. Не сум го налутил со нешто што сум кажал за него. Само сум искрен и мислам дека Меси генерално е подобар фудбалер. Тој престана да ме следи на ‘Инстаграм’. Ќе преживеам“, рече тој со насмевка.

„Секогаш ќе го сакам Роналдо. Го имам сретнато многупати. Знам дека малку ми е лут, но тоа е нормално. Те молам, Кристијано… јави ми се. Да бидеме повторно пријатели!“, додаде поранешниот играч на Барселона.

Четири желби за две места во плејофот: Феникс нема право на кикс, Стеф Кари и дружината по ново изненадување (Фото)

Вечерва ќе биде комплетиран списокот со учесниците во плејофот на НБА-лигата, а за двете слободни места конкурираат четири екипи.

Легендарниот Стеф Кари и неговите соиграчи од Голден стејт ќе се обидат да направат уште едно изненадување и да елиминираат уште еден фаворит, па како десетти во регуларниот дел да дојдат до место во плејофот.

Сепак, Феникс е фаворит според квотите со 1.66 за победа, а изненадување на Воините има квота од 2.45.

На вториот меч фаворитската улога ја има Шарлот како гостин, иако имаше послаб пласман од Орландо во регуларниот дел. „Магичните“ имаат квота за победа од 2.40, додека гостите имаат квота за победа од 1.68.

Во Sport Life може да најдете специјална проширена понуда кога се работи за кошаркарите и играта „плус-минус“. Најпопуларната игра меѓу играчите може да се одигра на поени, скокови, асистенции, тројки, но и вкупен збир од поени, скокови и асистенции. Комплетната понда може да ја најдете ТУКА.

Охрид го „сруши“ шампионот и ќе игра историско финале во Купот на Македонија

Ракометарите на Охрид уште еднаш оваа сезона испишаа историја за својот клуб и за градот крај езерото, откако за првпат во својата историјата ќе играат во финалето од Купот на Македонија. Охриѓани во полуфиналето го совладаа актуелниот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер со убедливи 26-19.

Пласманот во големото финалето за екипата на Охрид беше најавено уште во првото полувреме, после кое „сините“ имаа водство од убедливи 13-7.

Предноста за охриѓани растеше и во вториот дел, па брзо се искачи и на двоцифрена предност. Охрид дојде до убедливи 20-10, потоа и 22-12. Следуваше серија од 4-0 за Еурофарм Пелистер за намалено водство на Охрид на 22-16, но на крајот се покажа дека тоа е само последниот обид на битолчани резултатски да се вратат во мечот.

Охрид ќе имаат можност да се борат за првиот трофеј воопшто во клупската историја.

Еурофарм Пелистер има пет трофеи од Купот на Македонија, а последните пет сезони играше во финалето и секогаш губеше, четирипати од Вардар и еднаш од Алкалоид, екипи кои ќе играат во второто полуфинале за место во битката за трофејот во Струмица.

Вардарци на девет од последните 10 меча немаат дадено повеќе од еден гол, „наплатата“ треба да биде против Шкупи

Шкендија убедливо со 4:1 славеше во Кавадарци над Тиквеш и вечерва тетовци ќе преспијат како лидери на табелата во Прва фудбалска лига на Македонија со 67 бодови. Сепак, промена на врвот на табелата се очекува да има веќе утре, кога Вардар кој има 65 бодови, игра против „фенерџијата“ Шкупи.

Шкупи како домаќин ќе игра на тренинг центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ, каде Вардар сезонава веќе одигра неколку натпревари. Речиси и да нема дилеми дека Црвено-црните ќе победат лесно и најверојатно убедливо, затоа што Шкупи досега прими 94 голови во 27 меча (речиси четири примени гола во просек по меч).

Дуелот на Вардар против Шкупи можеби доаѓа во најдобар можен момент, а тоа е да се врати разнишаната голгетерска самодоверба кај играчите кои го носат дресот на најтрофејниот фудбалски колектив во Македонија. Ако се погледнат резултатите на последните 10 натпревари што ги одигра Вардар, алармантен е податокот дека Црвено-црните на девет средби немаат постигнато повеќе од еден погодок. Секако дека тоа е премалку за еден тим кој се бори и е главен фаворит за освојување на титулата во првенството.

Во последните два месеци, Вардар единствено во дуелот против Македонија Ѓорче Петров успеа да постигне повеќе од еден гол. Тогаш Црвено-црните беа убедливи и славеа со 5:1. Голгетерската криза Вардар ја плати и со елиминација од Купот и тоа во Скопје кога беше елиминиран од второлигашот Охрид. По регуларниот дел беше 1:1, па охриѓани беа подобри на пенали.

Вардар следниот меч го игра против аутсајдерот Шкупи, кога офанзивниот ред треба да покаже дека не заборавиле да постигнуваат голови, а потоа во финишот на сезоната да продолжат во ист ритам, ако сакаат да ја освојат титулата која со нетрпение ја чекаат вардаровите навивачи.

ПОСЛЕДНИТЕ 10 МЕЧА НА ВАРДАР

Легендата на Реал Мадрид: „Атлетико против Барселона… зарем не можеше и двата да загубат?“

Легендата на Реал Мадрид и германската репрезентација, Тони Крос, ги анализираше случувањата во Лигата на шампионите. Тој смета дека од четирите полуфиналисти – ПСЖ, Баерн Минхен, Арсенал и Атлетико Мадрид – најмали шанси за освојување на трофејот има тимот на Диего Симеоне.

„Барселона против Атлетико Мадрид… Не можеа ли и двата тима да загубат? Во десетте години што ги поминав во Реал Мадрид не сакав ниту еден од нив да победи, но ако морам да изберам, подобро е тоа да биде Атлетик затоа што следната година нема да имаат исти шанси за титула. Не мразам ниту еден од тие тимови, но поради мојата поврзаност со Реал Мадрид повеќе би сакал тие да не освојат“, изјави Крос.

„Ова е само мое лично мислење, но мислам дека Атлетико Мадрид нема да ја освои Лигата на шампионите. Има тимови во натпреварувањето кои играат подобро од нив“, додаде тој.

„Мислам дека Барселона беше подобар тим од Атлетико, но кога играш толку долго со играч помалку, тоа е многу тешко. Атлетико секогаш знае како добро да го одбрани резултатот и со предноста од првиот натпревар, плус исклучувањето, имаа голема предност за пласман во полуфиналето“, продолжи Крос.

„Кога се браниш на тој начин и оставаш толку многу простор во одбраната, вакви работи можат да ти се случат, вклучително и исклучување. Одбраната на Барселона е многу ранлива. Минатата година тоа се случи со Интер, а оваа година со Атлетико. Како што реков, ако не го променат начинот на игра, нема да ја освојат Лигата на шампионите“, заклучи Крос.

Новото засилување на Реал сè уште не размислува за Кралевите: „Сакам да играм со Меси на Мундијалот“

Ѕвездата на Комо, Нико Пас, сè почесто се поврзува со враќање во Реал Мадрид. Сепак, тој признава дека не размислува за тоа, туку е фокусиран само на Лигата на шампионите и на Светското првенство 2026.

Серија А влегува во завршната фаза од сезоната, а неговиот тим е многу блиску до остварување на сонот – пласман во Лигата на шампионите. Комо заостанува два бода зад четвртото место, на кое се наоѓа Јувентус, а има бод повеќе од Рома. Тимот на Сеск Фабрегас стигна и до полуфиналето на Купот на Италија и го очекува реваншот со Интер, откако првиот меч на домашен терен заврши 0:0.

Освен тоа, Пас, кој е роден во Шпанија, но избра да игра за Аргентина, сонува да биде соиграч со Меси на Светското првенство.

„Имаме одлична сезона. Искрено, не очекувавме да играме толку добро. Неверојатната работа што ја направивме дава резултати. Би било фантастично да ги оствариме двете цели – пласман во Лигата на шампионите и финале во Купот. Мора да дадеме максимум и ќе го направиме тоа“, изјави 21-годишниот Нико Пас.

Талентираниот играч има одлична сезона и многумина сметаат дека летово ќе се врати во Реал Мадрид, кој во 2024 година го продаде на Комо за шест милиони евра. Во договорот постои клаузула според која Кралевите можат да го вратат на „Сантијаго Бернабеу“ за девет милиони евра, иако „Трансфермаркт“ го проценува на околу 65 милиони.

„Тренерот Сеск Фабрегас е најважниот фактор за мојот развој. Тој има огромна доверба во нас, живее за фудбалот, работи напорно и ми дозволува да играм како што сакам. Тоа е клучно.

Сè уште е рано да размислувам за иднината. Сто проценти сум фокусиран на Комо. Сакам да го дадам максимумот за да ги оствариме целите. Потоа доаѓа Светското првенство. Од мал сум сонувал да играм таму. Би било неверојатно – работам секој ден за да стигнам до тоа ниво“, додаде Пас.

Шкендија со четири гола до три бода во Кавадарци за прво место на табелата

Шкендија најмалку до утре ќе биде лидер во Првата лига, откако убедливо славеше на гостувањето кај Тиквеш со 1-4. Тетовци сега имаат 67 бода, два повеќе од Вардар, но скопските „црвено-црни“ утре играат против отпишаниот Шкупи и очекувано е дека ќе победат и ќе се вратат на првата позиција.

Актуелниот шампион на Македонија многу полесно од очекуваното дојде до победата во Кавадарци, откако уште по првите 45 минути имаше убедливи 0-3.

Резултатот го отвори Мелиќи во 15-тата минута, а Бесарт ибраими со неговиот 227-ми гол во прволигашката конкуренција зголеми на 0-2 во 36-тата минута. До крајот на полувремето во листата со стрелци се запиша и Љатифи.

Второто полувреме започна одлично за Тиквеш, бидејќи младиот Стојчев во 49-тата минута погоди за 1-3, но радоста на кавадарчани траеше кратко, со оглед дека Вареловски во 54-тата минута си постигна автогол и ја врати предноста од три гола за Шкендија.

На крајот се покажа дека тоа ќе биде и конечниот резултат на мечот во Кавадарци.

Арне Слот: „И да сакавме, немаше да можеме да напишеме вакво сценарио“

Менаџерот на Ливерпул изјави дека враќањето на Александер Исак во составот е добра вест бидејќи ќе го ублажи отсуството на најдобриот стрелец на тимот, Уго Екитике.

Дваесет и тригодишниот Екитике нема да игра во наредните месеци откако во вторникот, на натпреварот против ПСЖ во Лигата на шампионите, ја скина Ахиловата тетива.

Исак, за кого Ливерпул минатото лето му плати рекордни 125 милиони фунти на Њукасл, се врати на терените само пред една недела, по долгото закрепнување од скршеница на ногата. Швеѓанецот ќе треба да го понесе главниот товар во нападот, а првиот следен предизвик за Црвените е дербито од Мерсисајд против Евертон.

„Кога ги донесовме Исак и Екитике во текот на летото, постапивме паметно избирајќи двајца играчи кои можат да играат како класични напаѓачи. И да сакавме, немаше да можеме да напишеме вакво сценарио. Во моментот кога Исак се врати по четиримесечна пауза, Екитике доживеа тешка повреда. Тој сè уште не е опериран. Мислам на него бидејќи ќе пропушти многу посебни моменти додека закрепнува. Тој не е ни првиот ни последниот што се повредил и имаме многу примери на играчи кои се враќаат уште посилни. Се надевам дека за 10-15 години ќе можеме да кажеме дека оваа повреда го направила посилен“, изјави Слот.

Тој додаде дека покрај Исак, опции за врвот на нападот се и Федерико Кјеза и Коди Гакпо, кои ќе добијат шанса бидејќи Исак сè уште не е подготвен да игра цели 90 минути.

Шест кола пред крајот на сезоната во Премиер лигата, Ливерпул се наоѓа на петтото место со 52 бода, пет повеќе од осмопласираниот Евертон.

Чеферин од Скопје порача: Не е добро тоа што на Мундијалот ќе има 48 репрезентации

До почетокот на Светското првенство во САД, Канада и Мексико остануваат помалку од два месецa и полека се загрева атмосферата за најголемиот фудбалски настан кој се организира еднаш во четири години. Овој Мундијал ќе биде прв на кој наместо досегашните 32 учесниka, ќе има дури 48 селекции на завршницата.

Многу поделени мислења имаше околу тоа дали треба да се зголеми бројот на учесниците на планетарниот собир, а претседателот на Европската фудбалска федерација, УЕФА, Александер Чеферин, уште еднаш потврди дека тој не е многу среќен со зголемувањето на бројката од 32 на 48 репрезентации.

Чеферин вчера беше во Скопје на покана на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, а меѓу другите муабети, првиот човек на европскиот фудбал го кажа своето мислење околу зголемувањето на бројот на учесници на Мундијалот.

„Мислам дека не е добро да има 48 репрезентации на Светско првенство затоа што квалитетот паѓа и првенството нема да биде интересно. Ќе има резултати од 5:0, 6:0, 7:0“, рече Чеферин во Скопје.

Македонија вторпат по ред стигна до баражите за пласман на СП, но вторпат не успеа да се најде на завршницата. Oд земјите од поранешната Југославија, на Мундијалот ќе играат Хрватска и Босна и Херцеговина.