Дома Blog Страница 43

Орландо и Феникс се пласираа во плејофот, Шарлот и Голден Стејт ја завршија сезоната (Видео)

Екипите на Орландо меџик и Феникс санс продолжуваат во плејофот на НБА лигата, откако во клучните мечеви славеа против Шарлот и Голден Стејт. Орландо без многу драма, рутински стигна до сигурен триумф над Шарлот од 121:90 и се избори за место во првото коло од плејофот каде ќе се сретне со тимот на Филаделфија.

Паоло Бончеро со 26 поени ги предводеше Магичните до убедливата победа, а одлични беа и Франц Вагнер со 18 поени и Вендел Картер со 16 поени. На спротивната страна, единствен расположен за игра беше Ламело Бол со 23 поени.

Феникс сакс го елиминираше тимот на Голден Стејт победувајќи со 111:96. Џелен Грин беше незапирлив и постигна 36 поени, а и останатите четири кошаркари од стартната постава на Сонцата беа со двоцифрен број на постигнати поени. Девин Букер додаде 20 поени, Џордан Годвин постигна 19, Дилон Брукс беше со 13 поени, а Осо Оходаро даде 10 поени.

Кај Голден Стејт најмногу поени постигна Стеф Кари (17), но имаше очаен шут од поле погодувајќи само четири пати од 16 обиди. Феникс во првото коло на Западот ќе игра против Портланд.

Чкембари ги нападнаа ракометарите на Пелистер!? (Видео)

Битолски Пелистер е елиминиран во полуфиналето од ракометниот куп и речиси сигурно ќе остане сезонава без ниту еден трофеј. Пелистер уште е актуелен шампион, но сезонава е далеку зад Вардар и само теоретски останува Црвено-црните шампионскиот пехар да го префрлат во Скопје.

Освен што не го одбранија трофејот во првенството, Пелистер и во Купот разочара. Иако делуваа дека се фаворити во полуфиналето против Охрид, битолчани многу лесно и убедливо загубија со 26:19.

На фејсбук страната на битолската навивачка група „Чкембари“ се појави видео на кое се гледа како навивачи стојат покрај патот и се подготвени да нападнат некого.

“Баравте проблем. ДОБИВТЕ!“ е пораката која Чкембари ја испратија, а на видеото кое е постирано се гледа дека се работи за класична заседа. Со запалени факели, палки, железни прачки го нападнаа комбето кое пристигна, но за среќа, возачот успеа да избега од оваа заседа. Не е потврдено дали во комбето се наоѓаа ракометарите на Еурофарм Пелистер.

Македонија во јуни ќе игра пријателски меч против репрезентација која никогаш не била на СП

Македонската фудбалска репрезентација ќе има многу активност на крајот од мај и почетокот на јуни. Тие активности за жал нема да бидат како подоготвка за настап на Светско првенство, затоа што Македонија не успеа да испише историја и да биде дел од завршницата на Мундијалот.

Веќе е потврдено дека Македонија на 29 мај ќе игра во Сараево против Босна и Херцеговина која ќе се подготвува за СП 2026. Потоа следува гостување и во Турција, кога во Истанбул на 1 јуни ќе гостуваме на стадионот на Галатасарај.

Се поверојатно е дека македонската репрезентација ќе остане во Турција во јуни, но од Истанбул ќе се пресели во Анталија. Најавите се дека македонската фудбалска репрезентација ќе игра контролен дуел и против репрезентацијата на Бахреин.

За разлика од БиХ и Турција кои се подготвуваат за настап на планетарлниот собир, Бахреин ја има судбината на Македонија. Оваа азиска земја никогаш не била дел од Светско првенство.

Почина Оскар Шмит, еден од најдобрите кошаркари на сите времиња

Бразилската кошаркарска легенда Оскар Шмит почина на 68-годишна возраст. Шмит, познат како „Светата Рака“, беше познат по тоа што го носеше дресот со број 14 за бразилската репрезентација. Тој се бореше со тумор на мозокот во последните 15 години. Неговиот портпарол ја потврди веста за неговата смрт.

Оскар беше однесен во Општинската болница Сантана Ана во Сантана де Парнаиба откако се разболе, но за жал не преживеа. На почетокот на април, неговиот син Фелипе Шмит доби почест во име на својот татко од Бразилскиот олимписки комитет.

Портпаролот изјави дека погребот ќе се одржи во тајност. На социјалните мрежи, синот на Оскар се збогува со својот татко со трогателна порака. „Како син, можам само да кажам: Тато, ќе ми недостигаш. Ќе го почитувам сè што ме научи за тоа да се биде маж и ќе се обидам да бидам барем 10 проценти од човекот што беше ти. Ти беше мој пример и никогаш, ама баш никогаш нема да те заборавам“, напиша Фелипе Шмит.

Оскар Шмит, познат низ целиот свет како Светата Рака, е едно од најголемите имиња во историјата на кошарката. Тој го држи бразилскиот рекорд за најмногу настапи на Олимписките игри, учествувајќи на пет последователни Игри, а е и единствениот спортист кој постигнал 1.000 поени во историјата на натпреварувањето (1.093).

Поголемиот дел од својата кариера го помина во родниот Бразил, играјќи за Палмеирас, Сирио, Америка до Рио, Коринтијанс и Фламенго, но остави значаен белег и во Европа, каде што играше за италијанските тимови Казерта и Павија, како и за шпанскиот тим Ваљадолид. Тој беше најдобар стрелец во италијанската лига седум пати, го освои Купот на Италија и доминираше во Бразил, освојувајќи ја титулата најдобар стрелец во лигата десет пати и три национални првенства.

Освои три јужноамерикански првенства и Панамериканските игри со националниот тим, а тука е и бронзениот медал на Светското првенство во 1978 година. Како икона на меѓународните спортови, тој беше примен во Салата на славните на ФИБА и, единствено, во Салата на славните на НБА, иако никогаш не играл во таа лига. Поради неговата генијалност и глобално влијание, тој беше избран меѓу 100-те најголеми кошаркари на сите времиња.

„Со длабока тага ја објавуваме веста за смртта на Оскар Шмит, едно од најголемите имиња во историјата на светската кошарка и личност со исклучителна човечка и спортска величина. Оскар се бореше со тумор на мозокот со храброст, достоинство и упорност повеќе од 15 години, останувајќи пример за решителност, великодушност и љубов кон животот.

Препознатлив по својата брилијантна кариера на теренот и неговата впечатлива личност надвор од него, Оскар остава наследство кое ги надминува границите на спортот и инспирира генерации спортисти и навивачи во Бразил и низ целиот свет. Последното збогување ќе се одржи во семејниот круг, во согласност со нивната желба за интимен момент на жалост.

Семејството, длабоко трогнато, им се заблагодарува на сите изрази на сочувство, почит и солидарност и бара разбирање за потребата од приватност во ова тешко време. Неговото наследство ќе остане живо во колективната меморија и историјата на спортот, како и во срцата на сите оние кои беа допрени од неговата животна приказна“, стои во соопштението на портпаролот.

Нема кој да го сопре Интер, Нераѕурите чекор понапред до Скудетото (Видео)

Интер не дозволи никакво изненадување и со 3:0 славеше над Калјари во меч од 33. коло во италијанската Серија А. Со овој триумф Нераѕурите стигнаа до 78 бодови и имаат дури 12 повеќе од второпласираниот Наполи кој утре го чека дерби пресметка со Лацио.

Калјари кој е во долниот дел од табелата, издржа едно полувреме, но на почетокот на вториот дел Интер ја покажа силата. Во период од 52 до 56 минута, Нераѕурите постигнаа два гола. Отпорот на калјари беше скршен во 52 минута кога Тирам погоди по одлично изведениот напад на домашниот тим. Погодокот на Тирам може да го видите ТУКА.

Само четири минути по погодокот на Тирам, следуваше нова радост за Интер. Николо Барела погоди за 2:0 и ги реши сите дилеми околу победникот. Погодкот на Барела може да го видите ТУКА.

Во судиското надополнување Зиелински го постави конечниот резултат од 3:0 за Интер.

Мајстор за европски купови во Струга: Со пет меча до погоден вкупен коефициент преку 1.500 (Фото)

Дуелите од трите европски натпреварувања под капата на УЕФА, Лига на шампиони, Лига на Европа и Конференциска лига се посебен предизвик за сите обложувачи. Еден перфектно одигран тикет бил уплатен во петокот во Струга, а на крајот со само 100 вложени денари, добивката е преку 2.000 евра.

Интересна беше тактиката на овој обложувач и сите пет погодени коефициенти се со преку 3.00 коефициент. На дуелот меѓу Атлетико Мадрид и Барселона погодено беше дека во првото полувреме двата тима ќе дадат гол, а по 45 минути резултатот беше 2:1 во корист на каталонците.

На истата тактика погодени се уште два дуели. Баерн Минхен и Реал Мадрид си дадоа гол уште во првите шест минути, а на полувреме беше 3:2 за Кралевите. Гол-гол варијанта во првото полувреме имаше и на Фиорентина – Кристал палас во Конференциската лига, а на полувреме резултатот беше 1:1.

Останатите два погодени натпревари беа дека домаќините ќе постигнат барем по два гола во првото полувреме. Бетис против Брага уште во првите 26 минути водеше со 2:0, а на крајот загуби со 2:4, но најважно е дека домаќините погодија два пати во првите 45 минути.

На дуелот меѓу Стразбур и Мајнц доминираше домашниот тим. Французите водеа со 2:0 на полувреме, а на крајот победија со 4:0.

Сите овие резултати беа според кејфот на обложувачот во Струга, кој со само 100 вложени денари си заработи 131.994 денари.

Вардар лесно се справи со Алкалоид и обезбеди ново финале во Купот

Вардар ќе биде противникот на Охрид во финалето од ракометниот куп на Македонија што ќе се игра в недела во Струмица. Откако Охрид во првиот полуфинален дуел убедливо славеше над Пелистер со 26:19, Вардар немаше многу проблеми да го совлада Алкалоид во вториот полуфинален дуел со 33:28.

Само во првите неколку минути Алкалоид даваше отпор на фаворизираниот Вардар кога резултатот беше 5:5. Во продолжение на дуелот Црвено-црните ја преземаа контролата на резутлатот и полека го „кршеа“ отпортот на противникот.

Сите дилеми беа уште на средината од второто полувреме кога Вардар поведе со 10 разлика (29:19) и на крајот Црвено-црните се изборија за уште едно финале во обид да го одбранат пехарот во Купот.

Легендарниот Французин со критики за Јамал: „Ако веќе зборуваш, барем погрижи се твојот тим да победи“

Жестоки реакции по елиминацијата на Барселона од Лигата на шампионите изнесе поранешниот фудбалер на клубот и светски шампион со Франција од 1998 година, Кристоф Дугари.

Тој не го поштеди Ламин Јамал, порачувајќи му дека мора да покаже многу повеќе од талент за да се смета за играч од светска класа.

Според него, Јамал премногу зборувал, а премалку покажал во клучните моменти. Иако младиот напаѓач постигна гол на почетокот од реваншот, Французинот тврди дека потоа бил незабележлив.

„Даде гол во четвртата минута. И што потоа? Тоа само покажува дека не е кандидат за Златната топка“, изјави Дугари, јасно изразувајќи разочарување од неговиот придонес. Во анализата отиде и чекор понатаму, споредувајќи го со Усман Дембеле: „Дембеле сигурно ќе постигнеше уште неколку голови. Малиот Ламин го имаше својот момент на слава и ништо повеќе.“

Иако признава дека талентот не е спорен, Дугари нагласува дека тоа не е доволно.

„Очигледно има талент, но далеку е од тоа да биде еден од најдобрите во светот“, рече тој.

Најдиректниот дел од критиката се однесуваше на менталитетот на младиот шпански фудбалер.

„Ако веќе зборуваш многу, погрижи се твојот тим да победува. Во кој свет живееш? Во реалниот свет не правиш ништо“, порача Дугари. „Не сум убеден дека Барселона заслужи да помине понатаму со оглед на неговата игра. Има преголемо его“, заклучи тој.

Дали Мбапе е проблемот на Реал Мадрид, статистиката открива страшно негативен податок за Французинот

Реал Мадрид ги заврши настапите во сите натпреварувања и тоа без освоен трофеј, а сезонава им остана само да се борат за пехарот во шпанското првенство. И оваа мисија за Реал ќе биде мнгоу тешка затоа што заостанува седум бодови зад најголемиот ривал Барселона.

Реал Мадрид во април одигра четири меча и претрпе три порази, а само еднаш ремизираше. Последната победа на Реал е против градскиот ривал Атлетико на 22 март гола славеше со 3:2. Многу анализи се прават зошто Реал во клучниот дел од сезоната има ваков пад во формата и се овие лоши резултати.

Интересна е забелешката на некои дека „проблемот“ е во Килијан Мбапе. Фудбалерот кој неспорно е еден од најдобрите голгетери на денешницата, статистиката не му оди во прилог, барем кога се работи за резултатите на Реал Мадрид.

Пред два и пол месеци Мбапе се повреди и пропушти пет меча, а потоа на две средби одигра едвај во последните 20-тина минути. Во тој период кога Мбапе беше надвор од стартниот тим, Реал забележа шест победи во седум средби. Откако Мбапе се врати во стартниот тим и го одигра сите 90 минути, Реал има три порази и едно реми. Ако се погледне и последниот меч пред Мбапе да се повреди, кога Французинот одигра 90 минути, Реал загуби од Осасуна.

Тоа значи дека на последните пет меча на кои Мбапе беше стартер, Реал Мадрид претрпе четири порази и има само едно реми.

Следниот меч Реал ќе го игра на „Сантијаго Бернабеу“ на 21 април против аутсајдерот Алавес, а Мбапе преку социјалните мрежи им вети на навивачите дека Реал Мадрид наскоро повторно ќе почне да победува.

Баерн го пронајде наследникот на Хари Кејн

Германскиот гигант Баерн Минхен е заинтересиран за доведување на Брајан Броби и ја следи ситуацијата околу холандскиот напаѓач пред летниот преоден рок.

Според британските медиуми, баварскиот клуб го гледа како една од опциите за засилување во нападот, но трансферот нема да биде лесен бидејќи високото обештетување може сериозно да ја искомплицира целата зделка.

Проблем е сумата што се споменува за 24-годишниот центарфор. Наводно станува збор за околу 34,8 милиони фунти и токму таа цифра би можела да го натера Баерн да се насочи кон други решенија на пазарот. Со други зборови, интерес постои, но во Минхен не се подготвени по секоја цена да влезат во договор кој го сметаат за прескап.

Броби оваа сезона привлече внимание со добрите игри по доаѓањето во Сандерленд, а Баерн наводно го гледа како играч кој може да донесе дополнителна ширина и сила во врвот на нападот.

Англискиот клуб во оваа ситуација е во многу добра позиција. Броби има долгогодишен договор, а Сандерленд нема никаков притисок да го продаде само по една сезона. Ајакс официјално го потврди неговиот минатолетен трансфер, а договорот трае до летото 2029 година. Тоа значи дека Сандерленд може мирно да чека понуда што целосно ќе му одговара.

Токму поради тоа Баерн не сака да брза. Доколку проценат дека бараната сума е превисока за играч кој во моментов не би бил прва напаѓачка опција покрај Хари Кејн, многу лесно би можеле да го сменат правецот.

Броби не е интересен за Баерн без причина. Станува збор за силен и директен напаѓач кој може да игра како класична „деветка“, да ја задржи топката и да донесе дополнителна енергија во завршницата. Покрај тоа, зад себе има и искуство од Бундеслигата од периодот во Лајпциг. Како уште една опција се споменува и Ентони Гордон од Њукасл, кој наводно е подготвен да го напушти клубот на крајот од сезоната.