Дома Blog Страница 5

Мбапе верува дека Роналдо ќе постигне повеќе голови на СП од Меси, но помалку од него

Напаѓачот на Реал Мадрид и на француската репрезентација, Килијан Мбапе, учествуваше во квиз за избор на играчите кои ќе постигнат најмногу голови на претстојното Светско првенство.

Светскиот првак од 2018 година верува дека ќе постигне повеќе голови од Кристијано Роналдо, кој пак ќе постигне повеќе голови од Лионел Меси.

Прашањата и одговорите на Мбапе беа вакви:

—  Јамал или Халанд?

–  Халанд.

—  Јамал или Винисиус?

– Винисиус.

– Винисиус или Кејн?

– Винисиус.

— Винисиус или Меси?

–  Меси.

—  Меси или Роналдо?

– Кристијано е напаѓач, па затоа ќе го одберам Кристијано.

— И последното. Роналдо или Мбапе?

– Јас, секако (се смее).

Ериксен со соопштение се обрати до фановите

Откако по вторпат во кариерата, играчот од средниот ред на Данска, Кристијан Ериксен, синоќа колабира на теренот, а првпат на Европското првенство во 2021 година, денеска тој се врати дома од болница и испрати порака на својот инстаграм-профил до сите кои се загрижени за неговото здравје.

Сакам да им кажам на сите дека сум добро и дома со моето семејство. Како што веројатно можете да замислите, доживувањето шок од мојот ICD (имплантибилен кардиовертер-дефибрилатор) уред имаше големо влијание врз мене и моето семејство. Сепак, сакам да ги уверам сите дека ова беше поинаква ситуација од она што се случи во 2021 година. Се чувствувам добро и моето закрепнување веќе започнаПокрај тоа што сум им благодарен за поддршката и помошта на сите играчи и на медицинскиот тим на теренот, исто така сум исклучително благодарен на лекарите кои се грижат за мене и за моето срце во текот на сите овие години. Благодарение на нивната експертиза, дефибрилаторот го прави тоа за што е дизајниран, да ми помогне кога ми треба. Засега, мојот фокус е на закрепнување, поминување време со моето семејство, одење на одмор и играње фудбал со моите деца“, напиша 34-годишниот Ериксен, кој веројатно веќе нема да игра за националниот тим, а можеби и целосно ќе се повлече, иако не најавува такво нешто.

Мурињо го детектирал главниот проблем на Реал Мадрид, не е средниот ред

Жозе Мурињо, кој ќе биде новиот тренер на Реал Мадрид, смета дека приоритет треба да биде да се засили и да се подобри одбраната бидејќи тој дел го смета за слаба точка на тимот.

Иако и недостатокот на креативност во средниот ред останува проблем, Мурињо верува дека главниот проблем на Реал Мадрид е дефанзивата. Бројките го потврдуваат ова.

Тимот на Реал кој ги освои Ла Лига и Лигата на шампионите во сезоната 2023/24 прими само 50 гола на 55 натпревари, во просек помалку од еден по натпревар. Оттогаш ситуацијата се промени. Кралевите примија 84 гола на 68 натпревари во текот на 2024/25 и 64 гола на 56 натпревари во изминатава 2025/26.

Мурињо побарал доаѓање на уште еден централен бек од највисоко ниво освен Конате и еден лев бек способен да биде стартер. Намерата е да се изгради поцврста, посигурна одбрана со доволно опции за да се соочи со долгата сезона. Во овој контекст се појавија имиња кои совршено одговараат на профилот. Гвардиол и Калафиори се играчи кои им се на листата на желби.

Моменталната дефанзивна линија ги вклучува Трент, Асенсио, Карерас, Фран Гарсија, Ридигер и Хаусен, покрај Милитао и Менди, кои закрепнуваат од повредите. Клубот ги договори Конате и Думфрис, но Мурињо сака уште.

Од Групата „Ц“ може да се очекува две селекции да одат многу далеку на Мундијалот

Петкратниот светски првак Бразил е предводник на групата Ц и речиси нема дилема дека Кариоките ќе бидат на првото место на крајот од групната фаза. Покрај Бразил, тука се и селекциите на Мароко, Шкотска и аутсајдерот Хаити.

Бразил од 2002 година чека да се израдува на светска титула. Главен адут на Кариоките ќе им биде селекторот Карло Анчелоти. Италијанскиот стратег, кој е „магнет“ за успеси и освојување пехари, пред една година беше назначен за предводник на селекцијата, и тоа со една цел, да го освојат трофејот на СП 2026.

Нејмар е главната ѕвезда во тимот, но сигурно резултатите нема да зависат многу од неговата игра. Тоа што Нејмар е во составот може да преставува и ризик затоа што може да предизвика и раздор во екипата и нарушување на атмосферата.

Бразил е силен на секоја позиција. Тука се голманот Алисон, потоа во одбраната ги имаат Маркињос, Алек Сандро, Данило, Габриел… Во средниот ред главниот товар треба да падне на Каземиро, Бруно Гимараиш, Фабињо и Лукас Пакета. Нападот е најсилниот адут на Бразил, каде што ги има Винисиус јуниор, Рафиња, Нејмар, Матеус Куња, Ендрик…

Мароко е репрезентацијата која испиша историска страница пред четири години на Мундијалот во Катар. Тоа е првата африканска репрезентација која успеа да стигне до полуфиналето. Мароко има одлична екипа и сега е главниот адут на Црниот континент. Капитенот Хакими е предводник на теренот, а најголем дел од играчите настапуваат во европски екипи.

Шкотска чекаше цели 28 години за повторно да биде дел од завршницата на СП. Во претходните шест настапи на Мундијалите, Шкотска секогаш настапите ги завршувала во групната фаза. Во 23 меча низ историјата на СП, Шкотска има само четири победи, седум нерешени и дури 12 порази со гол-разлика од 25 дадени и 41 примен гол.

Искусниот Крег Гордон е на голманската позиција, а капитенот Енди Робертсон од Ливерпул е лидер во одбраната, каде што уште се и Грант Ханли, Киран Тирни. Скот Мектоминеј и Џон Мекгини треба да бидат главни во офанзивниот дел, да се обидат да донесат радост и првпат да ја поминат групната фаза.

За Хаити најголем успех е што ќе биде дел од завршницата на СП и што ќе има можниост на најголемата сцена да одигра три меча. Вистинско чудо би било Хаити да успее да освои макар еден бод.

Во комбинациите за тоа како ќе заврши распоредот по трите кола, најочекувано е Бразил да е прв, а за второто место речиси идентични шанси имаат Мароко и Шкотска.

Комплетната подуда од Sport Life за мечевите од Светско првенство може да ја најдете ТУКА.

Официјално, Португалецот Пиреш е нов играч на Вардар

Македонскиот фудбалски првак, Вардар, официјално потврди дека нивен нов член е Португалецот Мигел Пиреш, кој оваа сезона играше за Силекс.

Со Пиреш потпишан е едногодишен договор.

Вардарци денеска се пофалија и дека ја продолжиле соработката со ‘Новоматик’, кој останува генерален спонзор и ќе вложи милион евра во клубот за следната сезона.

Ни лекарите не знаат што му е на Синер, Јаник нема да игра пред Вимблдон

Италијанскиот тенисер и светски број 1 на АТП-листата, Јаник Синер, сè уште е на медицински прегледи откако доживеа необјаснив колапс на „Ролан Гарос“, каде што изненадувачки беше нокаутиран во второто коло од Аргентинецот Хуан Мануел Серундоло.

Синер водеше со 2-0 во сетови и 5-1 во третиот сет, кога одеднаш му се слоши на теренот. Ова доведе до неверојатен камбек во кој Аргентинецот победи во пет сета, освојувајќи 18 од последните 20 гема од натпреварот.

Според извештаите на италијанските медиуми, првичните медицински прегледи спроведени во Торино, а потоа и во Милано, не откриле никакви значајни здравствени проблеми. Тимот на Синер соопшти дека се очекува 24-годишниот тенисер да се врати на тренинзите оваа недела.

Сепак, останува клучен проблем – лекарите сè уште не знаат што го предизвикало колапсот, поради што постои голема неизвесност за неговата здравствена состојба. 

Потврдено е дека Синер нема да се натпреварува на ниту еден турнир на трева пред Вимблдон, кој почнува на 29 јуни. Синер во Лондон ќе биде бранител на титулата. Минатогодишниот триумф таму беше неговиот последен гранслем-трофеј. 

Њујорк и Сан Антонио вечерва го играат можеби клучниот меч во НБА-финалето

Третиот натпревар од големото НБА-финале помеѓу Њујорк никс и Сан Антонио спарс, кој ќе се игра вечерва во „Медисон сквер гарден“, може да биде клучен во оваа серија. Ако победат домашните, би повеле со 3-0, што може да се нарече недостижна предност бидејќи ниту еден тим во историјата на НБА не испуштил таква предност.

Квотите во Sport Life го фаворизираат Њујорк, кој има серија од 13 победи по ред, но Спарс мора да одигра најдобро што може и да намали на 1-2, со што би се вратиле во игра.

Главни ѕвезди на тимовите се Џејлен Брансон и Виктор Вембањама, но поблиску до победата ќе биде оној што ќе добие поголема помош од соиграчите. Овие два тима играа финале и во 1999, тогаш славеа Мамузите, а Њујорк сега е блиску до реванш и прва титула по пауза од 53 години.

Во Њујорк владее кошаркарско лудило, тимот на аукција нуди два билета за во првиот ред по цена од 1 милион долари, а парите би оделе во добротворни цели. Присуство вечерва на третиот меч најави и претседателот на САД, Доналд Трамп.

Јунакот на Италија од последната мундијалска титула е нов тренер на Фиорентина

Фиорентина објави дека Фабио Гросо е новиот тренер на тимот.

Новиот тренер на Виола ја започна својата тренерска кариера во 2013 година, во младинскиот сектор на Јувентус. Неговото деби како прв тренер датира од 2017 година, на клупата на Бари во Серија Б. Во текот на својата кариера, тој ги тренираше и Олимпик Лион, Фрозиноне и Сасуоло, остварувајќи две промоции од Серија Б во Серија А, а во текот на неговата последна сезона на чело на Сасуоло стигна до 11-тото место на табелата.

„Со задоволство го пречекуваме Фабио Гросо во Фиорентина“, повтори претседателот Џузепе Б. Комисо. „Фабио е повеќе од само светски шампион: тој е тренер кој го издлабил својот пат со напорна работа, идеи и резултати, демонстрирајќи ја својата способност да води тимови и да се справува со важни предизвици. По тешката сезона, сакаме да започнеме ново поглавје со енергија, амбиција и чувство на одговорност. Веруваме дека Фабио има личност, метод и ентузијазам да ни помогне да изградиме посилна, поконкурентна Фиорентина, која останува верна на својот идентитет. Го пречекуваме со голема доверба. Форца Виола!“

Гросо потпиша договор до 30 јуни 2028 година. Некогашниот бек се прослави на СП 2006, кога ги даде клучните голови за Италија, со кои тимот стана светски првак. 

Селекторот на Англија шокира, една од главните ѕвезди треба да се бори за место во првиот тим

Селекторот на Англија, Томас Тухел, ја шокира јавноста со изјавата дека Џуд Белингам ќе мора да се бори за место во почетниот состав на Светското првенство. Белингам, кој моментално е член на Реал Мадрид, стартуваше само четирипати откако Тухел ја презеде функцијата селектор на Англија во јануари 2025 година, а на три меча на теренот влезе од клупата за резервни играчи.

„Белингам е еден од стартерите, тој знае дека е еден од стартерите, но имаме 14-мина или 15-мина потенцијални стартери. Тие улоги секогаш можат да се менуваат, но во моментов мислам дека има 14-мина или 15-мина вистински стартери и Џуд е еден од нив“, рече Тухел.

Британските медиуми потсетуваат дека Тухел го претпочитал Морган Роџерс од Астон вила, кој играл на 12 од 13 натпревари на Англија, пред Белингам. Роџерс беше единствениот играч кој играше во сите осум квалификации на Англија за Светското првенство. Белингам пропушти неколку натпревари на Англија поради повреда.

„Можете да видите дека Џуд има решителност и храброст. Тоа е неговиот клучен квалитет, но можете да видите дека закрепнува од повреда. Тој е полн со енергија и среќен што се врати на теренот. За жал, имаше пауза во одлучувачкиот дел од сезоната, што беше многу жално и за Реал Мадрид и за него лично. Но, сега можете да видите дека е во одлична форма. Се врати, свеж е, сака да игра и е во врвна форма“, коментираше Тухел.

Фудбалската репрезентација на Англија ќе игра во групата Л на Светското првенство, каде што за противници ги има Хрватска, Гана и Панама.

Ливерпул го комплетира трансферот на фудбалер вреден над 100 милиони евра

Англискиот гигант Ливерпул ја пронајде замена за Мохамед Салах на „Енфилд роуд“. Новиот голгетер во дресот на Црвените треба да биде репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Јан Диоманде.

Младиот 19-годишниот крилен напаѓач ги договорил личните услови со Ливерпул, а сега се чека конечна реализација на овој трансфер. Најавата е дека Ливерпул на Лајпциг ќе му исплати дури 104 милиони евра.

Во германскиот тим се задоволни од сумата, а тинејџерот ќе има шанса да се покаже на големата сцена и да биде наследник на еден од најдобрите фудбалери во историјата на Ливерпул.