Дома Blog Страница 6

Махер за Формула 1 заработи над 2.000 евра со тоа што веруваше во еден возач (Фото)

Иако е уште тинејџер, Кими Антонели покажува дека сезонава ќе доминира во Формула 1 шампионатот. На вчерашната хаотична трка во Монте Карло, Антонели победи со шест секунди пред Луис Хамилтон и се зацврсти на лидерската позиција во шампионатот.

Освен на трката, Антонели беше и најбрз во квалификациите, а комплетната доминација на италијанскиот возач во тимо тна Мерцедес ја комплетира со поставување и на најбрзиот круг на трката. Уште во 12 круг, Антонели извозе најбрзо време и потоа ниту еден возач не успеа да биде подобар од него.

Во целосна доминација на Антонели на патеката во Монте карло веруваше еден Ф1 експерт кој уплатил тикет во Скопјанка во скопски Аеродром. На тикетот е одиграно дека Антонели ќе ја има пол-позицијата, дека ќе го има најбрзиот круг и дека на крајот ќе победи на трката.

Оваа комбинација носеше фантастичен коефициент од 150, а на крајот беше и добитна, па на тикетот на којшто беа вложени 1.000 денари, нето-добивката изнесуваше 127.650 денари. Секоја чест на храброста на овој обложувач и вербата дека Антонели може да доминира на една од најнепредвидливите трки во Ф1 шампионатот.

Македонија У20 загуби од врсниците од САД

Македонската фудбалска репрезентација за играчи до 20 години загуби со 2:0 од врсниците од САД на контролен меч кој се одигра попладнево на неутрален терен во Бугарија. Оваа селекција, која е последен чекор пред настап во У21 тимот, е новоформирана со цел да нема прекин од селекциите У19 во У21.

Избраниците на селекторот Александар Таневски киксираа во последните моменти од двете полувремиња. САД поведе со 1:0 благодарение на погодок во 45-тата минута, додека конечните 2:0 Американците ги поставија со погодок во 90-тата минута. Оваа генерација на македонски фудбалери во следниот квалификациски циклус треба да го понесе товарот за настап во У21 квалификациите за ЕП.

Италија конечно најде селектор

Роберто Манчини е блиску до враќање на клупата на италијанската репрезентација, пишуваат дел од фудбалските инсајдери во таа земја. Според Николо Схира, Италијанскиот фудбалски сојуз подготвил договор за Манчини, кој би го обврзал да биде на клупата на националниот тим во 2030 година. Манчини би заработувал по два милиони евра годишно.

Четирикратниот светски првак има очајна декада барем кога се работи за настап на светските првенства. Три планетарни собири во низа се без учество на Аѕурите. Тие не беа дел од СП 2018, потоа во 2022 година загубија од Македонија во Палермо, го пропуштија и Мундијалот во Катар, а пред неколку месеци беа елиминирани од Босна и Херцеговина, па нема да ги видиме ниту на Мундијалот во САД, Мексико и Канада.

Манчини веќе еднаш ја предводеше Италија, и тоа во периодот од 2018 до 2023 година. Под негово водство Италија ја освои титулата на Европското првенство во 2021 година, но потоа следуваше разочарувачкиот настап во квалификациите за СП 2022.

Манчини моментално е тренер на Ал-Сад во Саудиска Арабија, а бил предводник и на екипите на Интер, Манчестер сити, Галатасарај, Зенит и Лацио.

Во групата Б има еден аутсајдер, а на првото место се надеваат три селекции

Домаќинот Канада, потоа Швајцарија и Босна и Херцеговина како претставници на Европа, и аутсајдерот Катар, ја сочинуваат групата Б во која можни се секакви изненадувања и може да биде една од најнеизвесните на Светското првенство.

Во оваа група нема селекции кои биле светски прваци и ова се тимови за кои и четвртфинале на СП 2026 би било голем успех.

Канада има солиден напад со Џонатан Дејвид и Кајл Ларин, но главна ѕвезда им е Алфонсо Дејвис, кој се мачи со повреди. Да се играше првенството во зима, веројатно ќе имаа поголеми шанси да стигнат далеку, вака ќе треба да се помачат за прво или за второ место во групата. Ова им е второ учество по ред на Мундијалите, играа и во 2022. Во првото коло на 12 јуни, во Торонто, Канада игра со БиХ и тој меч може да го најави расплетот во групата.

Улогата на фаворит во групата Б ја има Швајцарија, која и според рејтингот на ФИФА-листата е најгоре. Швајцарците се тим кој често знаел пријатно да изненадува кога ги потценувале, па треба да се види како ќе се снајдат во улога на фаворити во ова друштво.

Тие редовно учествуваат на најголемите натпреварувања во последните 20-тина години, имаат искуство, солидно се покриени на сите позиции, а лидер им е Гранит Џака, кој има 33 години. Најдалеку што стигнале им е четвртфинале, последен пат во далечната 1954, кога беа домаќини.

Босанците во баражот ја победија Италија и треба да покажат дека не случајно се на СП, по вторпат во нивната историја (учествуваа и во 2014) и ќе пробаат првпат да ја минат групата и да влезат во нокаут-фазата. Може да сметаат на поддршка од трибините од своите сонародници кои ги има во голем број во Северна Америка. На Един Џеко ова ќе му биде последен Мундијал, а се очекува блесок на Демировиќ и младите ѕвезди како Алајбеговиќ и Бајрактаревиќ.

Катар беше домаќин на претходното СП и не се прослави на дебито, ги загуби сите три меча. И сега немаат некој којнае колку квалитетен состав, најпознато име им е селекторот Хулен Лопетеги, па за нив секој освоен бод ќе биде успех. Квотите во Sport Life потврдуваат дека од Катар не се очекува да влезе во 16-финалето, туку да си оди дома по три одиграни натпревари.

„Ден на спортот“ во Охрид: „Прличевци“ најдобри во Zero Waste (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Над 700 дечиња беа дел од „Денот на спортот“ во Охрид. Плазма Спортските игри за млади и езерскиот град се покажаа како совршена комбинација. Токму од градот на УНЕСКО беше испратена порака преку Zero Waste – „Биди дел од играта – да ја заштитиме нашата планета“.

Ова е уникатен проект, создаден со долгогодишниот партнер на Плазма Спортските игри за млади, Coca-Cola, кој креативно ги едуцира младите преку игра и спорт, овозможувајќи им полесно и поприродно да усвојат корисни навики и да ги применуваат во секојдневниот живот. Едукативниот квиз ги охрабрува да размислуваат логично, да пронаоѓаат причини и решенија за предизвиците поврзани со одржливиот развој, додека спортскиот дел е посветен на практично учење за селекција на отпадот на полигонот СИМ.

Coca-Cola со оваа кампања има цел да придонесе за позитивно влијание врз животната средина и да понуди решенија за предизвиците поврзани со пакувањето, во рамки на повеќегодишниот проект „Свет без отпад“. По интерактивната едукација, децата и младите се натпреваруваат на едукативен полигон, а за најдобрите се обезбедени награди.

Победници во третото издание на Zero Waste се „Прличевци“, кои одлично го поминаа полигонот, каде што сите натпреварувачи имаа поддршка и од маскотата Виктор. „Симовци“ се натпреваруваа во Coca Cola Cup 2011, фудбал 2015, ракомет, баскет 3х3, одбојка и народна, покажаа уникатни вештини и натпреварувачки дух. Атмосферата беше неверојатна, ферплеј-играта и пријателствата беа во прв план.

Драган Бочески, поранешен фудбалер на Охрид, Вардар и Пелистер, а денес тренер во младинските категории на ГФК Охрид Лихнидос, заедно со македонскиот боксерски репрезентативец Наум Стојаноски и капитенот на ГРК Охрид, Иван Тасески, кој оваа сезона со својот тим го освои ЕХФ Европскиот куп, го донесоа факелот и симболично го означија почетокот на Плазма Спортските игри за млади во Охрид.

Претседателката на Плазма Спортските игри за Македонија, Елена Мицковска, ја потенцира важноста на Охрид како град за развој на спортот. Таа му ја честиташе шампионската титула на ГРК Охрид во ЕХФ Европскиот куп, како и успешно реализираното јубилејно десетто издание на „Охрид трчаТ“.

„Драги деца, вашите насмевки се најдобар доказ дека ова што го правиме е вистинската работа и дека го правиме најдоброто за вас. Почитувани претставници на градот Охрид, почитувани колеги и колешки, драги деца, дозволете ми најнапред да им ја честитам титулата на ГРК Охрид во ЕХФ Европскиот куп. Навистина нè направија горди, не само вас, охриѓани, туку и сите нас, цела Македонија.

Честитки и за успешно организираниот настан „Охрид трчаТ“, јубилејно десетто издание, како и до градот Охрид и општината, кои уште еднаш покажаа дека вложуваат во спортот, го поддржуваат и се одлични домаќини и организатори.

Сакам да упатам искрена благодарност до Министерството за спорт, до премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, како и до нашите партнери и спонзори – Пивара, Плазма, Шпаркасе банка и Шпаркасе лизинг. Заедно успеавме да ги донесеме овие игри во Македонија, со една заедничка цел, сите вие да имате еднаква можност да учествувате и да се натпреварувате, без разлика дали активно се занимавате со спорт или не.

Тука сме да поттикнеме ферплеј, толеранција и дружење, нека победат најдобрите. Победниците од Државното првенство, односно 200 ученици, ќе имаат можност да учествуваат на големото меѓународно финале во Сплит, од 17 до 22 август.

Уживајте, натпреварувајте се, дружете се и понесете убави спомени со себе. Охрид е еден од најубавите градови и верувам дека ќе го паметите по прекрасни моменти. Ви посакувам убав и навистина спортски ден“, истакна Елена Мицковска.

Ериксен пуштен од болница на домашна нега, лекарите открија кој му го спаси животот

Данскиот репрезентативец и член на германскиот бундеслигаш Волфсбург, Кристијан Ериксен е отпуштен од болницата и ќе биде на домашна нега во следниот период. На синоќешниот меч меѓу Данска и Украина, во 65-тата минута Ериксен ненадејно се струполи на теренот.

таа шокантна сцена кога Ериксен паѓа на тревата без свест всушност беше повторување на кошмарот од 2021 година, кога за време на дуел од Европското првенство, ѕвездата на данската репрезентација првпат доживеа срцев удар на сред меч. Тогаш Ериксен беше спасен благодарение на брзата интервенција на лекарите и користењето на дефибрилаторот.

Неполна година подоцна, Ериксен се врати на теренот и продолжи да игра без никакви проблеми, сè до синоќа. Данецот повторно колабира, а лекарите брзо интервенираа. За среќа, Ериксен брзо се освести и веднаш беше пренесен во болница.

По направените детални кардиолошки прегледи, лекарите утврдиле дека состојбата на фудбалерот е целосно стабилна и дека тој нема претрпено трајни оштетувања на срцето. Лекарите се едногласни дека Ериксен во оваа ситуација преживеал најмногу благодарение на вградениот дефибрилатор кој реагирал во дел од секундата откако фудбалерот колабирал.

Од Волфсбург потврдија дека се во постојан контакт со нивниот 34-годишен играч и дека се тука да дадат целосна поткрепа што е потребна.

Иако Ериксен се чувствува добро, многумина аналитичари започнаа дебата дали е време конечно фудбалерот да ја заврши професионалната кариера.

Реал Мадрид бара одземање на титулите на Барелона и исфрлање на каталонскиот гигант од УЕФА натпреварувањата

Флорентино Перес, кој синоќа ја доби довербата да остане претседател на Реал Мадрид, тргнува во нова офанзива. Првиот човек на Кралскиот клуб објави дека ќе ја тужи Барселона пред УЕФА за случајот „Негреира“, во кој каталонскиот гигант е обвинет за исплата на судии помеѓу 2001 и 2018 година. Истрагата откри дека Барселона платила околу 8,4 милиони евра помеѓу 2001 и 2018 година на компании поврзани со поранешниот потпретседател на Техничкиот комитет на судиите, Хозе Негреира. Сепак, немаше докази дека овие плаќања биле искористени за добивање предности на теренот.

Судот го отфрли обвинението за поткуп на јавен службеник во 2024 година бидејќи беше утврдено дека Негреира нема статус на јавен службеник според шпанскиот закон. Сепак, истрагата за спортска корупција сè уште е во тек. Барса ги призна плаќањата, но тврди дека плаќањата биле за анализи и извештаи за судиите, како и за подготвителни материјали за тренерскиот персонал.

Сепак, Мадрид верува дека Каталонците измамиле. Перес подготвил 500 страници за тужба пред Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) и ќе бара сериозни казни за својот најголем ривал.

„Реал Мадрид бара од УЕФА да ѝ ги одземе титулите на Барселона поради случајот „Негреира“. Исто така, постои барање да се исклучи од европските натпреварувања. Досието со докази за неправилности што го подготвува Флорентино Перес е на пат“, објавува новинарот Хозе Феликс Дијас.

Во периодот за кој Реал „подготвува докази“, каталонскиот клуб освои вкупно 33 трофеи, од кои четири се трофеи од Лигата на шампионите и три од Суперкупот на УЕФА. Не е познато дали барањето за одземање на трофеите ќе се однесува само на европските трофеи или Кралевите сакаат УЕФА да ги одземе и титулите во домашното првенство. Каталонскиот гигант освои осум шампионски титули во Примера дивисион во овој период, а имаше и радости во Купот и Суперкупот на Шпанија.

Во Шпанија со месеци се води жестока дебата за тоа дали случајот „Негреира“ е најголемиот скандал во историјата на локалниот фудбал. Реал Мадрид од самиот почеток инсистираше дека сè треба да се разјасни до крај, додека Барселона ги обвини медиумите и ривалите за, како што тврдат, организирана кампања насочена кон оштетување на угледот на клубот и минимизирање на спортските успеси постигнати во една од најуспешните ери на каталонскиот клуб.

Она што дополнително ја интригира јавноста е можниот домино ефект од можните санкции од УЕФА. Доколку на Барселона навистина ѝ бида одземени титулите или биде суспендирана од европските натпреварувања, се поставува прашањето дали би имало ревизија на историските рангирања, доделувањето трофеи на второпласираните тимови, но и потенцијални тужби од други клубови кои веруваат дека биле оштетени во периодот што е предмет на истрага.

Вардар потпиша нова соработка, ќе добие еден милион евра од „Новоматик“

Новиот фудбалски првак на Македонија, Вардар, ја продолжи соработката со спонзорот „Новоматик Македонија“. Црвено-црните и „Новоматик“ уште минатата сезона започнаа соработка, а по успешната сезона и освоената титула, таа соработка продолжува и во следниот период. 

„Дозволете на почетокот во името на менаџментот на клубот, на играчите и на навивачите да упатам благодарнот што ‘Новоматик Македонија’ беа со нас кога ја почнавме најтешката битка за враќање на довербата на навивачите на спортската, но и пошироката јавност. Довербата на ‘Новоматик Македонија’ во нашиот проект придонесе да ја освоиме 12-тата титула фудбалски шампион во македонското национално првенство“, изјави Горан Закариќ.

Од „Новоматик Македонија“ велат дека одлуката за продолжување на договорот за соработка е донесена бидејќи ФК Вардар не е само спортски клуб, туку симбол на македонскиот идентитет и успешен национален амбасадор.

„Во ‘Новоматик Македонија’, во чија групација се светски реномираните брендови Адмирал, Астра и Казино Фламинго, сме многу горди што ги подржавме амбициите на најтрофејниот македонски клуб кога беше најтешко и кога ФК Вардар требаше да се подигнува од амбисот. Уште повеќе што нашата повеќегодишна соработка ја крунисавме со нова титула на ФК Вардар. Денес, заедно со капитенот Горан Закариќ, објавуваме дека светскиот шампионски бренд во игрите на среќа ја продолжува поддршката на македонскиот фудбалски шампион Вардар! Патот до спортскиот успех на ФК Вардар беше тежок, но ние никогаш не престанавме да веруваме. Како што сега веруваме дека следуваат уште многу блескави спортски успеси”, изјави на прес-конференцијата по повод продолжувањето на договорот, Петар Пенчев, претставник на менаџментот на ‘Новоматик Македонија’.

 

Кејн открива дали топлото време ќе биде проблем за англиската репрезентација на Мундијалот

Капитенот и најдобар стрелец на Англија, Хари Кејн, верува дека жештината „нема да биде фактор“ благодарение на режимот на тренинг на тимот за претстојното Светско првенство. Англија го отвора турнирот против Хрватска на 17 јуни во Арлингтон, Тексас, но претходно Гордиот Албион ќе го одигра својот последен контролен натпревар против Костарика в среда во Орландо, Флорида.

„Искрено, не мислам дека жештината беше толку лоша. Очигледно се навикнувавме на топлото време на тренинзите. По првите неколку дена почувствував дека повеќето од момците се навикнати“, рече Кејн, кој го постигна единствениот гол на последниот меч што Англија го одигра против Нов Зеленд во триумфот од 1:0. Тоа беше 67-миот гол на Хари Кејн годинава за клубот Баерн Минхен и за националниот тим.

Температурите во Тампа беа околу 32 степени, објави Ројтерс.

„Денес не се чувствував навистина лошо. Сите сме професионални спортисти. Сите направивме правилни подготовки за овој турнир, и ние и персоналот. Сè уште имаме уште неколку дена до првиот натпревар, тренираме во оваа средина, па мислам дека како што се приближува Светското првенство, тоа нема да биде фактор“, додаде Кејн.

 

Ван Перси доби отказ од матичниот клуб и покрај тоа што обезбеди место во Лигата на шампионите

Поранешениот напаѓач на Манчестер јунајтед и Арсенал, Робин ван Перси, е разрешен од функцијата тренер на Феенорд по 18 месеци поминати на таа позиција. Ван Перси се врати во својот матичен клуб во февруари 2025 година, но и покрај обезбедениот пласман во Лигата на шампионите, си замина по сезона без освоен трофеј.

Четириесет и двегодишниот стручњак го водеше клубот на 58 натпревари, со биланс од 30 победи и 19 порази. На местото главен тренер беше промовиран главно поради успесите со младинските категории кои ги водеше под надзор на Дик Адвокат.

Техничкиот директор на Феенорд, Деви Риго, ги објасни причините за оваа одлука:

„Спроведовме темелна внатрешна анализа. Го зедовме предвид развојот на прикажаната игра и падот во освоените бодови, како во Европа, така и во Ередивизие“, изјави Риго.

„Заклучивме дека е подобро следната сезона да започнеме со нов главен тренер. Робин ван Перси даде сè од себе за клубот во изминатата година и половина. Секако заслужува признание што тешката сезона ја заврши на второ место и со тоа обезбеди Лига на шампиони, што е многу важно.“