22.8 C
Skopje
сабота, 13 септември 2025
Дома Blog Страница 9464

ВАР се појави и во Англија и одлучи Тотенхем да слави во лондонското дерби

Системот ВАР функционира и во Англија, но само во мечевите од купот, а вечерва индиректно одлучи Тотенхем да го победи Челзи со 1-0 во првиот полуфинален меч од Лига купот.

Во 26-тата минута беше досуден пенал над Хари Кејн, системот ВАР потврди дека одлуката на судијата Оливер е исправна, а шпицот на Тотенхем успеа да погоди од белата точка за триумф од 1-0.

Во Премиер лигата не се користи системот ВАР, што е мошне интересна ситуација во англискиот фудбал.

Во продолжението по голот на Кејн, веќе не се тресеа мрежите, па Тотенхем на 24-ти јануари ќе патува до „Стемфорд бриџ“ со предност од 1-0.

Утре се игра првиот натптревар од второто полуфинале, а Манчестер сити ќе му биде домаќин на Бартон.

Димитриоски се повреди, на негово место Лазаревски ќе патува за Минхен

Димитар Димитриоски ќе мора да почека за настап на големо натпреварување, а повредата во последен момент на последниот тренинг го исфрли од составот со 18 ракометари на Македонија, кои утре рано наутро ќе патуваат за Минхен.

Селекторот Раул Гонзалес го вклучи Димитриоски во конечниот состав што ќе игра на Светското првенство, но во последен час мораше да менува.

На местото на Димитриоски ќе патува пикерот Лазаревски, а од конечниот список отпадна и голманот Мартин Томовски.

Македонија ќе стартува на Мундијалот против Јапонија на 11-ти јануари. Со нас во групата се: Шпанија, Хрватска, Исланд и Бахреин.

Вечер за продолженија во Евролигата, Олимпијакос приреди подвиг и ја победи Басконија

Костас Папаниколау погоди клучна тројка на три секунди до крајот на регуларниот дел и му помогна на Олимпијакос да ја победи Баксонија со 91:87, во меч во кој се играше петминутно продолжение.

Грчкиот тим постојано имаше негатива, пред стартот на последниот период беше во минус од 7 поени, но успеа да се спаси и да ги освои бодовите.

Папаниколау беше прецизен во клучен момент, израмни на 80:80, резултат со кој заврши регуларниот дел од мечот, а потоа Олимпијакос доминираше во петминутното продолжение и победи со 91:87.

Гостите од Виторија можат да жалат за бодовите, што им се мошне важни во битката за влез во топ 8 во Евролигата.

Зак Лидеј беше најефикасен на мечот и постигна 23 поени за Олимпијакос, еден повеќе од јунакот на мечот Костас Папаниколау. Кај гостите, Лука Вилдоза беше прв стрелец со 19 поени.

Претходно и Химки и Фенербахче играа продолжение од пет минути, а славеше рускиот тим со 84:78. Анадолу Ефес на гостински терен го декласира Жалгирис со 79:58, а во тек е уште еден меч.

„Вечно втората“ конечно победи во слалом

Словачката скијачка Петра В`лхова е победничка на вечерашниот слалом кој се возеше во австрискиот Флахау. Ова беше шести слалом сезонава во Светскиот куп и прва победа за В`лхова, која на претходните пет трки во оваа дисциплина секогаш беше втора зад Микаела Шифрин, која вечерва загуби и не го криеше разочарувањето.

Овојпат си ги заменија местата, В`лхова беше одлична во финишот на второто возење и конечно дојде до победа против Американката која имаше 12 победи на претходните 13 слаломи. Словачката ја совлада Шифрин и во велеслалом сезонава, но да се порази Шифрин во слалом, е голем успех. За триумфот во Флахау, В`лхова ќе заработи 70.000 евра.

Третото место го освои Швеѓанката Ања Свен Ларсон, која беше втора по првото возење, но и таа не можеше да го надмине резултатот на В`лхова. Австријките за малку останаа без подиум, нивниот адут Катарина Линзбергер беше четврта.

Во генералниот пласман, Шифрин има 1.214 бода, пред В`лхова со 748, додека трета е Венди Холденер со 514.

Прв настап за сениорите – Победничко деби на Чурлинов за Келн

Дарко Чурлинов го одигра првиот меч за сениорскиот тим на Келн пред патот на подготовките во Мајорка, а стартот му е победнички.

Најмладиот репрезентативец во историјата на Македонија комплетно го одигра второто полувреме, а покажа дека е блескав талент.

Тренерот Маркис Анфанг одлучи да го приклучи Чурлинов на зимските подготовки со првиот состав, а вечерва му даде и шанса да го одигра првиот меч за сениорите.

Келн го победи Гронинген со 3-1, а мечот го одбележа прекрасниот погодок на Џон Кордоба со ножички за предност на „јарците“ од 2-1. На полувремето холандскиот тим имаше предност од 1-0, но потоа прими три гола и загуби од Келн.

Атлетико Мадрид е на мака, Чоло бара сите играчи да останат или си заминува

Диего Симеоне ѝ постави ултиматум на Управата на Атлетико Мадрид да ги задржи најдобрите играчи како услов тој да остане кормилар на клубот.

Раководството на популарните „јорганџии“ ги почна преговорите со одличниот стратег за продолжување на договорот, кој важи до 2020 година, но не оди сè толку мазно.

Симеоне сака да останат сите важни алки во неговиот состав, вклучувајќи ги и голманот Јан Облак и Лукас Ернандес, секако и останатите ѕвезди во тимот.

И Облак и Ернандес имаат понуди од повеќе клубови, Годин најави заминување, а што е најинтересно веќе долго време се шпекулира дека и Симеоне ќе си замине.

Интер е сериозно заинтересиран за тренерот на Атлетико, па ако преговорите со Атлетико не успеат, можно е Чоло да си замине во Серија А, на кормилото на „нераѕурите“ од Милано.

Химки се врати на бис и го победи лидерот Фенербахче

Химки се врати на бис и по петминутно продолжение го победи најдобриот тим во Евролигата, Фенербахче, со 84:78. Ова е изненадувачки исход бидејќи рускиот тим долг период игра без најдобриот кошаркар Алексеј Швед, но и тоа не ги спречи да го запрат лидерот на табелата.

Драмата кулминираше во финишот на регуларниот дел во пенал-завршница, во која најпрво Стефан Марковиќ не погоди две слободни фрлања, со кои можеше да го реши мечот во корист на Химки.

Потоа домаќините стравуваа за победата бидејќи направија фаул само на 1,4 секунди до крајот. Но, Николо Мели погоди само едно од двете слободни фрлања, иако дотогаш беше перфектен од линијата за слободни. Регуларниот дел заврши нерешено 72:72, а потоа веќе немаше неизвесност.

Русите одлично го почнаа продолжението, постојано водеа и на крајот победија со разлика од шест поени. Стефан Марковиќ со 13 поени беше најефикасен кај Химки, екипа која има 3 победи во последните четири кола.

Кај Фенербахче се истакна најефикасниот поединец на мечот Мелих Махматоглу со 18 поени, еден повеќе од Јан Весели.

Фенербахче остана лидер на табелата со 15 победи и два порази, а Химки има 7 победи и 10 порази.

Одигра само еден час за Милан и веќе си заминува

Ален Халиловиќ, еден од најголемите таленти во Европа, ќе си замине од Милан само по 60 минути вкупно минати на теренот во дресот на познатите „росонери“.

Поранешниот играч на Барселона и на уште неколку шпански екипи има 22 години, но во последно време не го покажува фудбалскиот талент според кој беше прогласен за еден од најнадежните европски фудбалери.

Стагнацијата продолжи и во Милан, клуб за кој одигра вкупно само еден час откако лани потпиша договоро со важност до 2021 година.

Интерес за ангажман на потенцијалниот хрватски репрезентативец има од Бешикташ.

Димитриевски меѓу четирите шпански мускетари за признанието МВП на колото

Столе Димитриевски има малку повеќе од 300 гласови во изборот на официјалната страница на Ла Лига за играч на колото во шпанското првенство.

Гласањето сè уште е во тек, а моментно прв, и тоа убедливо е Луис Суарес, шпицот на Барселона, со над 1.500 гласови. Позицијата број два моментно му припаѓа на напаѓачот на Реал Сосиедад, Жозе Вилијан, кој беше импресивен во победата на Баските против Реал во Мадрид.

Вилијан ѝ е познат и на македонската јавност откако му даде на Вардар четири гола во Скопје во меч од Лигата на Европа.

Зад Димитриевски е Алекс Галјар од Уеска, творецот на победата на неговиот тим против Бетис.

Димитриевски веќе заслужи место во идеалниот тим на 18-тото коло, што му е второ вакво признание, а со извонредните одбрани против Валјадолид за првпат се најде во конкуренција и за МВП на колото.

Гласањето е уште во тек, а својот глас можете да го дадете ТУКА.

 

Саудиска Арабија со покер тргна по покер титули

Саудиска Арабија се надева на четвртата титула на Азискиот куп, а тргнаа со победа од 4-0 против Северна Кореја. Хатан Бабир го отвори бункерот на ривалот со гол во 28-мата минута, па сè потоа одеше полесно за фаворитот.

Мохамед ал Фатил во финишот на првото полувреме повторно ја затресе мрежата на Северна Кореја, селекција која е аутсајдер во групата Е во конкуренција уште и на Катар и на Либан.

Поранешниот фудбалер на Вилјареал, Салем ал Давсари, беше стрелец на третиот гол за Саудиска Арабија, а печат на победата стави поранешниот соиграч на Барди од Леванте, Фахад ал Мувалад за конечни 4-0.

Катар и Либан ќе го играат вториот меч од оваа група утре од 17 часот.