По отказот кој го доби Жозе Мурињо, на негово место доаѓа Мајкл Карик. Челниците на „црвените ѓаволи“ веднаш го именуваа Карик за привремен заменик на Мурињо.
Тој досега беше негов помошник, а функцијата прв тренер ќе ја извршува како привремен, односно вршител на должноста. Во наредните неколку дена треба да се знае и името на вистинскиот наследник на Мурињо.
Мурињо доби отказ поради слабите резултати. Карик како играч помина 12 години на „Олд Трафорд“. Во 464 меча даде 24 погодоци, а освои пет титули во Премиер лигата и една во Лигата на шампиони.
По две и пол години на клупата на Манчестер јунајтед, португалскиот стручњак Жозе Мурињо го напушти кормилото на најтрофејниот англиски клуб.
„Клубот сака да му се заблагодари на Жозе за досегашната работа во Манчестер јунајтед и му посакува успех во понатамошната кариера. Новиот привремен тренер ќе биде наименуван наскоро и тој ќе го води тимот до крајот на сезонава, а во меѓувреме ќе бидеме во процес на ангажирање нов постојан тренер“, стои во соопштението на „црвените ѓаволи“.
Како тренер на Јунајтед, 55-годишниот Мурињо ги освои Лигата на Европа и ФА купот. Сезонава на тимот не му оди добро во Премиер лигата, има 19 бода помалку од лидерот Ливерпул. Португалецот беше во лоши односи со Пол Погба и сето тоа придонесе да биде разрешен.
Една 11-ка, четири десетки и 14 деветки е најдобриот учинок на прогнозерите во деветтото коло на Спортската прогноза. За овие успешни прогнозери ќе има соодветни награди.
Речиси 50 прогнозери погодија осум парови и беа на прагот да добијат ваучер од SPORT LIFE во вредност од 200 денари.
Бојан Парцански беше на прагот да стане првиот добитник на главната награда, телефон „самсунг А6“, бидејќи само еден гол го делеше од подвиг да ги погоди сите 12 парови кои ги дадовме за прогнозирање. Тој имаше само една утка, а тоа е победата на Кристал палас над Лестер од 1-0. Доколку Кристал палас не дадеше гол или ако гостите изедначеа и освоеја бод, Бојан ќе добиеше мобилен телефон, а вака ќе треба да се задоволи со ваучер во вредност од 1.000 денари, што исто така не е за потценување.
На прогнозерите кои внеле број на Sport Life Клуб картичка, ваучерот ќе им биде префрлен автоматски, другите нека ја проверат e-адресата која ја внеле при прогнозирањето.
Подолу погледнете ја целосната листа за ова коло и бројот на погодени за секој прогнозер поединечно:
Манчестер јунајтед игра очајно, а многумина сметаат дека тренерот Жозе Мурињо е виновен за тоа и Португалецот треба да добие отказ. Сепак, Специјалниот засега останува на чело на тимот од „Олд Трафорд“, и тоа само поради една прична.
Доколку челниците на Манчестер јунајтед се решат да го тргнат Мурињо, тоа всушност ќе значи на Португалецот да му подарат 25 милиони фунти. Толку е сумата која Мурињо треба да ја добие до одработувањето на договорот. Во случај на бркање, на тренерот треба да му биде исплатена целосната сума од договорот.
Плаќање на целата сума е доколку Мурињо добие отказ пред почетокот на зимскиот преоден рок, но и сè до оној момент во кој Манчестер има теоретски шанси да се бори за четвртото место на табелата, кое е последно што води во Лигата на шампионите. Доколку биде избркан по завршување на зимскиот преоден рок или во моментот кога Манчестер ќе ги загуби теоретските шанси за освојување на четвртото место, тогаш сумата која Мурињо би ја добил при отказ паѓа на 18 милиони фунти. Минусот од седум милиони е всушност годишната плата за оваа сезона на португалскиот менаџер.
Тоа значи дека Мурињо е мирен барем уште еден и пол месец, но ако не се случи некое подобрување во играта на најтрофејниот англиски клуб, Мурињо може да добие отказ во февруари, а Манчестер да „спаси“ барем седум милиони фунти кои би можеле да завршат во џебот на Мурињо.
Реал Мадрид моментално е во Абу Даби, каде што се подготвува за одбрана на трофејот од Светското клупско првенство. Европскиот првак утре ќе се пресмета со шампионот на Азија, јапонскиот тимот на Кашима (17:30 часот) за влез во финалето.
„Кралевите“ се во добро расположение пред полуфиналната пресметка, а Марсело за брзо време стана хит на социјалните мрежи откако се појави видео како жонглира со тениско топче. Фудбалските способности никогаш не биле спорни кога се работи за бразлискиот бек, a уште еднаш покажа дека може да манипулира и со многу помала топка од фудбалска.
Анахејм дакс со 4-2 славеше на гостувањето во Питсбург кај „пингвините“. „Патките“ на последните десет меча имаат девет победи, а ноќеска ја забележаа четвртата во низа, односно шеста на последните шест гостувања. Против тимот од Питсбург, Анахејм веќе трет меч успева да слави победа.
Веќе 12-ти пат сезонава Анахејм успева да направи пресврт и да стигне до посакуван триумф, додека на четири од тие 12 средби губеле со разлика од два гола по првиот период, како што беше и во овој дуел. Во вториот период гостите на трипати ја тресеа мрежата на Питсбург, а Гецлаф ја реши средбата во последната минута од решавачката третина.
Отава сенаторс го совладаа Нешвил со 4-3 по продолжението, благодарение на Томас Шабот со неговиот гол во 21-вата секунда од дополнителното време. Иако домаќините имаа предност од три гола по првата третина, во наредните две „предаторите“ успеаја да изедначат и да го однесат мечот во продолжение.
Сепак, неивесноста не траеше долго, гостите го загубија поседот на пакот непосредно по почетокот, а Томас Шабот со феноменален гол ја донесе 22-рата победа за Отава сезонава, четврта во продолжение.
Резултати НХЛ:
Колумбус блу џекетс – Вегас голден најтс 1-0
Питсбург пингвинс – Анахејм дакс 2-4
Монтреал канадиенс – Бостн бруинс 0-4
Отава сенаторс – Нешвил предаторс 4-3 (по продолжение)
Наместо на стадион, навивачите на Ривер плејт во Обединетите Арапски Емирати се загреваа среде пустина, само со песок и камили околу нив, и навиваа како да се на натпревар. На локалните жители им се допадна тоа, па и тие им се придружија на аргентинските фанатици.
Во полуфиналето на Светското клупско првенство, Ривер денеска игра со домашниот Ал-Аин. Откако станаа прваци на Јужна Америка, во Ривер уште се во славеничко расположение, а како изгледаше нивното навивање во пустина, погледнете го клипот:
Џејмс Харден повторно блескаше во дресот на Хјустон. Ноќеска го потопи тимот на Јута џез со 47 поени и реализираше клучни поени во последните минути од средбата. Погоди две тројки, а потоа беше успешен од линијата за слободни фрлања, поени кои го решија дуелот во „Тојота центарот“.
Но, она што го направи Брадата пред да ги добие тие две слободни фрлања е апсурдно. Во изолација против Рики Рубио, Харден се обиде со „степ-бек“ да создаде простор за шут и направи очигледни чекори. Наместо да се досуди вистинската одлука, судиите свиреа фаул за Харден, иако еден од арбитрите беше во непосредна близина на Харден.
Пропустот на судиите Јута ја чинеше пораз, додека на Харден не му е прв пат да направи чекор повеќе и притоа да се извлече.
По победата над Стеауа од 34:30 во СЕХА-лигата, со која ракометниот тим на Вардар успешно ја финишираше календарската 2018 година, тренерот Роберто Парондо рече дека е задоволен што сите играчи се вклопиле во менувањето на шемата.
„Среќен сум што победивме. Игравме навистина добро во првото полувреме и разликата од 11 гола предност го одлучи победникот. Потоа малку ја сменивме дефанзивната шема, но сите играчи добро се снајдоа и се адаптираа на сите промени. Стеауа одигра добро во второто полувреме и треба да ѝ се честита“ рече Парондо.
Романците рекоа дека Вардар е една од подобрите екипи во Европа и за нив чест било што си ги одмерувале силите со еден таков моќен тим.
Следниот меч на Вардар во СЕХА е на трети јануари во Нови Сад против Војводина.
Хјустон рокитс го совлада тимот на Јута џез со конечни 102:97 за четврта победа во низа. Џејмс Харден повторно блескаше, со високи 47 поени и две погодени тројки на крајот од средбата ја продолжи победничката серија на „ракетите“. „Брадата“ апсолутно е незапирлив, на последните пет средби бележи просек од 38 поени по натпревар.
Шампионот Голден стејт вориорс го забележа вкупно 21-виот триумф со победата над Мемфис гризлис од 110:93. Ноќ за паметење имаше Стеф Кари, кој со своите 20 поени стигна вкупно до 15.000 поени во својата кариера. Најефикасен беше Кевин Дурант со 23 поени, додека Томпсон одигра под својот просек, но доволни беа 16-те поени за да се одржи победничкиот ритам.
Јанис Адетокумбо го предводеше Милвоки до 20-тата победа сезонава, откако ноќеска Бакси беа подобри од Детроит со 107:104. „Грик фрик“ застана на 32 поени, а во својата статистика додаде и 12 скока. Како и секогаш, имаше помош од својот колега Крис Мидлтон, кој реализираше 22 поени. Ниту трипл-дабл учинокот на Блејк Грифин (19 поени, 11 асистенции, 10 скока) не беше доволен за Детроит да го избегне 14-тиот пораз сезонава.
Резултати НБА:
Детроит пистонс – Милвоки бакс 104:107
Њујорк никс – Феникс санс 110:128
Хјустон рокитс – Јута џез 102:97
Минесота тимбервулвс – Сакраменто кингс 132:105
Оклахома сити тандер – Чикаго булс 121:96
Сан Антонио спарс – Филаделфија севентисиксерс 123:96
Ние користиме колачиња за да се погрижиме да ви го дадеме најдоброто искуство на нашата интернет-страница. Ако продолжите да ја користите оваа страница, ќе претпоставиме дека сте задоволни со неа.