11.8 C
Skopje
сабота, 22 ноември 2025
Дома Blog Страница 9858

Тотенхем се реши да троши – Понуда од 46 милиони фунти за Ундер

Раководството на Тотенхем се одлучи да му обезбеди средства на Маурисио Покетино да доведе засилувања во јануарскиот преоден рок. Приоритет е да се засили офанзивната линија, а прва цел на аргентинскиот стратег е Џенгиз Ундер, фудбалерот на Рома.

Откако „петлите“ останаа без аквизиција во текот на летото, за отворањето на зимскиот фудбалски пазар ќе имаат доволно средства да донесат квалитетно засилување.

Италијанските медиуми пренесуваат дека една понуда за Ундер веќе била одбиена од страна на Рома, а Тотенхем сега е подготвен да издвои 46 милиони фунти за турскиот репрезентативец. За неговите услуги има интерес и од Баерн Минхен, „баварците“ сметаат дека токму Ундер може да биде вистинскиот наследник на Арјен Робен, земајќи предвид дека игра на истата позиција.

Дваесет и едногодишниот крилен напаѓач сезонава настапи вкупно на 17 натпревари во Серија А и во Лигата на шампионите, реализирајќи четири погодоци (по два во двете натпреварувања), како и пет асистенции.

Ништо од враќањето во Милан: Златан останува во Лос Анџелес

Златан Ибрахимовиќ сепак ќе остане во тимот на ЛА галакси. Искусниот Швеѓанец нема да се врати во редовите на Милан, а причина за оваа промена на одлуката е неговото семејство. Шведскиот таблоид „Експресен“ тврди дека сопругата и двата сина на Златан преферираат да останат во Лос Анџелес отколку да се вратат во Европа.

Иако претходно беше најавено дека Ибрахимовиќ прифати неколку месечен договор и одредена плата за повторно да го облече црвено-црниот дрес, очигледно работите се сменија преку ноќ.

По оваа одлука, од раководството на ЛА галакси се подготени да му ја зголемат платата на Златан. Сето тоа ќе се реализира откако Алесандрини и Дос Сантос ќе го напуштат клубот и ќе ослободат финансиски средства за да ја обноват соработката со нивната „деветка“.

Голгетерот моментално заработува 1,5 милиони долари годишно, што е речиси четири пати помалку од годишната плата на Џовани дос Сантос, која изнесува шест милиони долари.

Мартин Лантеро е најсреќниот навивач на Ривер плате

Мартин Лантеро е навивач на клубот Ривер плате и отпатува од Мадрид до Буенос Аирес за да го гледа реваншот од финалето на Копа Либертадорес, но остана со празни раце бидејќи дуелот беше одложен.

Тој беше многу разочаран, но разочарувањето се претвори во радост кога дозна дека реваншот ќе се игра во градот во којшто живее и сепак ќе може да ја гледа средбата во која ќе се одреди првакот на Јужна Америка.

„Пред една и пол година се преселив во Шпанија. Сега ќе имам историска прилика да присуствувам на мечот на кој сакаат да бидат сите навивачи на Ривер. Бев во Буенос Аирес и кога се одложи мечот, бев премногу разочаран. Натпреварот требаше да се игра на „Монументал“, кај нас дома, не можам да ја оправдам одлуката бидејќи клубот не е виновен за тоа што се случи. Ни ја одземаа предноста на домашниот терен. Кога веќе се реши да биде во Мадрид, требаше да пуштат на стадион да влезат само навивачи на Ривер“, вели 25-годишниот Мартин, кој работи за дигитална маркетинг-агенција.

Еди Херн договара боксерски меч меѓу Џошуа и Вајлдер

Промотерот Еди Херн, во Лос Анџелес преговара за организирање на боксерски спектакл помеѓу Ентони Џошуа и Дионте Вајлдер. Само неколку дена по битката на Вајлдер со Тајсон Фјури, која заврши нерешено, Херн веќе е во преговори и договара детали околу наредната борба во тешка категорија, од која победникот може да си замине со појасите во сите пет верзии.

Неофицијално, Херн планира „борбата над борбите“ да се одржи на 13-ти април, на „Вембли“ во Лондон, каде што Британецот Џошуа, кој е владетел во четири верзии, ќе биде во улога на домаќин, а Американецот Вајлдер би бил предизвикувач.

Откако викендов Вајлдер и Фјури ремизираа и останаа непоразени, кај двајцата имаше желба за реванш и нова борба во која речиси сигурно би имало победник. Се предлагаа Лондон и Лас Вегас, но Херн сака Џошуа да боксува со Вајлдер, кој го има појасот на ВБЦ.

Херн мисли дека нерешениот резултат му оди во прилог за полесно да дојде до Вајлдер, бидејќи ако победеше, можеби ќе бегаше од дуел со Џошуа. Вака, Вајлдер чувствува дека би го загубил реваншот против Фјури, па би се обидел против Џошуа.

Шахтар го селат во Киев

Европската фудбалска унија, УЕФА, соопшти дека претстојниот меч од Лигата на шампионите помеѓу украински Шахтар и француски Лион ќе се игра во Киев.

Овој дуел требаше да се игра на 12-ти декември во Харков, но сепак е решено е да се пресели на „Олимписки“ во Киев, откако во некои делови на Украина е воведена воена состојба. Ова значи дека Шахтар како домаќин ќе игра на стадионот на неговиот ривал Динамо.

Лион е на второто место во групата Ф, а Шахтар е трети со два бода помалку. Првото место црвсто го држи Манчестер сити, а Шахтар мора да слави против Лион ако сака да оди во осминафиналето, во спротивно ќе стравува дека ќе може да остане и без Лигата на Европа, доколку загуби, а Хофенхајм го совлада Сити.

Законот за воена состојба во Украина е воведен по инцидентот во кој руската крајбрежна стража во Црното море заплени три брода на украинската воена морнарица и го зароби екипажот.

Рони О`Саливен и на 43 години игра како „ракета“

Најпопуларниот играч на снукер на светот, Рони О`Саливен, со 6:1 го совлада Џек Лисовски и се пласира во четврт-финалето на Отвореното првенство на Обединетото Кралство, еден од најценетите турнири на светот.

Со победата, Англичанецот си го честиташе својот 43-ти роденден. Лисовски поведе со 1-0 во фрејмови, но потоа заигра послабо, а „ракетата“ покажа кој е кој и на противникот му немаше спас. Во четврт-финалето, Рони ќе се сретне со Динг Џунхуи или Мартин О`Донел, меч кој се игра утре.

Доколку ја одбрани титулата во Јорк, О`Саливен ќе дојде до рекорден седми трофеј од овој ценет турнир (сега го дели првото место со Стив Дејвис). О`Саливен сега има 17 четврт-финалиња на овој турнир.

„Уживав во играта. Уште не сум во најдобра форма, ми треба време, но на добар пат сум. Супер нервозен сум, но барем ја имам постојаноста. Сè додека сум компетитивен, кај мене ќе го има гладот за играње“, изјави петкратниот светски првак.

Обрадовиќ „везе“ српско оро на мекици кај Весели (Видео)

Тренерот Жељко Обрадовиќ и кошаркарите Ахмет Дувериоглу и Николо Мели се главните ѕвезди на видеоклипот кој го имаат снимено присутни на прославата по повод раѓањето на дете на центарот Јан Весели.

Чехот Весели и неговата сопруга Наталија, која е Србинка, пред две недели добија син, кој го крстија Лијам, а на прославата се свиреле различни типови музика. Во чест на мајката, имаше и српски ора, а тренерот Обрадовиќ покажа завидна техника при играњето.

Имаше музика и за останатите вкусови, а според снимката, највесел бил Дувериоглу, но и Италијанецот Мели.

Откако стана татко, Весели сакаше утредента да игра против Олимпијакос, но сепак тренерот сметаше дека треба да го изостави од тимот дека раѓањето на синот е поважно од победата, а Фенер и без центарот славеше во Пиреа.

Погледнете како изгледаше забавата:

Вардар фаворит, но дерби си е дерби, Металург не се предава

Ракометарите на Металург и Вардар од 20.15 часот во „Борис Трајковски“ ќе го одиграат својот втор меѓусебен дуел сезонава во регионалната СЕХА-лига. Домашните велат дека Вардар е фаворит, но нема да се предадат однапред.

Ќе играме со една од најдобрите четири екипи во Европа. Двајца играчи на Вардар чинат колку целиот буџет на Металург, но ние 60 минути го оставаме срцето на теренот. Е сега, има ситуации кога толку ни се можностите. Тоа ви е како деца од шесто одделение да тргнат да се тепаат со деца од осмо одделение. Ме радува што одиме по нагорна линија. Нормално дека се појавуваат работи кои не се како што треба. Очекувам битка, не можам да кажам дека не ме интересира резултатот, но поквалитетни се, ќе дадеме сè од себе и очекувам добар резултат, а тоа за мене е победа и од еден разлика“, вели тренерот Данило Брестовац.

Традицијата е на страната на Вардар, кој има седум победи, Металург една, а еднаш било нерешено. На последниот меѓусебен дуел на 29-ти август Вардар победи со 34:28.

На Вардарци им требаат бодовите за да останат во трка за првото место. Вардар е на делба на второто место со Татран и Нексе, но македонскиот тим има и еден меч помалку.

„Во дерби-мечевите сите исходи се можни. Ова е повеќе од обичен меч од регуларната сезона. Очекувам добра атмосфера и се надевам дека сите навивачи ќе уживаат во натпреварот. Одлично е што Скопје има два добри ракометни тима“, изјави тренерот на „црвено-црните“, Роберто Парондо.

 

Роналдо се премисли, го „откачи“ Меси за Ривер-Бока

Иако имаше најави дека Лионел Меси и Кристијано Роналдо заедно ќе го гледаат финалето од Копа Либертадорес помеѓу Ривер плате и Бока јуниорс, сепак Португалецот нема да се појави во Мадрид.

Кристијано избегнува да биде на исто место со претседателот на Реал Мадрид, не сакаше да се појави при прогласувањето на Лука Модриќ за фудбалер на годината, па иако доби покана, реши да не се појави во ложата на стадионот на којшто во дресот на Реал даде огромен број голови.

За Роналдо, уште е рано да се појави во Мадрид, раните по преминот од Реал во Јувентус уште се свежи, релацијата со раководството на Кралскиот клуб му е лоша и иако првично бил ентузијастички расположен да замине да го гледа Суперкласико, сепак во недела нема да се појави.

Аргентинецот Меси потврди дека ќе биде во Мадрид и ќе го гледа во живо двобојот на двата аргентински ривали за кои никогаш нема играно во кариерата, па веројатно сеедно му е кој ќе триумфира. Но на фановите не им е сеедно, победникот веројатно ќе се фали во наредните 100 години.

Умит Каран: Со срце и борбеност Шкупи ја преброди кризата

Умит Каран се покажа како одлично решение за позицијата шеф на стручниот штаб и успеа да го разбуди Шкупи од кризата и од дното на табелата да го искачи на петтото место по првиот дел од сезоната.

Турската фудбалска легенда играше за гигантот Галатасарај, а Шкупи му е првиот клуб каде што е главен тренер и успешно ја почна мисијата.

Тој ги предводеше чаирчани од клупата на 10 меча и има биланс од 5 победи, три нерешени и два порази, што е добар ефект за почеток.

„Кога дојдов, клубот беше во резултатска криза, но имаше и други проблеми. Се обидов да ја вратам атмосферата, тренинзите да бидат пријатни, но и ефектни. Немаме голем фонд на играчи, но затоа Шкупи има одлични млади фудбалери на кои им дадовме простор за докажување. За мене најважно е секој играч да се бори до максимум, да го остави срцето на терен. Мислам дека стигнавме до степен до кој би можеле да бидеме задоволни. Сега останува да се засилиме и да продолжиме во добар ритам и во вториот дел од првенството“, вели Каран за клупската интернет-страница на Шкупи.

Тој најави дека клубот ќе организира зимски подготовки во Анталија, ги пофали навивачите на Шкупи и очекува уште подобри резултати на чаирчани во пролетниот дел од шампионатот.