11.8 C
Skopje
вторник, 26 август 2025
Дома Blog Страница 9519

„Минималец“ за Вардар против Металург

Вардар славеше како гостин против Металург со 27:26 во СЕХА-лигата и со новите три бода го зазеде првото место на табелата во ова регионално натпреварување, со еднаков број бодови како ППД Загреб.

Вардарци добро го отворија натпреварот и предводени од расположениот Дисингер, поведоа со 8-4. Но, тука подзастанаа и домашните направија убава серија од 9-3 за предност од 13-11 по првото полувреме.

Хроничен проблем на Металург е второто полувреме, но овојпат момците на тренерот Брестовац добро се држеа, подолго од вообичаеното. Веројатно за тоа придонесе големата мотивација која ја имаа. Кај Металург добро бранеше Даниловски, во тие воведни минути од вториот дел во нападот се истакна Стојановиќ, па во 36-тата минута Металург водеше со 16-12, а Парондо повика тајмаут за да им порача на своите играчи да бидат поцврсти.

Вардар почна да ја намалува негативата, дури и поведе со разлика од два гола на пет минути до крајот. Металург изедначи, се играше гол за гол, а последниот напад го имаа домашните, но шутот на Шпенде заврши покрај стативата на голот на гостите.

Вардар во СЕХА пет години не знае за пораз од Металург. Триото Криштопанс, Дисингер и Чупиќ со по 5 гола беа најефикасни кај Вардар, Скубе даде 4 и заедно со 17-годишниот голман Марко Кизиќ, кој имаше 14 одбрани, беа творци на победата. Кај Металург, Даниловски имаше девет одбрани, а Шпенде даде 6 гола од 14 шута, но не го погоди оној најважниот со којшто можеше да му донесе бод на Металург.

Атлетико без грешка до осминафиналето на Кралскиот куп

Атлетико Мадрид со 4-0 (вкупно 5-0 по двете средби) го совлада нисколигашот Сант Андреу за пласман меѓу 16-те најдобри екипи во Кралскиот куп. „Јорганџиите“ сите четири погодоци ги реализираа во второто полувреме, а по еднаш погодуваа Лемар, Калиниќ, Кореа и Витоло.

Жирона со конечни 2-1 го елиминираше тимот на Алавес, откако по првата средба резултатот гласеше 2-2. Гостите поведоа во 62-рата минута благодарение на автоголот на Алкала, а потоа за пет минути Жирона успеа да направи пресврт.

Во 74-тата минута израмни Гранел, додека Порту во 79-тата минута стрелаше за 2-1 и го однесе својот тим во осминафиналето на Кралскиот куп.

 

Марсеј два пати водеше и пак загуби, Рен го изненади Лион

Марсеј со конечни 3-2 загуби на гости кај Нант, во мечот од рамките на 16-тото коло во Лига 1. Ибзраниците на Руди Гарсија во два наврати реализираа голови за водство, но на крајот сепак останаа со празни раце.

Сансон им донесе предност на гостите во 28-мата минута, меѓутоа радоста им траеше само две минути бидејќи Сала набрзо потоа израмни на 1-1. Во 36-тата минута беше досуден пенал во корист на Марсеј, Тован го реализираше, а домаќините пред финишот на полувремето одново се вратија резултатски, овојпат преку Туре. Со голот на Бошила во 64-тата минута Нант успеа да направи целосен пресврт, а воедно да им го нанесе шестиот овосезонски пораз на Марсеј во францускиот шампионат.

Лион пред своја публика беше шокиран од Рен со конечни 2-0. „Лавовите“ немаа одговор за расположените Бен Арфа и Сиебатчу, кои реализираа по еден гол во рок од две минути, во 41-вата и во 43-тата минута.

За Лион ова е четврти пораз сезонава, испуштија голема шанса да се вратат на втората позиција на табелата, со 28 бода засега остануваат на четвртото место, со два бода разлика зад второпласираниот Лил, односно еден бод зад третопласираниот Монпелје.

Резултати Лига 1 16. коло:

Лион – Рен 0-2

Нант – Марсеј 3-2

Каен – Ним 1-2

Дижон – Гингам 2-1

Реим – Тулуз 0-1

Бордо – Сент Етјен 3-2

Стразбур – ПСЖ  21 часот

 

На Мундијалот во Катар ќе се игра фудбал од утро до мрак

Иако има уште точно четири години до стартот на Светското првенство во Катар, организаторот не остава многу работи на случајност. Овој Мундијал ќе биде посебен, бидејќи за првпат планетарниот собир ќе биде во зима. Според распоредот, ноември и декември во 2022 година ќе биде резервирани за Катар и за светските фудбалски возбудувања.

Катар реши сите стадиони да бидат целосно новоизградени, а сите ќе бидат во растојание од нецели 70 километри. Според шпекулациите кои се појавија, на Мундијалот во Катар ќе има целодневна фудбалска возбуда. Ќе има по четири меча на ден, а првиот ќе биде во термин од 11 часот по македонско време. Следните мечеви би започнувале во 14, 16 и 20 часот.

„Веруваме дека ова ќе биде посебно Светско првенство. Играчите ќе бидат во форма и ќе бидат многу поодморни. Плус првенството нема да трае повеќе од 28 дена“, вели потпретседателот на ФИФА, Џим Бојс.

 

Страшна повреда на Невен Суботиќ (Видео)

Невен Суботиќ, дефанзивецот на Сент Етјен, доживеа тешка повреда во првото полувреме на мечот против Бордо. Во првите 45 минути двете екипи дадоа по еден гол, но сè остана во сенка на повредата на Суботиќ.

Централниот дефанзивец сакаше да расчисти една ситуација од пред својот гол кога на него налета голманот на Сент Етјен и со колено го удри директно во главата и го нокаутираше.


Веднаш во теренот втрча лекарската екипа, а по лицето на српскиот фудбалер се разлеа крв. По неколкуминутна интервенција, Суботиќ беше пренесен во болница, каде што се надеваме дека сè ќе биде во ред со него.

https://twitter.com/brfootball/status/1070389986468352000

Џон Вол се сели во најскапата франшиза во НБА

Организаторот на играта на Вашингтон визардс, Џон Вол, по осум години би можело да ја напушти екипата која му ги отвори вратите во светот на НБА. Њујорк никс е тимот кој е загреан за неговите услуги, а медиумите од САД најавуваат дека „магионичарите“ се подготвени да го трејдуваат Вол.

Се споменува трејд помеѓу три клуба, додека тројца играчи би го напуштиле тимот на Њујорк со цел да се ослободат средства за дваесет и осумгодишниот плејмејкер.

Вашингтон го избра Вол за прв „пик“ на драфтот во 2010 година, сезонава бележи просек од 21 поен и осум асистенции во 24 натпревари, на кои во просек игра по 35 минути. Визардс имаат учинок од 10-14 во Лигата и се првиот тим на Истокот под линијата за местата во плејофот.

Тотенхем се реши да троши – Понуда од 46 милиони фунти за Ундер

Раководството на Тотенхем се одлучи да му обезбеди средства на Маурисио Покетино да доведе засилувања во јануарскиот преоден рок. Приоритет е да се засили офанзивната линија, а прва цел на аргентинскиот стратег е Џенгиз Ундер, фудбалерот на Рома.

Откако „петлите“ останаа без аквизиција во текот на летото, за отворањето на зимскиот фудбалски пазар ќе имаат доволно средства да донесат квалитетно засилување.

Италијанските медиуми пренесуваат дека една понуда за Ундер веќе била одбиена од страна на Рома, а Тотенхем сега е подготвен да издвои 46 милиони фунти за турскиот репрезентативец. За неговите услуги има интерес и од Баерн Минхен, „баварците“ сметаат дека токму Ундер може да биде вистинскиот наследник на Арјен Робен, земајќи предвид дека игра на истата позиција.

Дваесет и едногодишниот крилен напаѓач сезонава настапи вкупно на 17 натпревари во Серија А и во Лигата на шампионите, реализирајќи четири погодоци (по два во двете натпреварувања), како и пет асистенции.

Ништо од враќањето во Милан: Златан останува во Лос Анџелес

Златан Ибрахимовиќ сепак ќе остане во тимот на ЛА галакси. Искусниот Швеѓанец нема да се врати во редовите на Милан, а причина за оваа промена на одлуката е неговото семејство. Шведскиот таблоид „Експресен“ тврди дека сопругата и двата сина на Златан преферираат да останат во Лос Анџелес отколку да се вратат во Европа.

Иако претходно беше најавено дека Ибрахимовиќ прифати неколку месечен договор и одредена плата за повторно да го облече црвено-црниот дрес, очигледно работите се сменија преку ноќ.

По оваа одлука, од раководството на ЛА галакси се подготени да му ја зголемат платата на Златан. Сето тоа ќе се реализира откако Алесандрини и Дос Сантос ќе го напуштат клубот и ќе ослободат финансиски средства за да ја обноват соработката со нивната „деветка“.

Голгетерот моментално заработува 1,5 милиони долари годишно, што е речиси четири пати помалку од годишната плата на Џовани дос Сантос, која изнесува шест милиони долари.

Мартин Лантеро е најсреќниот навивач на Ривер плате

Мартин Лантеро е навивач на клубот Ривер плате и отпатува од Мадрид до Буенос Аирес за да го гледа реваншот од финалето на Копа Либертадорес, но остана со празни раце бидејќи дуелот беше одложен.

Тој беше многу разочаран, но разочарувањето се претвори во радост кога дозна дека реваншот ќе се игра во градот во којшто живее и сепак ќе може да ја гледа средбата во која ќе се одреди првакот на Јужна Америка.

„Пред една и пол година се преселив во Шпанија. Сега ќе имам историска прилика да присуствувам на мечот на кој сакаат да бидат сите навивачи на Ривер. Бев во Буенос Аирес и кога се одложи мечот, бев премногу разочаран. Натпреварот требаше да се игра на „Монументал“, кај нас дома, не можам да ја оправдам одлуката бидејќи клубот не е виновен за тоа што се случи. Ни ја одземаа предноста на домашниот терен. Кога веќе се реши да биде во Мадрид, требаше да пуштат на стадион да влезат само навивачи на Ривер“, вели 25-годишниот Мартин, кој работи за дигитална маркетинг-агенција.

Еди Херн договара боксерски меч меѓу Џошуа и Вајлдер

Промотерот Еди Херн, во Лос Анџелес преговара за организирање на боксерски спектакл помеѓу Ентони Џошуа и Дионте Вајлдер. Само неколку дена по битката на Вајлдер со Тајсон Фјури, која заврши нерешено, Херн веќе е во преговори и договара детали околу наредната борба во тешка категорија, од која победникот може да си замине со појасите во сите пет верзии.

Неофицијално, Херн планира „борбата над борбите“ да се одржи на 13-ти април, на „Вембли“ во Лондон, каде што Британецот Џошуа, кој е владетел во четири верзии, ќе биде во улога на домаќин, а Американецот Вајлдер би бил предизвикувач.

Откако викендов Вајлдер и Фјури ремизираа и останаа непоразени, кај двајцата имаше желба за реванш и нова борба во која речиси сигурно би имало победник. Се предлагаа Лондон и Лас Вегас, но Херн сака Џошуа да боксува со Вајлдер, кој го има појасот на ВБЦ.

Херн мисли дека нерешениот резултат му оди во прилог за полесно да дојде до Вајлдер, бидејќи ако победеше, можеби ќе бегаше од дуел со Џошуа. Вака, Вајлдер чувствува дека би го загубил реваншот против Фјури, па би се обидел против Џошуа.