20.8 C
Skopje
среда, 6 август 2025
Дома Blog Страница 9554

Српскиот првак веќе заработи 20 милиони евра од ЛШ!

Црвена ѕвезда има двојна причина за славење вечерва. Неочекуваната победа против Ливерпул освен што донесе три бода, на тимот од стадионот „Рајко Митиќ“ му донесе и многу пари. Според пресметките, српскиот првак сезонава досега заработи 20 милиони евра.

Победата над Ливерпул значеше нови 2,7 милиони евра, кои ако се додадат на 900.000 евра заработени од бодот освоен против Наполи, Црвена ѕвезда досега од четирите освоени бода вкупно има заработено 3,6 милиони евра. На оваа сума треба да се додадат и 15.250.000 евра кои ги добија сите 32 учесника во групната фаза. Низ квалификациите, Ѕвезда заработи 1.140.000 евра, што значи дека досега вкупно „црвено-белите“ имаат заработено 19.900.000 евра од настапите во ЛШ. Во оваа сума не се пресметани и парите кои треба да ги добијат од ТВ-правата, како и финансиите заработени од продадените влезници. На двата домашни меча, стадионот на Ѕвезда беше полн, што значи и многу пари од  продадените билети.

Едноставно, Црвена ѕвезда на вистински начин го искористи фактот дека успеа да се пласира во групната фаза од елитното натпреварување на УЕФА.

 

Клоп: Добра атмосфера, направивме многу грешки

Црвена ѕвезда заслужено триумфираше со 2-0 над Ливерпул во мечот од четвртот коло во Лигата на шампионите. Јирген Клоп по средбата истакна дека победата за „црвено-белите“ е сосема заслужена, а една од причините за поразот се неискористените шанси на неговите избраници.

„Потребни ми се повеќе од 10 прсти за да ги набројам грешките кои ги направивме. Стариџ промаши добра шанса, секој гол на овој меч водеше кон посебна насока. Направивме премногу прекини, а вториот гол се случи од никаква ситуација. Имавме добри и лоши моменти, доминиравме во вториот дел, но залудно. Им честитам на фудбалерите на Ѕвезда, ја заслужија победата и трите бода. Атмосферата беше добра, но не толку посебна за да не можеме да се фокусираме на фудбалот“, истакна Клоп по натпреварот.

Од каде се појави новиот херој на Црвена ѕвезда, Милан Павков?

Црвена ѕвезда го направи најголемото изненадување во досегашниот дел од Лигата на шампиони. На стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград, „црвено-белите“ со 2-0 го победија актуелниот европски вицепрвак Ливерпул. Ѕвезда покажа како со многу желба, борба и без страв може да се победи секој противник, па дури и тој да се вика Ливерпул.

Милан Павков ги даде двата гола во првото полувреме за голема радост на околу 60.000 гледачи на стадионот. Најпрво Павков со глава погоди за 1-0, покажувајќи дека и против Англичаните може да доминира во скок-играта, а потоа да погоди и од далечина, кога упати вистинска „бомба“ и го совлада бразилскиот репрезентативен чувар Алисон.

Многумина се прашуваат кој е Милан Павков, новиот херој на Црвена ѕвезда? Напаѓачот кој е роден во Нови Сад пред 24 години започнал во РФК Нови Сад, а потоа играл и во Младост Бачки Петрол. Во 2013 година се пресели во ЧСК Челарево од Бачка Паланка. Таму се промовирал во прв стрелец на Српската лига Војводина, постигнувајќи 18 гола во 27 меча.

По таа игра, добил понуда да заигра за Војводина, но во јуни 2016 година го раскинува договорот. Раднички Ниш го довел Павков и потпиша тригодишен договор. Како играч на Раднички успева да им даде голови и на Партизан и на Црвена ѕвезда. Токму од Ѕвезда решаваат да го купат и за него платија 300.000 евра, пари кои Павков ги врати, и тоа повеќекратно само со двата гола против Ливерпул.

„Павков го знам уште од третата лига, кога го забележав бидејќи ни беше потребен таков тип играч. Сепак, не смеев да го доведам од третата лига, не бев доволно убеден во него. Кога отидов да гледам еден меч на Раднички Ниш, Павков одигра одлично. Знаеше да се загради, да игра со глава, да ја задржи топката. Тогаш и решив да го доведам“, открива генералниот директор на Црвена ѕвезда, Ѕвездан Терзиќ.

Едноставно, играчот кој до неодамна беше во третата лига, сега блесна против Ливерпул и се претвори во нов херој на сите фанови на „црвено-белите“. Павков е уште една убава приказна за тоа како никогаш не треба да се откажеш и мора да се биде упорен, а со многу труд и желба, се стигнува до посакуваната цел.

Сопственикот на Монако притворен поради корупција

Рускиот бизнисмен Дмитри Риболовљев, кој е сопственик на клубот Монако, денеска е приведен од француската полиција поради корупција и судир на интереси. Тој разменувал смс-пораки и се обидувал да подмити судии и ексминистер за правда да бидат на негова страна во судењето со еден швајцарски бизнисмен.

Ова е нов удар за Монако, кому ништо не му оди од рака, во француската лига е на дното само со една победа, а и во Лигата на шампионите реди порази, од кои најсрамен беше овој вечерашниот од Бриж со 0-4.

Сигурно и веста за апсењето на сопственикот негативно влијаеше врз екипата на тренерот Тјери Анри, па Монако претрпе дебакл. Покрај Риболовљев, за овој случај се приведени уште неколку лица.

Црвена ѕвезда направи сензација против Ливерпул, нова бламажа на Монако

Црвена ѕвезда забележа историска победа од 2-0 против Ливерпул, пред преполниот стадион „Рајко Митиќ“ во Белград. Во рамките од четвртото коло во групната фаза во ЛШ, српскиот првак го забележа и првиот триумф по четири средби, благодарение на двојниот стрелец Милан Павков.

Домаќините за првото славење стигнаа во 22-та минута, кога голгетерот на Ѕвезда беше највисок во скокот по изведениот корнер, а Павков со глава погоди експлозија на трибините на популарната „Маракана“. Седум минути подоцна, по еднен контранапад на „црвено-белите“, Павков без многу колебање испрати удар од дваесетина метри кон голот на гостите и го матираше Алисон со прекрасен погодок.

Ливерпул во продолжението во неколку наврати се обидуваше да се врати резултатски, но одбраната и голманот на домаќините одолеаја на секој напад од „црвените“, за на крајот Ѕвезда да издвои сензационална победа против актуелниот европски вицешампион.

Монако претрпе нов срам пред своите навивачи откако Клуб Бриж ги совлада „кнезовите“ со 4-0. Гостите веќе по првите 45 минути имаа убедлива предност од три гола, Ванакен погоди два пати, а потоа и Весли. Конечниот резултат го постави Вормер во 85-тата минута од средбата.

Кавси одлучија, Дру на клупата до крајот на сезоната

Лери Дру ќе го предводи тимот на Кливленд кавалирс до крајот на сезоната, откако управата на франшизата од Охајо одлучи да му даде шанса. Дру и официјално стана наследник на Тајрон Лу, кој заедно со неговата десна рака пред извесно време добија отказ.

По катастрофалниот почеток на сезоната, Дру е човекот кој придонесе за Кливленд да ја запише првата победа, но и натаму нивниот учинок е ужасен, поточно 1-9. Тој доби договор според кој е назначен за привремено решение до крајот на сезоната, но може да се задржи уште една година, во зависност од резултатите кои ќе ги оствари тимот.

Кавалирс значително се ослабени оваа сезона откако им замина првата ѕвезда Леброн Џејмс, кој кариера ја продолжи во Градот на Ангелите, во дресот на Лејкерси.

Познат списокот на тимот У-19 за претквалификациите во Чешка

Македонската репрезентација за фудбалери до 19 години од 14-ти до 20-ти ноември во Кромериц, Чешка, ќе го одигра квалификацискиот турнир за пласман во елитната фаза на УЕФА. Нашата селекција е во група со Чешка, Хрватска и Луксембург.

Првиот меч е против Хрватска, потоа со Чешка, а на крајот со Луксембург. Место во елитната фаза од квалификациите за ЕП обезбедуваат двете најдобри репрезентации од групата.

Селекторот Горан Станковски за турнирот во чешки Кромериц ќе смета на следните фудбалери:

ГОЛМАНИ: Бојан ТИМЕВСКИ (Саса Каменица), Стефан ЈАКИМОВСКИ (Њу Старс), Методија ВЕЛКОВСКИ (Вардар);

ОДБРАНА:  Зоран ИВАНОВСКИ (Академија Пандев), Христијан ДИМОВ (Интер Запрешиќ, Хрватска), Филип АНТОВСКИ (Вардар), Џејми ПЕРЧЕВСКИ (Фортуна Дизелдорф, Германија), Стефан СИМОНОВСКИ (Генц Калемлер), Стефан НАУМЧЕСКИ (Вардар);

СРЕДЕН РЕД: Бесник ФЕРАТИ (Партизани, Албанија), Анес ОСМАНОСКИ (Унтерахинг, Германија), Томче ГРОЗДАНОВСКИ (Тренчин, Словачка), Али АДЕМ (Вардар), Енис ФАЗЛАГИЌ (Жилина, Словачка), Алекс ТАЛЕСКИ (Вардар);

НАПАД: Јакуп БЕРИША (Вардар), Марио НАУМОСКИ (Победа), Сухел МУАРЕМИ (Шкупи), Марко Ѓоргиевски (Борец), Бојан КОЛЕВСКИ (Борец), Дарко ЧУРЛИНОВ (Келн, Германија);

„Верувам во фудбалерите и убеден сум дека ќе дадат сѐ од себе да се бориме за пласман во следната фаза квалификации. Имавме доволно време да се запознаеме и да се подготвиме за предизвикот кој го носи овој турнир. Наша цел е пласман на едно од првите две места, иако како главни фаворити и според квалитетот и според рејтингот се издвојуваат Чешка и Хрватска. Имаме одлични поединци во тимот, но колективот мора да биде на прво место доколку сакаме да оствариме позитивни резултати“, изјави селекторот.

„Бомбата“ на Павков за ерупција на „Маракана“ (видео)

Вистинска ерупција се случи на стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград, каде што на средбата меѓу Црвена ѕвезда и Ливерпул резултатот е 2-0 по првото полувреме. Во 25-тата минута, напаѓачот на домаќините, Милан Павков, го постигна својот втор гол на средбата, а погодокот беше вистински убавец.

Од далечина речиси од 20 метри, Павков не се двоумеше да го издави максимумот од голманот на „црвените“ и ја смести топката во мрежата, гол по кој присутните на стадионот „паднаа во транс“.

https://www.dailymotion.com/video/x6wrmgs

Кожув поразен од албанската Теута во БИБЛ

Кожув е поразен од албанската Теута со 85:94 во мечот од регионалната Балканска лига (БИБЛ) во кошарка. За гевгеличани, ова беше втор настап сезонава и втор пораз, додека Теута има 3-0, а ова им беше прво гостување и прв успех.

По 30 минути игра, гостите имаа 16 поени плус, но Кожув заигра одлично, ја стопи негативата и на три и пол минути пред крајот, дојде на 81-84. Сепак, по тајмаутот, улогите се сменија, Теута реализираше во наредните четири напади и се одлепи на 81-92, со што го одлучи победникот.

Пековиќ со 23 поени беше најефикасен во поразениот тим, Радуловиќ даде 16, а Мишковиќ и Караколев по 13. Кај гостите, тројца поединци имаа 20 или повеќе поени.

Кожув имаше повеќе скокови и асистенции, малку подобра реализација на шут, но и десет загубени топки повеќе, што беше клучно бидејќи Теута даде многу лесни поени од контранапади. Наредниот настап на тимот на тренерот Павле Николов во БИБЛ е на 14-ти ноември, на гости кај косовскиот претставник Башкими.

Лукаку го пропушта Јувентус

Напаѓачот на Манчестер јунајтед, Ромелу Лукаку, не допатува за Торино со остатокот од тимот во пресрет на реванш-средбата против Јувентус во Лигата на шампионите. Белгиецот се мачи со повреда, па така, на последните подготовки тој не присуствуваше на тренингот, што е знак дека не е комплетно подготвен за настап.

Претходно ги пропушти и двата последни меча во Премиер лигата, во кои „црвените ѓаволи“ издвоија две победи, против Евертон и Борнмут.

„Потребни му се уште неколку дена за да закрепне. Не знам што точно се случи, мислам дека се повреди на тренинг, па ќе мора да чекаме уште малку за Лукаку да се врати во тимот“, истакна Мурињо.

Средбата е предвидена за утре, со почеток од 21 часот.